Досега пласман во четврт-финалето обезбедија селекциите на Франција, Русија, Данска, Германија, Шпанија и Бразил. Најнеизвесно е во групата 2, каде што три селекции конкурираат за првите две места, светскиот првак Холандија, европскиот шампион Норвешка и Шведска

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ

Познати се шест од осумте репрезентации што се пласираа во четврт-финалето на Светското првенство (СП) во ракомет за жени, кое се одржува во Шпанија, по одигрувањето на натпреварите од второто коло од главната групна фаза.
Првите две позиции во групата 1 ги освоија селекциите на Франција и на Русија, па во денешното меѓусебното соочување ќе одлучат која од нив ќе го освои првото место. Србија не успеа да го одржи водството од првото полувреме (12-9) против олимпискиот првак Франција и загуби со 19-22, а Русија оствари победа со 31-25 над Црна Гора. Во последниот дуел од оваа група репрезентацијата на Полска направи изненадување, совладувајќи ја Словенија, со 27-26.
Најнеизвесно ќе биде во групата 2, каде што три репрезентации се во конкуренција за освојување на првите две места во групата. Во дербито на денот, европскиот шампион Норвешка и Шведска одиграа нерешено, 30-30. Во преостанатите средби, Романките без тешкотии го надиграа Порторико со 43-20, а актуелниот светски првак, репрезентацијата на Холандија, славеше над Казахстан, со 61-15, но не го надмина рекордот на Шведска по бројот на постигнати голови.
Во денешното, петто коло силите ќе ги одмерат Холандија и Норвешка, кои имаат ист број бодови, а Шведска со еден бод помалку ќе игра против Романија, па со победа, а пораз на една од двете водечки репрезентации, ќе обезбеди четврт-финале.
Во групата 3, Данска ја победи Чешка со 29-14, Германија беше убедлива против Јужна Кореја со 37-28, а Унгарија го победи Конго со 30-22. Данска и Норвешка обезбедија пласман меѓу осумте најдобри репрезентации на Светското првенство.
И во групата 4, домаќинот Шпанија и Бразил се пласираа во четврт-финалето, откако Шпанија ја совлада Хрватска со 27-23, Бразил со 24-19 беше подобар од Аргентина, а Јапонија минимално славеше со 30-32 против Австрија.
Засега најефикасен напад на СП 2021 има репрезентацијата на Холандија, со 178 реализирани погодоци, а најдобра одбрана има Франција, со 72 примени гола.