Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати критики кон американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, обвинувајќи ги за недостиг на почит кон Украина.
Во интервју за државна информативна програма, Зеленски изјави дека е неприфатливо да се посетува Москва, а да не се дојде во Киев.
Тој нагласи дека е свесен за безбедносните предизвици поврзани со патувањата во земја погодена од војна, но потсети дека бројни странски претставници сепак го посетиле Киев. Според него, суштината не е во самата посета, туку во резултатите од разговорите.
Зеленски повторно го отфрли барањето на Русија Украина да се повлече од источните региони Луганск и Доњецк, оценувајќи дека таков потег би претставувал стратешки пораз.
Тој предупреди дека напуштањето на утврдените позиции би ја ослабнало одбраната и моралот на украинската армија.
Како најбрз пат кон завршување на војната, Зеленски го посочи можниот прекин на огнот долж актуелната линија на фронтот.
Украина, со поддршка од западните сојузници, повеќе од четири години се брани од руската инвазија. Во меѓувреме, Вашингтон врши притисок за постигнување мировен договор, но преговорите се во застој од февруари.
Претходно, Виткоф и Кушнер неколкупати престојуваа во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин. Иако се очекуваше нивна посета на Киев по Велигден, таа сè уште не е реализирана.
































