Фото: ЕПА

Единствениот пат кога екипи од иста земја победија во три европски клупски натпреварувања се случи во 1990 година, кога славеа три италијански клуба. Годинава од Англија во трка за трофеите се Манчестер сити, Арсенал (во ЛШ), Ливерпул, Вест хем (во ЛЕ) и Астон вила (во КЛ), а од Франција тоа се Пари сен Жермен (во ЛШ), Марсеј (во ЛЕ) и Лил (во КЛ). Првите дуели од четвртфиналињата во сите три купа на програмата се од утре до четврток

ФУДБАЛ – ПОЧНУВА РАЗВРСКАТА ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ

Сезоната 1989/90 е единствената во која сите достапни три трофеја во куповите на Европската фудбалска унија (УЕФА) ги освоија екипи од иста земја. Сезонава таков подвиг можат да направат само тимовите од Англија и од Франција, откако од тие земји има претставници во четвртфиналињата во Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и во Конференциската лига (КЛ). Првите дуели од четвртфиналињата во сите три натпреварувања на програмата се од утре до четврток.
Од Англија во трка за титулата европски првак се актуелниот континентален шампион Манчестер сити и Арсенал, меѓу осумте најдобри во Лига Европа ќе настапат Ливерпул и Вест хем (лани триумфира во КЛ), а за трофејот во Конференциската лига игра Астон вила. Франција во сите три купа има по еден претставник, и тоа Пари сен Жермен во Лигата на шампионите, Марсеј во Лига Европа и Лил во Конференциската лига.
Вкупно во конкуренција за трите пехари има 12 тима од 10 земји. Италија има три тима во Лига Европа (Милан, Рома и Аталанта) и еден во Конференциската лига (Фиорентина), Германија има два кандидата за европската титула (Баерн и Борусија Дортмунд), како и еден за трофејот во Лига Европа (Баер), од Шпанија сите преостанати тимови во европските купови сезонава ќе играат за победа во Лигата на шампионите (Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид) итн.
До 1999 година, клубовите играа во три натпреварувања на УЕФА, кога престана да постои Купот на победниците на куповите (КПК), кој се спои со тогашниот Куп на УЕФА (денес со име Лига на Европа). Одново три европски купа има од 2021 година. Според податоците на УЕФА, досега само еднаш се случило тимови од една земја да ги освојат трофеите во сите три европски клупски натпреварувања. Тоа се случи во 1990 година, кога славеа италијанските екипи Милан (европски првак), Сампдорија (победник во КПК) и Јувентус (победник на Купот на УЕФА, а во финалето играше со уште еден тим од Италија, Фиорентина).
Уште 10 пати се случи две екипи од иста земја да освојат два трофеја во една сезона, од тоа шест пати кога тоа беа единствените два достапни пехара (кога се играа по два европски купа, од 1999 до 2021 година). Така, двоен триумф имаше во 1975 година (Баерн европски првак, Борусија Менхенгладбах победи во Купот на УЕФА), 1981 (Ливерпул континентален шампион, Ипсвич во Купот на УЕФА), 1984 (Ливерпул европски првак, Тотенхем во Купот на УЕФА), 2006 (Барселона во ЛШ, Севилја во Купот на УЕФА), 2014 (Реал Мадрид во ЛШ, Севилја во ЛЕ), 2015 (Барселона во ЛШ, Севилја во ЛЕ), 2016 (Реал Мадрид во ЛШ, Севилја во ЛЕ), 2018 (Реал Мадрид во ЛШ, Атлетико Мадрид во ЛЕ), 2019 (Ливерпул во ЛШ, Челси во ЛЕ) и во 2023 година (Манчестер сити во ЛШ, Вест хем во КЛ). Н.М.


ПОБЕДНИЦИ НА ЕВРОПСКИ КУПОВИ ОД ИСТА ЗЕМЈА ВО ЕДНА СЕЗОНА

СЕЗОНА ЗЕМЈА КЛУБОВИ
1974/75 Германија Баерн (ЛШ), Борусија Менхенгладбах (УЕФА)
1980/81 Англија Ливерпул (ЛШ), Ипсвич (УЕФА)
1983/84 Англија Ливерпул (ЛШ), Тотенхем (УЕФА)
1989/90* Италија Милан (ЛШ), Сампдорија (КПК), Јувентус (УЕФА)
2005/06* Шпанија Барселона (ЛШ), Севилја (УЕФА)
2013/14* Шпанија Реал Мадрид (ЛШ), Севилја (ЛЕ)
2014/15* Шпанија Барселона (ЛШ), Севилја (ЛЕ)
2015/16* Шпанија Реал Мадрид (ЛШ), Севилја (ЛЕ)
2017/18* Шпанија Реал Мадрид (ЛШ), Атлетико Мадрид (ЛЕ)
2018/19* Англија Ливерпул (ЛШ), Челси (ЛЕ)
2022/23 Англија Манчестер сити (ЛШ), Вест хем (КЛ)

* сезони во кои се освоени сите достапни трофеи на УЕФА
(во 1989/90 три, во другите по два)
ЛШ – Лига на шампионите; УЕФА – Куп на УЕФА; КПК – Куп на победниците на куповите; ЛЕ – Лига Европа


ЕВРОПСКИ КУПОВИ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Арсенал – Баерн утре
Реал М. – Манчестер с. утре
Атлетико М. – Борусија Д. среда
ПСЖ – Барселона среда
реваншите се идната недела

ЛИГА ЕВРОПА
Милан – Рома четврток
Ливерпул – Аталанта четврток
Баер – Вест хем четврток
Бенфика – Марсеј четврток
реваншите се на 18 април

КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Клуб Бриж – ПАОК четврток
Олимпијакос – Фенербахче четврток
Астон вила – Лил четврток
Плзен – Фиорентина четврток
реваншите се на 18 април