Социолозите и политиколозите отсекогаш тврдат дека довербата е фундаментот на едно општество! Онаму каде што нема искреност, чесност, одговорност и вистина, не може да постои ниту доверба. А начинот на функционирање во едно општество што не гради доверба, не може да изгради квалитетно општество. Во состојба кога граѓаните ја губат довербата во едно општество, тоа станува руина..

Разградувањето на вистинските вредности во општеството како повод

Стивнатите дилеми и спротивставени ставови во јавноста (светска и македонска) од времето на пандемијата на ковид-19 за (не)потребата од вакцинирање, како превентива и заштита од заразните болести, се чини повторно добија на интензитет со зголемениот ризик за зараза од пертусис или голема кашлица. Но тоа е привидно. Суштината е друга и многу подлабока.

Големата кашлица е симптом на општеството

Првиот пријавен случај со голема кашлица во Македонија беше во јануари годинава. Заклучно со 16 јануари, во Институтот за јавно здравје беа регистрирани вкупно 39 случаи на голема кашлица. Најголем број граѓани што се заболени со голема кашлица живеат во Скопје – 33 (84,6 отсто) во девет различни општини, три лица во Куманово, двајца во Гостивар и еден во тетовско Боговиње.
Во период од седум дена, од 9 до 15 февруари, се пријавени 17 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 21 отсто во однос на претходниот неделен период за пријавување, покажуваат податоците од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Од ИЈЗ информираат дека сите пријавени случаи се од Скопје, а најголем број се од возрасната група од 10 до 19 години. Според податоците на ИЈЗ, од новите 17 случаи, пет случаи се хоспитализирани, од кои три деца на возраст до четири години и по едно во возрасната група од пет до девет години и од 10 до 14 години.
Од ИЈЗ посочуваат дека од добиените податоци од центрите за јавно здравје низ целата земја во периодот од 18 јануари до 14 февруари се пронајдени 4.197 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 984 (23 отсто).

Кој (не) верува во вакцините?

Медицинските експерти на опасноста од можна епидемија на голема кашлица и понатаму (како и во време на пандемијата на ковид-19, која започна пред четири години) реагираат со апели за вакцинирање, пред сѐ на децата, но и на бремените жени. Но она што ги загрижува македонските лекари е дека одреден тренд на т.н. антиваксерство во регионот, во Србија и во Хрватска, зема значителен замав и во Македонија.
– Најмногу ме загрижува тоа што се случува во регионот со големата кашлица. Нешто што го има во соседните земји, неминовно е да дојде и кај нас. Во Србија, па дури и во Хрватска како членка на Европската Унија, до тој степен е навлезено антиваксерството, што ни Македонија не би можело да се рече дека е далеку од тоа, без оглед што деновиве расте бројот на оние што се вакцинираат. Доказ за тоа се некои само навидум урбани општини и епидемијата со морбили, која не беше многу одамна и која може пак да се случи – вели универзитетскиот професор, микробиологот Никола Пановски.
Професорот Пановски критички се обраќа до жителите на урбаните општини во главниот град на Македонија, Скопје, за односот спрема вакцинацијата, како најдобра превентива од епидемиите.
– Гледав резултати во Шуто Оризари, скопска општина во која немаше ниту еден случај на морбили, кога беше епидемијата. Зошто? Затоа што таму е најголем степенот на вакцинација во Македонија. Порачувам токму од ова место, општината Центар и општината во која живеам Карпош, големите интелектуалци под наводници да се угледаат на своите сограѓани од Шуто Оризари. Посебна порака до кумановци и струмичани, кои имаат најнизок степен на вакцинација во Македонија на републичко ниво. А поздрав до прилепчани, кои единствени заедно со Кочани имаат 98 отсто имунизација, значи 3 отсто над она што го бараме за имунизација. Самиот факт дека во Шуто Оризари, каде што најмногу може да се пренесува болеста поради начинот на живеење и супстандардни услови, голем број деца ја примија вакцината за морбили, се надевам дека постигнале успех и за голема кашлица. Нека им служи на овие „големите интелектуалци“, некои доктори на науки, што расправаат прикаски и нека се погледнат во огледало – се обраќа предупредувачки проф. д-р Никола Пановски.

Луѓето се информираат, а здравствените власти треба да преземаат системски мерки, стручно и одговорно

