Со просекот на Џејмс во кариерата од 27,1 поени по натпревар, тој е на 49 меча до тоа да стане бр. 1 меѓу стрелците во историјата на НБА, а со просекот од минатата сезона од 30,3 по меч, тоа би било на 44 натпревари

КОШАРКА – УТРЕ ПОЧНУВА НОВАТА СЕЗОНА

На 29 октомври 2003 година, Леброн Џејмс го одигра својот прв кошаркарски натпревар во НБА-лигата, Кливленд кавалирс загуби од Сакраменто кингс, а Џејмс постигна 25 поени. Таа вечер имаше 2.708 кошаркари пред него на вечната листа на стрелци во НБА. Оттогаш тој престигна 2.707 од нив, само еден кошаркар останува пред Џејмс на листата за најмногу постигнати поени во НБА, Карим Абдул-Џабар, кој е лидер меѓу стрелците од 5 април 1984 година, и сега има 1.326 поени повеќе од Џејмс, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Да седам тука и да знам дека сум на прагот да го соборам веројатно најбараниот рекорд во НБА, за кој луѓето велеа дека веројатно никогаш нема да се собори, мислам дека тоа е супер. Мислам дека е супер кул – рече Џејмс.
Абдул-Џабар постигна 38.387, а Џејмс 37.062. Со просекот на Џејмс во кариерата од 27,1 поени по меч, тој е на 49 средби од тоа да стане бр. 1, а со просекот од минатата сезона од 30,3 по меч, тоа би било на 44 меча. Ако Џејмс не пропушта натпревари, првиот прозорец за соборување на рекордот би бил од средината до крајот на јануари, пишува АП. Џејмс ќе стане најефикасниот стрелец, а е и еден од најдобрите додавачи досега. Тој е седми на сите времиња според асистенциите и може да биде бр. 4 кога ќе заврши сезонава.

– Една од работите што се навистина неверојатни за Леброн е дека тој многу сака да додава и е многу надарен асистент. На многу начини, тоа е еден од неговите најуникатни, посебни квалитети. А, сепак, тој ќе го собори рекордот на сите времиња за постигнување поени и тоа може да биде секундарна вештина за него. Тоа е лудо – рече тренерот на Мајами, Ерик Споелстра, кој го тренираше Џејмс четири сезони (2010-2014), кога беа освоени две шампионски титули.
Абдул-Џабар одигра 20 сезони. Џејмс влегува во својата 20-та сезона. Тие ги постигнуваа своите поени на различни начини: Џејмс, на пример, има 6.420 поени во кариерата од линијата за три поени. Абдул-Џабар има три. Абдул-Џабар имаше просек од 30,4 поени по натпревар во неговите први шест сезони и 24,6 во кариерата, иако имаше само 14,1 поени по натпревар во последните три сезони, пишува АП. Џејмс нема отстапувања. Тој има просек од најмалку 25 поени по натпревар во секоја од неговите претходни 18 сезони. Пред минатата сезона, само еден играч, Коби Брајант, кој постигна 22,3 поени во сезоната 2014/2015, имаше просек од повеќе од 19 поени во 19-та сезона од неговата кариера. Џејмс имаше просек нешто повеќе од 30. Едноставно кажано, ниту еден НБА-играч никогаш не бил толку добар толку долго, пишува АП.
– Секогаш е задоволство да се знае дека работата што ја вложувате може да има резултати. Никогаш не сум бил човек што ја изневерува играта. Секогаш сум вложувал работа – рече Џејмс.