Добелешка за трибунот (1)

Во размислувањето за однесувањето на три типа писатели во однос кон власта, мислам дека за трибунот не се доискажав. Го определив како искусен, одмерен играч, кој понекогаш, ако е потребно, кокетира со власта за да остане на трибунското место доживотно. Но како и кај хронистерикот и кловнот, и кај трибуните има значителни нијанси во соодносот меѓу пресметливоста и храброста во нивната позиција кон власта. Мислам дека недоволно ја истакнав токму решителноста на одделни трибуни во клучните моменти на општествените, национални крстопати на својата татковина без компромис да се борат за своите ставови. Тие можат да ја носат таа улога толку предадено, што некогаш треба да се потргнат од неа, велејќи си го она што Конрад му го кажал на Хавел: „Сега повторно би можел да станеш писател. Одигра важна историска улога, препушти им го тоа сега на политичарите“. Иако некои од трибуните, ако треба, манипулираат со власта, за нив вистината е поважна и умеат, наспроти сите притисоци, да бидат отпорни и упорни во нејзина одбрана.
Во таа смисла, се навраќам на примерите на двајца книжевни трибуни од подалечното (Иго) и од поблиското (Сартр) минато.

Страсното републиканство на Виктор Иго против диктатурата на Наполеон Трети (кого во своите памфлети го нарекува Наполеон Малиот), не го застраши ниту децениското прогонство на островот Гернзи, каде што, освен што грмеше со памфлети, создаваше впечатливи цртежи и учествуваше во окултни сеанси, ги напиша „Клетници“ и збирките поезија „Казни“, „Контемпации“ и „Легендата на вековите“. „Скоцканиот“, но алчен за власт Наполеон Трети, кој од прв претседател на Француската Република (1848-51) се пресвртува во властодржец и император (во историјата неретка преобразба), беше вистинска цел за гневниот писател. Изгнанството на Иго има драматичност од висок стил. Под лажен пасош гордиот трибун, преоблечен во работник, заминува со воз следните децении да ги самува на малечките, студени ламаншки острови.
Во егзил во најкреативните декади на животот, Иго кога по долгото прогонство, во 1870-та, два дена по прогласувањето на Републиката, се вратил во Париз, бил дочекан како херој.

Љубовта на францускиот народ кон трибунот Иго траела доживотно: на прославата на неговиот 79-ти роденден е одржана една од најголемите паради во француската историја. Повеќе од два милиона луѓе минувале во негова чест пред неговиот стан во улицата Ејлау, а потоа по должината на авенијата на Елисејските Полиња се движеле кон центарот на градот. Слична таква огромна толпа во 1883 г. го испраќа телото на Виктор Иго до Пантеон, каде што е погребан.
Колкаво беше влијанието на Иго врз јавната свест, не само во својата татковина, туку и како прогнаник, сведочи тоа дека под влијание на неговите усилби за укинување на смртната казна, британската кралица Викторија, најмоќниот светски владетел во тоа време, поштедува од смртна казна шест ирски терористи, а дојде и до нејзино бришење од женевскиот, португалскиот и од колумбискиот устав.

(продолжува)