Шекил О’Нил ја одбра најдобрата петорка на сите времиња

КОШАРКА – НБА

Во неа заедно со Џонсон, Брајант, Џордан и Џејмс се смести и себеси
Легендарниот НБА-центар во најсилната кошаркарска лига во светот, Шекил О’Нил, кој остави траен печат со својата игра и многуте постигнати кошеви, неодамна ги одбра и најдобрите кошаркари во НБА-историјата.
Така, тој во идеалната петорка заедно со Меџик Џонсон, Коби Брајант, Мајкл Џордан и Леброн Џејмс се смести и себеси. Во втората петорка, пак, тој ги одбра Стеф Кари, Ален Ајверсон, Тим Данкан, Карл Мелоун и Ајзеа Томас.
Интересно е тоа што меѓу 10-те најдобри не најде место за својот пријател и колега од шоуто што го води, Чарлс Баркли.
– Го велам ова без да покажам непочитување кон Чарлс Баркли и Карим Абдул Џабар. Ова е моја листа, а вие сфатете ме како сакате. Но кога ќе видам поубаво, мора да има место и за Карим во втората стартна петорка – смета Шек.
О’Нил во својата 19-годишна кариера ги бранеше клупските бои на Орландо, Лос Анџелес лејкерс, Мајами, Феникс, Кливленд и Бостон, период во кој во четири наврати успеа да ја освои НБА-титулата. Г.И.