КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

На Денвер пак не му помогнаа ни 53-те поени на Јокиќ
Кошаркарите на Филаделфија го победија минимално Бостон, со 116-115, но дури по продолжението во четвртиот натпревар од полуфиналето на Источната конференција на НБА-лигата, и со тоа израмнија во серијата на 2-2. Најдобар поединец во домашниот тим беше Џејмс Харден, кој уфрли 42 коша, а имаше девет асистенции и осум скока. Сепак, како решавачка се покажа тројката на Харден за водство на 18 секунди пред крајот на продолжението. Одлична партија имаше и МВП на лигата, Џоел Ембид, со 34 поени и 13 скока. Кај Бостон, пак, Џејлен Браун беше најефикасен со 25 поени, Џејсон Тејтум уфрли кош помалку, додека Маркус Смарт постигна 21. Петтиот натпревар од овој дуел се игра в среда наутро, а домаќин ќе биде Бостон.
Мошне возбудливо беше и на дуелот Феникс – Денвер во Западната конференција, во кој домаќините славеа со 129-124 и на тој начин го израмнија резултатот на 2-2. Не помогнаа ни 53-те поени на кошаркарот на Денвер, Никола Јокиќ, за евентуален брејк во четвртиот дуел од полуфиналната серија. Феникс, предводен од Кевин Дурант и Девин Букер, и двајцата со по 36 поени, сепак дојде до посакуваната победа.
Во последните пет минути Феникс влезе со десет поени предност (116-106), но тука не беше крајот на возбудувањата. Денвер ја преполови предноста на 150 секунди до крајот, за да влезе во последните 100 секунди со негатива од три поени, но сепак не доволно за целосен пресврт. Следниот меч е предвиден да се игра в среда наутро во Колорадо.
За утрово беа закажани нови дуели од сериите помеѓу Мајами – Њујорк и ЛА лејкерс – Голден стејт. И во двата дуела резултатот беше 2-1 за Мајами, односно ЛА лејкерс. Се игра до четири победи. Г.И.