Фото: ЕПА

Вест беше примен како играч во 1980 година, а потоа во 2010 година и како член на репрезентацијата на САД што го освои олимпиското злато во 1960 година. Тој е првиот член на кошаркарската Куќа на славните што е примен и како играч и како придонесувач, пишува НБА-лигата

КОШАРКА – НБА

Поранешните НБА-ѕвезди Винс Картер и Чонси Билапс се меѓу 13-те нови членови во Куќата на славните на кошаркарската НБА-лига. На листата се и поранешните ВНБА-ѕвезди, Симон Огастус (освои четири титули во ВНБА-лигата со Минесота и е 13-та во историјата со 6.005 поени) и Мишел Тим, како и поранешните кошаркари Џери Вест, Мајкл Купер, Волтер Дејвис и Дик Барнет. Од тренерите, на листата се Чарлс Смит, Харли Редин и Бо Брајан, потоа ТВ-консултантот и тренер Даг Колинс и сопственик на клуб, Херб Сајмон. Класата од 2024 година ќе биде примена во Куќата на славните во август годинава, во Спрингфилд.
Вест третпат е примен во Куќата на славните. Прво беше примен како играч во 1980 година, а потоа во 2010 година и како член на репрезентацијата на САД што го освои златото на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1960 година. Прво како играч и како член на олимпискиот тим на САД во 1960 година, Вест потоа продолжи да се етаблира надвор од теренот како еден од најуспешните директори во историјата на спортот, пишува НБА-лигата. Вест одигра клучна улога како архитект на неколку династии на Лос Анџелес лејкерс во текот на 1980-тите и на 2000-тите години, освои вкупно осум НБА-шампионати во Лос Анџелес (1980, 1982, 1985, 1987, 1988, 2000, 2001, 2002) и двапати беше прогласен за извршен директор на годината (1995, 2004). Вест беше и генерален директор на Мемфис од 2002 до 2007 година пред да освои уште две титули како извршен директор со Голден стејт (2015, 2017). Тој е првиот член на кошаркарската Куќа на славните што е примен и како играч и како придонесувач, пишува НБА-лигата.
Картер беше дебитант на годината во НБА-лигата во 1999 година со Торонто и осум пати играше на олстар-натпреварите. Тој ја има најдолгата кариера во НБА, откако одигра 22 сезони за Торонто, Бруклин, Далас, Њу Орлеанс, Атланта, Орландо, Сакраменто и за Феникс. Кариерата ја заврши со 25.728 постигнати поени, што го рангира на 21-то место во историјата на НБА-лигата. Билапс освои титула со Детроит во 2004 година и беше петкратен учесник на олстар-викендот. Тој беше и МВП во финалето таа сезона, а сега е тренер на Портланд… Г.И.