Многу внимателно го следиме развојот на здравствената состојба во Германија. Што се однесува до концептот за хигиена, го користиме искуството од Европското првенство за жени во Данска, каде што успеавме да создадеме „балон“ за сите ракометарки, што целосно го штити нивното здравје, вели претседателот на ЕХФ, Видерер

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Фајнлфор-турнирот во ракометната Лига на шампионите (ЛШ) ќе се одржи на 28 и на 29 декември во Келн, без публика и во согласност со сите здравствени протоколи против ковид-19.
– Многу внимателно го следиме развојот на здравствената состојба во Германија. Во близок контакт сме со нашите партнери на самото место, како и со локалните здравствени власти, и ги следиме сите барања. Што се однесува до концептот за хигиена, го користиме искуството од Европското првенство за жени што се игра во Данска, каде што успеавме да создадеме „балон“ за сите ракометарки, што целосно го штити нивното здравје – вели претседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер.
Директорот за маркетинг на ЕХФ, Давид Шлезак, вели дека прават сѐ што е во нивна моќ да обезбедат најдобри услови и максимална безбедност за играчите.
– Одржувањето на фајналфорот во Келн е сигнал до светот на спортот дека настани од вакви размери може да се одржат во безбедна средина. Правиме сѐ што е во наша моќ да ги гарантираме здравјето и безбедноста на играчите и на службените лица. Во исто време, оставивме простор и за иновации – вели Шлезак.

Долго време гледачите се надеваа дека мал број среќници може да стигнат до место во арената „Ланксес“. Парите за билетите што гледачите ги платија за влезница за турнирот во Келн ќе им бидат вратени и билетите нема да бидат префрлени за фајнлфор-турнирот во 2021 година.
Поради појавата на ковид-19, минатата сезона во Лигата на шампионите беше скратена, па најдобрите две екипи од двете групи директно се пласираа на фајналфорот. Полуфиналните дуели на програмата се на 28 декември, а ќе се сретнат Барселона – ПСЖ (18 часот) и Кил – Веспрем (20.30 ч.). Еден ден подоцна се натпреварот за третото место (18 ч.) и дуелот за европската титула (20.30 ч.).
Првпат на фајналфор-турнирот ќе има технологија за да ги донесе гледачите од нивните дневни соби уште поблиску до акцијата. Забавата, исто така, ќе биде приспособена на новата ситуација, со Маркус Флот, лицето на Лигата на шампионите, и диџејот Питер Викстром, и двајцата во арената за да создадат атмосфера по која е познат овој турнир.

Понатаму, за да им се покаже на играчите поддршката од ракометната заедница, видеата од гледачите ќе бидат прикажани на ЛЕД-екраните за време на натпреварот, како дел од кампањата „Стани виртуелен навивач“, пишува ЕХФ на својата интернет-страница.
Со здравјето на сите учесници како прва задача, сите играчи и службени лица што ќе пристигнуваат во Келн ќе се изолираат во „меур“ и не ќе можат да се мешаат со никого надвор од него. Секој тим ќе помине два теста за ковид-19, еден пред Божиќ и еден на денот на патувањето, пред целиот тим да биде тестиран при пристигнувањето. Само по добивање на негативен тест, играчите и службениците можат слободно да се движат во рамките на „меурот“, во согласност со заштитните мерки, пишува ЕХФ.