КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029
- Македонија утре гостува кај Луксембург, а со победата на дуелот со Ирска завчера се пласира понатаму. Следниот дел од претквалификациите за ЕП 2029 ќе почне кон крајот на август
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија со убедливата победа (77-56) на дуелот со Ирска го обезбеди првото место во групата А во првата фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година и обезбеди настап во следната фаза од претквалификациите. Избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал во мечот во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје сосема заслужено ја остварија и петтата победа од исто толку натпревари и ќе го завршат овој циклус на врвот на табелата. Утре е и дуелот на гости со Луксембург, меч што ќе биде можност црвено-жолтите со максимален ефект од шест победи да стават печат на успешниот настап во претквалификациите за ЕП 2029. Во вториот меч од оваа група, Азербејџан на гости го победи Луксембург, со 76-74. Понатаму одат првопласираните селекции од сите три групи и најдобрата меѓу второпласираните.
– Мислам дека одигравме добар натпревар. Не беше лесно да се победи, но се адаптиравме на играта на противникот. Бевме добри во одбраната, најдовме решенија и во нападот, па успеавме да ја оствариме целта и да се квалификуваме во следниот круг. Немаме многу време за одмор, сега следува мечот со Луксембург, кој ќе ни биде увертира за следната рунда. Ќе се подготвуваме за тој натпревар, а секако дека желбата е уште еднаш да се победи. Среќен сум од остварената цел. Во овој циклус видов повеќе кошаркари, повеќе играчи и задоволен сум.
Видов повеќе домашни играчи, шанса добија и нови имиња како Марко Луканоски, Петар Бошалески и Павел Иванов, а ги увидов и квалитетите на Нејт Сестина и на Стјуард Јуниор – изјави Берокал, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Андреј Јакимовски уште еднаш ја потврди лидерската улога во репрезентацијата, завршувајќи го натпреварот со 19 поени и 13 скока, Виктор Ефремовски придодаде 12 поени, а капитенот Војдан Стојановски уфрли 10 поени. Кај гостите прв стрелец беше Самуел Алаџики со 20 поени.
– Не очекувавме убедлива победа затоа што Ирска е тврд противник. Дојдоа во подмладен состав со шест кошаркари од колеџ, што малку нѐ изненади, но влеговме подготвени. Знаевме дека ова е меч што мора да се добие за следната фаза. Среќни сме и задоволни што успеавме во целта. Сега ни следува Луксембург, против кого повторно ќе одиме на победа и покрај тоа што сме веќе во следната фаза. По нас, Луксембург е најдобра селекција во групата, многу подобра на домашен терен. Ние немаме повеќе што да загубиме, па ќе влеземе максимално и во тој меч – вели репрезентативецот Стојан Ѓуроски, пренесе КФМ.
Следниот дел од претквалификациите за ЕП 2029 ќе почне во август, ќе играат 12 селекции, а досега се пласираа Македонија и Словачка. Во тој дел ќе настапат и осум репрезентации елиминирани од квалификациите за пласман на Светското првенство во 2027 година. Во втората фаза од претквалификациите за ЕП 2029 ќе има четири групи, победниците ќе играат во квалификациите, а другите селекции во третата фаза од претквалификациите. Г.И.
Група А
Македонија – Ирска 77-56
Луксембург – Азербејџан 74-76
ТАБЕЛА
Македонија 5 5 0 409-321 10
Луксембург 5 2 3 413-413 7
Азербејџан 5 2 3 359-409 7
Ирска 5 1 4 375-415 6
Идно коло: Азербејџан – Ирска (утре, 15 ч.), Луксембург – Македонија (утре, 16 ч.).

































