Фото: Игор Бансколиев

ЕУ нема да ве остави на цедило, го имате мојот збор, порача шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок за време на вчерашната посета на Скопје, истакнувајќи дека уставните измени мора што поскоро да се донесат во македонското собрание, со цел во декември да се отворат преговарачките кластери.
– Европската Унија вети и ќе остане на зборот – чекорот што сега треба да се направи е да се спроведат уставните измени – порача Бербок на прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Таа истакна дека е свесна оти процесот на менување на Уставот не е воопшто лесна работа и дека за него е потребен општествен консензус.
– Ќе дојдам во декември повторно, бидејќи треба да се разговара со сите демократски фактори во земјата. Знаеме колку е тешко кога се прават уставните измени, за секој глас треба да се борите. Така е и во Германија со цел да не може толку едноставно да се смени Уставот. Затоа мора да се седне на заедничка маса со опозицијата – тоа е силата на демократијата – нагласи Бербок.
Шефицата на германската дипломатија уште додаде дека мора да се направат храбри чекори напред кон Унијата.
– Ако не сакате сите млади да отидат во Европа, треба Европа да ја донесете овде. Сега кога мора да се промени Уставот, можам само да ве охрабрам. Не само Владата, туку искористете ги сите расположливи средства за процесот да продолжи, и тоа во наредните месеци. Од вас очекувам реформи – порача Бербок.