Во финалето во Љубљана, Белгијките ја совладаа Шпанија со 64-58, во меч во кој сите поени за Белгија ги постигнаа само четири кошаркарки. Бронзата ја освои Франција

КОШАРКА

Кошаркарките на Белгија првпат во својата историја станаа европски шампионки. Во финалето во салата „Стожице“ во Љубљана (Словенија), Белгијките ја совладаа Шпанија со 64-58 и со тоа на тронот ја наследија Србија, која ја освои петтата позиција. Решавачка беше последната четвртина, која ја доби Белгија со 19-10. Сите поени за Белгија ги постигнаа само четири кошаркарки.
Третото место на ЕП 2023, на кое настапија 16 репрезентации и на кое домаќини беа Израел и Словенија, ѝ припадна на Франција, која во мечот за бронзата ја совлада Унгарија, со 82-68.
За најкорисна кошаркарка (МВП) на ЕП беше прогласена Ема Весеман, која на мечот со Србија оствари т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории), што досега никогаш не се случило на европските првенства. Весеман годинава триумфира и во Евролигата, со Фенербахче. Шпанија, пак, остана на своите четири титули, а последен пат победи на ЕП во 2019 година.
Најдобра во славеничкиот состав на натпреварот за златниот медал беше токму Месеман, со 24 коша (7/15 за два, 1/3 за три, 7/10 за еден поен) и со по осум скока и асистенции, Кјара Линскенс уфрли 18, Жули Ванло 13, а Жули Алеман девет коша. Кај поразените, Кералт Касас постигна 14, Ракел Карера 12, а Паула Гинзо 10 поени. Во идеалниот состав за ЕП се најдоа три Белгијки, Алеман, Ванло и Месеман, Шпанката Алба Торенс и Французинката Сандрин Груда.
На претходното ЕП, на кое славеше Србија, Франција беше втора, Белгија трета, а Белорусија четврта. Г.И.