Само германски Телеком Бон, во чии редови настапува македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс, се пласира во четврт-финалето со максимални шест победи. Шортс сезонава во ЛШ има просек од 18,6 поени, 7,5 асистенции и 4,1 скока по натпревар

КОШАРКА – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ЗА ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕТО

Четвртфиналните двојки во кошаркарската Лига на шампионите (ЛШ) на ФИБА ќе бидат одредени денеска во Куќата на кошарката (10.30 ч.) во швајцарскиот град Миес, по што ќе биде познат патот до фајналфорот, откако во средата заврши осминафиналната фаза. Победници на групите во осминафиналето се Хапоел Ерусалим (Израел), актуелниот првак Леново Тенерифе (Шпанија), Телеком Бон (Германија) и Уникаха (Шпанија), а на втората позиција во своите групи беа АЕК (Грција), ланскиот финалист Манреса (Шпанија), Стразбур (Франција) и Мурсија (Шпанија).
Само германски Телеком Бон, во чии редови настапува македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс, се пласира во четврт-финалето со максимални шест победи (без пораз). А она што посебно може да го радува македонскиот селектор Александар Јончевски е фактот што токму Шортс во ова натпреварување досега е втор асистент и петти стрелец. Шортс досега сезонава во Лигата на шампионите има просек од 18,6 поени, 7,5 асистенции и 4,1 скока по натпревар.
Четирите победници на групите ќе бидат носители на ждрепката и ќе имаат предност на домашен терен во случај да биде потребен и трет натпревар. Четврт-финалето треба да почне на 4 април, а носителите ќе го играат дома првиот меч, но и потенцијалниот трет натпревар во серијата до две победи.
Но клубовите што биле во иста осминафинална група не можат да бидат извлечени еден против друг во четврт-финалето. Но можно е два клуба од иста држава да се соочат еден со друг. Вторите натпревари од сите четвртфинални серии ќе се одржат или на 11 или на 12 април, додека за секоја серија што е изедначена по првите два натпревара ќе се игра трет натпревар на 18 или на 19 април. Четирите екипи што ќе излезат како победници од четврт-финалето ќе се квалификуваат за фајналфорот, а ждрепката за полуфиналето ќе се одржи во градот домаќин на фајналфор-турнирот кон крајот на април. Г.И.


ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ ВО ЛШ НОСИТЕЛИ

Хапоел Ерусалим (Израел)
Леново Тенерифе (Шпанија)
Телеком Бон (Германија)
Уникаха (Шпанија)
НЕНОСИТЕЛИ
АЕК (Грција)
Манреса (Шпанија)
Стразбур (Франција)
Мурсија (Шпанија)