Верувам дека една добра борбеност и мотивација во тој одреден момент ќе бидат пресуден фактор за понатамошниот тек на настаните, односно продолжување на турнирот во втората фаза, вели селекторот Јончевски

Многу е рано за некоја анализа на противниците. Пред сѐ, затоа што неделава излегоа составите на другите репрезентации. Во договор со стручниот штаб ќе седнеме и ќе ги анализираме и индивидуалните карактеристики на другите репрезентации. Можам да забележам дека ниту една репрезентација не е во најсилниот состав, како и ние. И затоа не би рекол дека изненадувања се невозможни, без разлика на тоа што подобро котираат од нас на ранг-листата на Светската кошаркарска федерација, вели селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (МКФ).
Репрезентацијата на Македонија се подготвува за настап на претквалификацискиот турнир во Талин (Естонија) од 12 август, за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Париз (Франција). Ривали на црвено-жолтите им се селекциите на Естонија, Израел и на Чешка. Најдобрите две репрезентации од турнирот во Талин, како и двете најдобри селекции од турнирот во Гливице (Полска), ќе настапат на фајналфор-турнир во Полска, од каде што само победникот ќе се пласира во квалификациите за пласман на Игрите во Париз.
– Верувам дека една добра борбеност и мотивација во тој одреден момент ќе бидат пресуден фактор за понатамошниот тек на настаните, односно продолжување на турнирот во втората фаза. Ова е една исклучително ретка можност да се најдеме во група со квалитетни репрезентации. Бевме во таква ситуација во 2012 година во Венецуела, каде што за влакно ни побегна еден настап на ЛОИ. Секако во тоа време, тоа слободно можам да го кажам, Македонија беше една поквалитетна репрезентација, со четврто место на Европското првенство во Литванија во 2011 година. Меѓутоа, нема да ги потценам овие момци, кои имаат желба и кои имаат мотив за да се претстават себеси и државата во најдобро светло и да докажат дека една помала репрезентација, помала нација, може да се најде на еден таков голем собир – вели Јончевски, пренесе МКФ. Н.М.