ШАХ – ПО ПОВОД 13 НОЕМВРИ
Од сабота второ првенство на Скопје за ветерани

Одбележувајќи го 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72, во соработка со Националниот сојуз на слепи на Македонија, го организира второто првенство на Скопје за шаховски ветерани (од понеделник до 19 ноември), во седум кола со темпо од 60 минути, плус 30 секунди по секој одигран потег.
– Право на учество на турнирот имаат сите шахисти од Скопје на возраст од 60 години и постари, но организаторот го задржува правото да покани и други посилни шахисти од Македонија. Националната спортска федерација на слепи и слабовидни лица на Македонија ќе делегира свои шахисти на турнирот, независно од основниот критериум, 60 години. Поради ограничените просторни можности, бројот на учесниците е лимитиран на 26 од вкупно пријавените – ни изјави претседателот на ШВК Скопје 72, Илија Стошевски.
Меѓу 26-те пријавени учесници на турнирот има тројца со титулата ФИДЕ-мајстор (ФМ), прворангиран е Атанас Ташевски (2.128 рејтинг-поени), а главен судија е интернационалецот Иван Кочовски. Наградниот фонд е 33.000 денари, победникот ќе добие 10.000 денари и пехар, второпласираниот 8.000, третопласираниот 6.000, четвртопласираниот 5.000 и шахистот на петтото место 4.000, а најдобрите тројца и златна, сребрена и бронзена плакета. Г.И.


ФУДБАЛ – САД

ФК Лос Анџелес на Николов продолжува со одбраната на титулата

Актуелниот првак на американската фудбалска лига (МЛС), ФК Лос Анџелес, каде што тренер на голманите е некогашниот македонски репрезентативец Ока Николов, се пласира во четврт-финалето сезонава со двете победи во осминафиналето над Ванкувер (5-2 дома, 1-0 на гости).
Во првото плејоф-коло се игра според нов формат, во два добиени меча, а ФК Лос Анџелес во четврт-финалето ќе игра со победникот од мајсторката помеѓу Сиетл и Далас (во првиот меч, дома, Сиетл победи со 2-0, во вториот беше нерешено, но на пенали славеше Далас, па следува третиот меч, кој ќе се игра на теренот на Сиетл).
Од четврт-финалето до финалето ќе се игра само по еден натпревар. Клубот на Николов лани во финалето ја победи Филаделфија на пенали (по 120 минути игра беше 3-3, а на пенали 3-0). Н.М.


По четири години пауза, одново СП за фудбалери до 17 години

По пауза од четири години, од петок одново ќе се игра Светското првенство (СП) за фудбалери до 17 години, чиј домаќин е Индонезија. Претходниот шампионат се одржа во 2019 година, титулата ја освои Бразил, а во 2021 година планетарното првенство за оваа категорија фудбалери не се одржа поради пандемијата на коронавирусот. На годинашното СП, 19-то по ред, ќе настапат 24 репрезентации, а претставници на Европа се селекциите на Англија, Франција, Германија, Полска и на Шпанија. Н.М.