Фото: Архива

Македонија ги почнува квалификациите утре, со мечот во групата Г на гости кај Португалија, која е 23-та на таа листа на ФИБА, на која Србија е шести фаворит, Украина е 19-та, а Македонија е 35-та. Првите пет фаворити во овие квалификации, според ФИБА, се Шпанија, Белгија, Франција, Унгарија и Германија

КОШАРКА – ВО ПРЕСРЕТ НА ЦИКЛУСОТ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2025

Женската репрезентација на Македонија утре во португалскиот град Матошинос (од 21.30 ч.) ќе го одигра првиот натпревар во групата Г против Португалија, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година. Македонскиот селектор Александар Ашаданов го скрати првобитно објавениот список на репрезентацијата од 17 кошаркарки на 13, кои беше планирано вчера да отпатуваат за Португалија. Во ноемврискиот циклус, Македонија в недела, во Скопје, во СРЦ Кале (од 18 ч.), треба да го одигра и вториот дуел, со фаворизираната селекција на Србија, а Португалија треба да игра во Летонија, со Украина.
– Одиме со 11 кошаркарки, а во Португалија ќе нѐ чекаат Нена Трајчевска и Александра Стојановска, па во еден комплетен состав ќе одработиме уште некој тренинг за да бидеме што е можно поподготвени за предизвиците што стојат пред нас – рече Ашаданов за oфицијалната интернет-страница на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Вториот циклус натпревари од овие квалификации е закажан за ноември в година, а третиот за во февруари 2025 година. Победниците на осумте групи, заедно со најдобрите четири второпласирани, ќе се пласираат за ЕП 2025, кое првпат ќе се игра во четири држави, Италија, Германија, Чешка и Грција.
Состав: Анџелика Митрашиновиќ, Матеа Николиќ, Александра Стојановска, Нена Трајчевска, Мерит Хемпе, Милица Николиќ, Ивана Кметовска, Елена Тасевска, Сања Адамовска, Илина Селцова, Ања Начевска, Марија Димитријевиќ, Клементина Модева.
Светската кошаркарска федерација (ФИБА) го направи првото рангирање на учесниците во овој квалификациски циклус. Според тоа рангирање, во групата Г, најголеми шанси за пласман на ЕП има Србија, која предводена од селекторката Марина Маљковиќ е вкупно шести фаворит во овие квалификации, зад Шпанија, Белгија, Франција, Унгарија и зад Германија. Во првите 10, според ФИБА, се и Црна Гора, Италија, Чешка и Турција. Од ривалите на Македонија, Украина е на 19-та позиција, Португалија е 23-та, а Македонија е рангирана на 35-то место. Г.И.