Големата кашлица е заразна респираторна болест предизвикана од бактерии.
Болеста се јавува главно кај бебиња и мали деца, а лесно се пренесува од човек на човек преку капки. Првите симптоми се појавуваат од седум до десет дена по инфекцијата и вклучуваат треска, течење на носот и кашлица, која се развива во напади на кашлање што се придружени со здивнување, а кои кај бебињата може да предизвикаат и недостиг од воздух. Пневмонија, конвулзии и енцефалопатија се можни компликации на оваа болест. Пациентите се заразни околу три недели од почетокот на кашлицата доколку не се лекуваат. Болеста се спречува со имунизација.
Првата реакција на медицинските експерти е дека зголемувањето на бројката на заразени од голема кашлица е резултат токму на пропуштената имунизација на децата, од причина што родителите се сомневаат во ефикасноста и нуспојавите на вакцините, што се дефинира како антиваксерство. Сепак, и меѓу лекарите специјалисти постои мислење дека родителите и сите оние што имаат резерви и сомнежи поврзани со имунизацијата не треба да се напаѓаат и обвинуваат, туку таквите мислења треба да мотивираат на поголема одговорност и стручен пристап на здравствените власти во интерес на надминување на предизвикот.
– Не би ги нарекол антиваксери оние што со внимателност им пристапуваат на сите аспекти и можни нуспојави од вакцинацијата. Луѓето се информираат од различни извори, а таквата информираност треба да биде мотивација на здравствените власти за поголема одговорност и внимателен стручен пристап за секоја опасност од епидемија. Во актуелниот предизвик на ризикот од епидемија од пертусис (голема кашлица), сметам дека имаме нестручно третирање на проблемот од Комисијата за заразни болести. Пертусисот е бактериска болест, која се лекува со соодветна терапија, кај деца на возраст поголема од две години. Најголемата опасност за смртност е кај деца до две години, но и во такви случаи има соодветен пристап за лекување. Сметам дека е погрешен пристапот за имунизација со петвалентна вакцина и треба да се пристапи со вакцинација со единечна вакцина. Премногу вакцинирање е поопасно од невакцинирање. На пример, ако за дете вакцинирано со петвалентна вакцина, во период од една година се појави потреба да биде вакцинирано можеби од тетанус, тоа може да биде многу опасно. Вакцинирање против пертусис на деца од четири-пет години е неразумно. Неразумен е и потегот на Комисијата за забрана за одење во градинка на невакцинирани деца. Повторно ќе кажам, луѓето, родителите се информираат, а ваквите неразумни потези предизвикуваат револт кај граѓаните – вели универзитетскиот професор, инфектологот Вело Марковски.

Изразит пример за граѓанска недоверба во системот кај нас е од областа на јавното здравство. Речиси хроничната состојба на јавното здравство во Македонија, која се препознава по сѐ почестите скандали во јавноста, а најчесто поврзано со редовните лоши лични искуства на македонските осигуреници во јавните здравствени установи, првенствено создава и акумулира недоверба и сомнеж во целиот систем. Целиот овој контекст на недоверба во здравствениот „систем“ се одразува и на недостигот од доверба кон препораките што ги дава истиот тој систем, на пример во контекст на потребата за имунизација, односно за вакцините… Сомнежот не е во вакцините, туку во „системот“!

Револтот и протестот на граѓаните против ( здравствениот) систем, а
антиваксерството е само форма на тој револт

Со години македонскиот здравствен систем постојано е извор на афери од коруптивно-криминална природа. Во тек е и случајот за кој во јавноста се лиферуваа индиции за „препродажба на цитостатици од Клиниката за онкологија што им биле ускратени на редовните пациенти што се здравствени осигуреници“, што секако треба да се докажува. Досега случајот резултираше со започнување судска постапка против неколкумина осомничени…
Всушност, изразит пример за граѓанска недоверба во системот кај нас е од областа на јавното здравство. Речиси хроничната состојба на јавното здравство во Македонија, која се препознава по сѐ почестите скандали во јавноста, а најчесто поврзано со редовните лоши лични искуства на македонските осигуреници во јавните здравствени установи, првенствено создава и акумулира недоверба и сомнеж во целиот систем. Целиот тој контекст на недоверба во здравствениот „систем“ се одразува и на недостигот од доверба кон препораките што ги дава истиот тој систем, на пример во контекст на потребата за имунизација, односно за вакцините… Сомнежот не е во вакцините, туку во „системот“!
– Кога ќе се изгуби вербата во оној од кого треба да бараш помош, таквата состојба го потхранува психолошкиот момент на недоверба во целиот систем што треба да ја организира таквата помош. Своевремено, професијата доктор/лекар претставуваше вредност со неприкосновена доверба за пациентите. Но веќе со децении се чини дека во македонското општество се „работи“ на нефункционалност на јавното здравство, за да се изгради систем во функција на приватното здравство. Најголемиот дел граѓани, кои како здравствени осигуреници сепак се упатени пред сѐ на јавното здравство, често имаат трауматични лични искуства, како од административен аспект така и од третманот во јавните здравствени установи. Тоа создава недоверба во функционалноста на целиот систем, вклучувајќи и недоверба во вредноста на лекарско-медицинската професија. Со таква психолошка поставеност на граѓаните спрема здравствениот систем, придружено со низа околности што се чини дејствуваат оркестрирано (коруптивно-криминални афери, пандемија, но и теории на заговор што се глобален феномен…), спротивставувањето на препораките што доаѓаат од еден таков нефункционален систем всушност е манифестација на пркос, револт, отпор на поединецот, на граѓанинот против хаосот што владее во тој систем. Една од формите на тој отпор е и сомнежот за ефикасноста на вакцините, како крајна фаза на недоверба дека може да ни помогне нешто што го препорачува здравствениот систем. Антиваксерството во Македонија повеќе е израз на револт и недоверба не само спрема здравствениот систем, туку генерално, иако не може да се одрече и влијанието на сплетот на околности што го создаваат тој амбиент на недоверба спрема достигнувањата на медицината и медицинската професија, дури и на глобален план – вели универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески.