Фото: Игор Бансколиев

Можноста за забрзување на собраниската процедура со алатката наречена „европско знаменце“ е замислена за закони со кои се врши усогласување на македонското законодавство со правото на Европската Унија! Но наместо за тоа, европското знаменце во Собранието многу почесто почна да се употребува како алатка за заобиколување на пропишаните законски процедури. Токму несоодветната употреба на европското знаменце во повеќе собраниски процедури за носење закони неповрзани со европското законодавство во неколку наврати е забележана и нагласена во годишните извештаи на Европската комисија за реформските процеси во Македонија. И пред да стане актуелна измената на законите за изградба на автопатиштата во Македонија, амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, порача дека европското знаменце треба да се употребува само кога станува збор за закони што се поврзани со европските норми и стандарди, а не и да се користи за да се избегне јавна дебата при носењето важни закони

Парламентарна демократија по скратена постапка

Делегацијата на ЕУ во Скопје одлучи да се вклучи во јавната дебата во Македонија поврзана со оправданоста на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10 Д. Таа трае речиси од свеченото одбележување на почетокот на изградбата, имено од 8 март. Дебатата особено се интензивира пред еден месец, кога првично беше поднесен предлог во Собранието за измена на девет закони, за да се овозможат побрза изведба и работа на конзорциумот „Бехтел и Енка“. ЕУ преку својата делегација во земјава се вклучи во мигот кога Владата донесе нови пет предлог-закони за коридорите 8 и 10 Д, кои до Собранието се доставени со европско знаменце. Тоа значи дека собраниската постапка се скратува, односно се скратува времето за јавна расправа по предлог-законите.

За ЕУ, законите поврзани со коридорите 8 и 10 Д со европско знаменце не се во согласност со стандардите на Унијата

За делегацијата на Европската Унија во земјава, означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10 Д со европско знаменце не е во согласност со стандардите на Унијата.
– Означувањето закони со знаменце на ЕУ е насочено да помогне за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и затоа треба да има за цел усогласување на законодавството со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај се чини дека нацрт-законот не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања – е ставот на делегацијата на ЕУ што го изнесе пред македонската јавност.
Истовремено од канцеларијата на делегацијата на ЕУ во Скопје потсетија дека употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано да се унапреди реформската агенда на ЕУ.
– Како што рековме во последователните извештаи на Комисијата за С. Македонија, употребата на брзи процедури треба да се ограничи и да се применува само кога е оправдано да се унапреди реформската агенда на ЕУ. Не треба да се користи за скратување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом – велат од делегацијата на ЕУ.

НЕ за подметнување на европското знаменце со неевропски мотиви

Можноста за забрзување на собраниската процедура со алатката наречена „европско знаменце“ е замислена за закони со кои се врши усогласување на македонското законодавство со правото на Европската Унија!
Обврската за хармонизација на законодавството на Република Македонија со правото на ЕУ е содржана во членот 68 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Деловникот на Собранието на Република Македонија, донесен во јули 2008 година, во членот 135 предвидува дека содржината на секој предлог-закон со кој се врши усогласување со правото на ЕУ треба да содржи коресподентна табела со податоци за изворните акти на Европската Унија со полн назив, број и датум, како и изјава за усогласеност. Односно треба да содржи информација со кои регулативи, директиви или конкретни препораки што се однесуваат директно на Македонија се врши таквата хармонизација на законодавството.
Ваквите предлог-закони кога ќе влезат во собраниска процедура се означуваат со знамето на Европската Унија, т.н. европско знаменце, како знак што ги разликува од другите закони. Целта на ваквото означување е да се забрза постапката на нивното усвојување и да се превенира опасноста од филибастеринг или друг вид процедурални опструкции. Но наместо за превенција, европското знаменце во Собранието многу почесто почна да се употребува како алатка за заобиколување на законските и демократските процедури.
Се чини дека таквата практика на подметнување на европското знаменце почна полесно да се применува откако се покажа како ефикасна за усвојување на Законот за употреба на јазиците. И покрај тогашните укажувања и на домашните правни експерти, но и на дипломатските претставници од ЕУ, за неуставноста на Законот за употреба на јазиците, тој по скратена постапка со европско знаменце беше усвоен во Собранието.
– Во моментот кога македонските политичари сфатија дека ЕУ-знаменцето им овозможува по скратена постапка да носат закони, кои се во нивни (личен или партиски) интерес, а нема поддршка во јавноста, веднаш го злоупотребија како начин за манипулација. Европското знаменце претставува инструмент за побрзо наредување на усогласувањето на македонското законодавство со европското право, но и во согласност со европските вредности на владеење на правото. Европското знаменце не значи заобиколување на демократската процедура, туку, напротив, обврзува законите што се носат да бидат усогласени врз основа на целосно спроведена демократска процедура. Со злоупотребата на европското знаменце во собраниската процедура за скратување на постапката за закони што не се поврзани со европското законодавство, само покажуваме дека немаме поим што се европски вредности, односно сакаме да ги применуваме селективно – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска.

Опомени во извештаите на Европската комисија

Токму несоодветната употреба на европското знаменце во повеќе собраниски процедури за носење закони неповрзани со европското законодавство во неколку наврати е забележана и нагласена во годишните извештаи на Европската комисија за реформските процеси во Македонија. И пред да стане актуелна измената на законите за изградба на автопатиштата во Македонија, амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, порача дека европското знаменце треба да се употребува само кога станува збор за закони што се поврзани со европските норми и стандарди, но не и да се користи за да се избегне јавна дебата при носењето важни закони.
– Сакам да го потенцирам генералниот принцип, кој е од особена важност, дека скратената процедура во Собранието треба да се користи само кога станува збор за специфични закони што се поврзани со европското законодавство. Европското знаменце треба да се употреби само кога станува збор за закони што се поврзани со европските норми и стандарди. Во никој случај тоа не треба да се користи за да се намали дискусијата за важни закони што се во прашање – порача евроамбасадорот Гир.