Фото: Федерација на училишен спорт на Македонија

Под покровителство на Министерство за спорт, од денеска до 29 април Скопје е домаќин на Светското училишно првенство во ракомет за средношколци.

Според најавите, на првенството ќе учествуваат околу 1.000 млади ракометари и ракометарки до 18 години од повеќе земји. Организаторите истакнуваат дека овој настан е значајно признание за напорите спортот да стане дел од секојдневието на младите преку образовниот систем.

Паралелно, земјава годинава се приклучи на Спортски игри за млади – најголемата младинска спортска манифестација во Европа, која веќе три децении вклучува милиони деца на возраст од 6 до 18 години.

Во рамки на оваа платформа ќе се организираат натпревари во десет спортови, меѓу кои мал фудбал, одбојка, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах и атлетика. Натпреварите ќе се одржуваат од април до јуни во повеќе градови, вклучувајќи ги Охрид, Битола, Тетово, Куманово и други.

Најдобрите учесници ќе обезбедат пласман на државното финале, а потоа и настап на меѓународната завршница во Сплит, каде ќе се натпреваруваат со врсници од повеќе земји.

Дополнително, на 27 април започнуваат и Плазма спортски игри за млади, кои ќе се реализираат во 11 градови низ државата.

Овие настани, реализирани во соработка со Федерација за училишен спорт на Македонија, имаат за цел да поттикнат масовност во спортот, да создадат здрави навики кај младите и да ја промовираат државата како активен поддржувач на младинскиот спорт.