Фото: Игор Бансколиев

На дуелите во Гевгелија со Норвешка на 10 ноември и со Данска три дена подоцна, за црвено-жолтите ќе настапи и кошаркарот на Телеком Бон, Шортс, кој сигурно ќе биде засилување за нашата надворешна линија, за која од оправдани причини Јончевски за ноемвриските квалификациски мечеви не може да смета на Димитријевиќ и на Јакимовски. Во репрезентацијата се враќаат Магдевски и Стајиќ. Данците ќе дојдат без најдобриот играч Лундберг, а Норвешка е во полн состав

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2025

Селекторот на машката кошаркарска репрезентација на Македонија, Александар Јончевски, го објави списокот на играчи на кои ќе смета за вториот турнир од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година во Летонија, Кипар, Финска и Полска. На списокот се 14 кошаркари што ќе бидат во конкуренција за дуелите (група Д), кои Македонија ќе ги одигра на 10 ноември против Норвешка и на 13 ноември против Данска, и двата во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија, со почеток во 19 часот.
На двата дуела за црвено-жолтите ќе настапи и кошаркарот на бундеслигашот Телеком Бон, Ти-Џеј Шортс, кој сигурно ќе биде засилување за нашата надворешна линија, за која од оправдани причини (обврски кон клубот Уникс Казан, односно Универзитетот Вашингтон стејт), Јончевски за ноемвриските квалификациски мечеви не може да смета на плејмејкерот Ненад Димитријевиќ и на Андреј Јакимовски.
– Се одлучивме за бек, а токму Шортс, со својот квалитет и искуство на таа позиција, може многу да им помогне на другите наши кошаркари – вели селекторот Јончевски.
Шортс (25 години, висок 175 см) е американски плејмејкер, кој од пред неколку месеци е член на бундеслигашот Телеком Бон, но и претходните две сезони играше во германското првенство. Лани беше најдобар стрелец (20,6 поени во просек по меч) и со највисок просечен индекс во Бундеслигата (22,3). И сезонава игра одлично, а по првите четири кола просечно уфрли по 17 поени. За шут за три поени тој има ефикасност од над 50 отсто (8/15), од поле со 44 отсто (15/34), а просечно бележи по 1,3 украдена топка, со што е втор во својот тим. Во Лигата на шампионите е уште подобар, на три средби просечно реализира по 26,7 поени, 7,7 асистенции, со индекс 29,3 поени.

Она што може да го радува Јончевски е тоа што во репрезентацијата, по санирањето на повредите, се враќаат Андреј Магдевски и Бобан Стајиќ. Данците, пак, во Гевгелија ќе дојдат без најдобриот играч Габриел Лундберг и без Кевин Ларсен. Но затоа, пак, во полн состав доаѓаат Норвежаните, предводени од плејмејкерот Харалд Фреј, кој, исто така, настапува во Бундеслигата, за екипата на Готинген.
– Точно е тоа дека Лундберг нема да игра во Гевгелија, но ние во моментов сме концентрирани на првиот натпревар, со Норвешка, која ќе дојде комплетна и со својот најдобар кошаркар Харалд Фреј, кој, пак, е во одлична форма и кој пред неколку дена имаше директен дуел со клубот на Шортс, а на кој постигна 22 коша. За Данците ќе размислуваме по овој натпревар. Во секој случај, останувам оптимист и очекувам да забележиме две нови победи во Гевгелија – вели Јончевски.
Од претквалификациите, само првопласираните во групите ќе се пласираат директно во квалификациите за ЕП 2025, а другите ќе играат нов круг претквалификации. По две кола, Македонија и Норвешка во групата Д имаат по четири бода. Македонија во првиот натпревар, на гости против Данска, славеше со 73-70, а во вториот, одигран во Скопје, ја победи Словачка, со 79-75. Норвежаните, пак, ги совладаа на гости Словачка, со 87-67, и дома Данска, со 99-75. Г.И.


ГРУПА Д

Македонија – Норвешка 10.11
Словачка – Данска 10.11

ТАБЕЛА
Македонија 2 2 0 4
Норвешка 2 2 0 4
Словачка 2 0 2 0
Данска 2 0 2 0

СОСТАВ
Андреј Магдевски МЗТ Скопје Аеродром
Војдан Стојановски МЗТ Скопје Аеродром
Адем Мекиќ МЗТ Скопје Аеродром
Дамјан Робев МЗТ Скопје Аеродром
Бојан Крстевски МЗТ Скопје Аеродром
Бобан Стајиќ Пелистер
Виктор Ефремовски Гостивар
Андреј Маслинко Гостивар
Страхил Николов ТФТ
Амар Хот Феникс 2010
Кристијан Николов Коњаспор, Турција
Стојан Ѓуроски Оуренсе, Шпанија
Теодор Симиќ Борац, БиХ
Ти-Џеј Шортс Телеком Бон, Германија