КОШАРКА
Селекторот на САД, Стив Кер, го објави конечниот список од 12 кошаркари на кои смета за годинешново Светско првенство (СП), кое од 25 август до 10 септември ќе се одржи во Јапонија, Филипини и Индонезија.
На списокот објавен на официјалната интернет-страница на Кошаркарската федерација на САД фигурираат следниве имиња; Паоло Банкеро, Микел Бриџис, Џејлен Бренсон, Ентони Едвардс, Тајрис Халибартон, Џош Харт, Брендон Инграм, Џерен Џексон јуниор, Остин Ривс, Кам Џонсон, Боби Портис и Вокер Кеслер.
САД, кои се еден од фаворитите за највисок пласман иако на Мундијалот нема да настапат во најсилниот состав, се во групата Ц, заедно со репрезентациите на Јордан, Грција и Нов Зеланд. САД последен пат биле светски прваци во 2014 година, кога во финалето ја победија Србија. На СП 2019 година во Кина не успеаја да го одбранат златото, завршија дури на седмото место. Титулата ќе ја брани Шпанија.
Г.И.