КОШАРКА

Познати се деталите околу новиот НБА-куп, односно мини-натпреварување во почетокот на кошаркарската сезона во НБА-лигата. Одлучено е турнирот да почне во ноември, а фајналфор-турнирот да се одржи од 7 до 9 декември во Лас Вегас. На купот ќе настапат сите 30 екипи што играат во НБА-лигата поделени во шест групи. Во првите шест недели од сезоната екипите ќе играат мечеви против другите четири екипи во својата група. Победниците од секоја група, заедно со двете екипи што ќе добијат т.н. вајлд-карта (покана), ќе се пласираат во четврт-финалето, а ќе се игра елиминациски, во еден меч.

Најдобрите четири клуба ќе се сретнат на неутрално место во Лас Вегас за да се натпреваруваат на фајналфорот. Секој кошаркар од тимот што ќе го освои купот ќе добие по 500.000 долари. Значајно е и тоа што четирите натпревари во групата ќе се вбројат и во вкупниот резултат на тимот во регуларната натпреварувачка сезона во НБА. Елиминираните екипи од турнирот ќе ги продолжат натпреварите во регуларната сезона. Финалистите ќе одиграат вкупно 83 натпревари во сезоната. Г.И.