Во финалниот натпревар во Битола, МЗТ Скопје го победи Пелистер со 62-60

КОШАРКА

Кошаркарите на МЗТ Скопје се победници на 32. Куп на Македонија „Благоја Георгиевски-Буштур“, откако во финалето, во неизвесен меч одигран во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, пред 3.500 гледачи, го совладаат Пелистер со 62-60 (13-9, 18-27, 18-16, 13-8), со кошот на интернационалецот од САД, Ејасу Ворку, на 2,7 секунди пред крајот на мечот. Ова за МЗТ Скопје е 12-ти трофеј во Купот на Македонија, а со тоа е рекордер, со два повеќе од Работнички.
– Шампионскиот менталитет на МЗТ Скопје дојде до израз. Колку и да играме лошо, на површина излезе тој наш аеродромски инает. Оваа победа им ја посветувам на навивачите и им благодарам што дојдоа да нѐ бодрат. Игравме во грч, но игравме без Војдан Стојановски, што им даде можност на некои други кошаркари да бидат херои. Дамјан Робев вторпат е фактор за победа во Битола, бидејќи блесна и лани во финалето на Купот – изјави тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Најефикасен во редовите на МЗТ Скопје беше Робев со 13 поени (две тројки), а забележа и шест скока за 21.05 минута на теренот. Двоцифрен број поени реализираа и Душан Танасковиќ (12 поени, девет скока и една асистенција), Ворку (11 поени, шест скока и четири асистенции) и Дамјан Стојановски (10 поени и два скока). Кај Пелистер најпрецизен беше Александар Костовски, со 15 поени, три скока и една асистенција.
– Честитки до МЗТ Скопје. Мислам дека речиси цел натпревар имавме контрола над играта и бевме подобра екипа. Во вториот дел имавме мал пад, но, како што кажува резултатот, се играше на мал број поени. На крајот, сѐ се сведе само на една топка, во напад во кој се договоривме да правиме лична грешка. И не знам како не успеавме да направиме, бидејќи имавме уште еден „мал“ фаул. Претпоставувам дека тоа ќе донесеше продолжение и можеби поинаков исход на мечот. Немам забелешки на играчите, кои беа подготвени да се борат и да се натпреваруваат – рече тренерот на Пелистер, Дарко Радуловиќ, пренесе КФМ. Г.И.


Робев прогласен за МВП во финалето

Играч на одлука на финалниот дуел во кошаркарскиот Куп на Македонија беше репрезентативецот Дамјан Робев од МЗТ Скопје. Тој го освои признанието за најкорисен играч (МВП) во финалето.
– Вакви натпревари се добиваат само со желба и со борбеност. Покажавме повеќе желба во второто полувреме и заслужено победивме, а пресуди скокот. Искуството исто така е дел од факторите за нашата победа во финалето. Успеавме да преземеме одговорност на крајот без Војдан и Дамјан Стојановски. Момците покажаа карактер, се надевам дека ќе продолжиме во добро светло – рече Робев.