Бранко Азески

Дојдено е време за промена на досегашниот модел на економски развој. На земјава ѝ се потребни модерна реиндустријализација, структурна трансформација на извозот и намалување на учеството на сивата економија, но и општествен консензус за економски реформи, политики и мерки, порачуваат бизнисмените

Бизнис-заедницата со отворена порака до политичарите

Политичките елити во земјава забораваат дека домашната економија е главниот мотор што ја движи државата напред и дека ако продолжи трендот на игнорирање на пораките што стигнуваат од бизнис-секторот, тогаш егзодусот на младите ќе продолжи со несмален интензитет, бидејќи тие луѓе во Македонија нема да гледаат никаква перспектива за лична реализација.
Неодамна бизнисмените од земјава испратија јасна и отворена порака до сегашните и до идните власти дека досега ниту една влада не била сериозно посветена на домашната економија, туку гледале само како да дојдат на власт за да си ги остварат сопствените потреби и си заминувале, но генерално сите политички елити што се изредија сиве овие години не направиле ништо за стопанството.
Македонската јавност сведочи на безброј средби на политичарите со бизнис-секторот секогаш кога се наближуваат избори, но тешко може да се сети дека подоцна е реализирано нешто од заклучоците и ветувањата дадени на тие средби.
Општиот впечаток што се добива е дека повеќе се работи за средби од формален карактер, народски кажано колку да се рече дека се сретнале, без да се забележи некаков ентузијазам кај владините претставници некои работи што ги бараат бизнисмените, подоцна да се имплементираат.
Ваквите проформа средби неодамна сликовито ги опиша првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, според кого политичарите мора да имаат посериозен однос кон институцијата со која разговараат.
– Уште од вратата „знаеш претседателе, јас имам таму нешто, само две минути ќе бидам и ќе си одам“. Па, сега не знаеш дали да го испратиш, бидејќи ако го испратиш, сите ќе си одат од другата врата. Треба однос према луѓето, према институцијата – вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.
Дека државата целосно се оглушува на барањата на бизнис-секторот сведочи периодот на пандемијата, кога бизнисмените предлагаа многу мерки како да се олесни работењето на компаниите во услови на затворени граници, но беа оставени сами на себе и многу од нив мораа да стават клуч на врата.
Бизнисмените упатија апел и во пресрет на енергетската криза минатата година, со барање државата да најде начин да им обезбеди поевтина домашна електрична енергија за да можат македонските производи да останат конкурентни, но повторно тие беа оставени сами да купуваат струја од берзите по повисока цена. Дополнително, државата со години нема инвестирано во нови енергетски капацитети, па дури и сегашните стратегиски инвестиции што се планираат во енергетскиот сектор, повторно се во насока да им се овозможи на странски компании да профитираат од македонските енергетски ресурси наместо најголемата полза да ја има Македонија.
Сите овие примери најдобро говорат дека политичарите немаат никаков осет за потребите на бизнисмените доколку од таа соработка нема некаква бенефиција за нив, заборавајќи дека економски слаба и сиромашна Македонија ќе тоне само подлабоко во корупција, криминал и бесперспективност и, како таква, воопшто нема да биде интересна за ЕУ.
Од тие причини стопанствениците одново, во пресрет на предизборниот период, уште еднаш апелираат фокусот на идната влада, кој и да ја состави, да биде економијата.
– Дојдено е време за промена на досегашниот модел на економски развој. На земјава ѝ се потребни модерна реиндустријализација, структурна трансформација на извозот и намалување на учеството на сивата економија, но и општествен консензус за економски реформи, политики и мерки – се едни од клучните пораки што беа пренесени од бизнис-заедницата на трибина и промоција на книгата „Стратешки документи на комората“, чии автори се Бранко Азески, претседател на Стопанската комора, и проф. д-р Дарко Лазаров, професор на Економскиот факултет на УГД во Штип и претседател на клубот на извозници при СКСМ.
Учесниците на трибината, дел од коавторите на книгата и долгогодишни соработници на Комората, потенцираа дека реформи во државата се неопходни, но, за жал, како што наведуваат, ги нема, главно поради немање политичка волја и поддршка, но и поради слабиот квалитет и капацитет на администрацијата за спроведување на потребните реформи. С.Т.