Јужен Судан првпат се пласира на светско првенство во кошарка. Ова ќе биде негово второ големо натпреварување, откако во 2021 година настапи на Купот на Африка и го освои седмото место

Кошаркарите на Јужен Судан испишаа историја пласирајќи се првпат на светското првенство (СП), кое годинава треба да се одржи во Јапонија, Филипини и во Индонезија. Предводени од селекторот и поранешен НБА-кошаркар Ројал Ајви, тие го совладаа Сенегал со 83-75, а најголема заслуга притоа имаше играчот Нуни Омот, кој ги брани боите на Вестчестер. Омот, кој порано има настапувано и за македонскиот клуб МЗТ Скопје, уфрли 26 поени.
На ривалот Сенегал, предводен од селекторот Десаган Диоп, инаку поранешен НБА-центар, кој настапуваше 12 години во најсилната лига на светот, не му помогна ни одличниот плејмејкер на шпанскиот клуб Манреса, Бранки Бадио, кој постигна 29 поени.
Јужен Судан е втората африканска селекција што обезбеди учество на СП 2023, по Брегот на Слоновата Коска, која тоа го стори претходно. Кошаркарската репрезентација на Јужен Судан првиот натпревар го одигра на 10 јули 2011 година против Уганда. Ова ќе биде нејзино второ големо натпреварување. Во 2021-та таа настапи на Купот на Африка и го освои седмото место.
Досега пласман на СП (покрај домаќините) обезбедија Финска, Брегот на Слоновата Коска, Нов Зеланд, Либан, Канада, Австралија, Германија, Летонија, Италија, Шпанија, Кина, Словенија, Литванија, Франција, Грција, САД, Јордан, Јужен Судан, Египет, Ангола и Иран. Г.И.