Честитки до девојките, кои се издигнаа и покажаа дека можат да играат против најдобрите во светот, вели селекторот Александар Ашаданов
КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2023
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија го доживеа и четвртиот пораз во групата А, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2023 година во Израел и во Словенија. Во СЦ „Кале“, македонските кошаркарки загубија од Германија со 47-71 (16-18, 19-9, 9-19, 3-25), иако на полувремето водеа со 35-27 и беа на прагот на големо изненадување. Во вториот меч во оваа група, Белгија дома ја победи БиХ со 100-60.
– Честитки до девојките, кои се издигнаа и покажаа дека можат да играат против најдобрите во светот. Гледам голем квалитет во нашиот тим, знам дека можат, но можеби проблем е кратката ротација, која не ни дозволува да играме во ист ритам во сите 40 минути. Противниците се малку поподготвени оти се навикнати да играат среда-сабота, а тоа се виде во последната четвртина. Американката Мерит Хемпе е одлична личност, натпреварот против Белгија не е мерило, оти не беше вклопена во тимот, а играше и против некои од најдобрите кошаркарки во светот на нејзината позиција. Сигурен сум дека во февруари ќе биде многу подобро – вели селекторот Александар Ашаданов.
Хемпе беше најпрецизна во македонските редови со 20 поени, Јелена Антиќ постигна осум, Нена Трајчевска седум, а кај гостинките Лиони Фибич уфрли 23 поени. Македонките ги загубија и теоретските шанси за пласман на ЕП, а следните две средби се в година, со БиХ на гости (9 февруари) и дома со Белгија (12 февруари). Од 10-те квалификациски групи на ЕП 2023 одат првопласираните, како и четири најдобри меѓу второпласираните селекции. Г.И.