Кошаркарите на Македонија не успеаја да ја совладаат Естонија со разлика поголема од девет поени која беше потребна за да изборат пласман на Европското првенство. „Црвено-жолтите“ славеа со 86-84 во решавачкиот натпревар од турнирот во руски Перм, со што Естонците ќе играат на континенталниот шампионат заедно со Русија и со Италија од квалификациската група Б.

Естонија подобро го отвори натпреварот стекнувајќи разлика од 11 поени на полувреме. Избраниците на Александар Тодоров направија пресврт во вториот дел, но тоа, сепак, не беше доволно за да изборат учество на ЕП.

Ненад Димитријевиќ забележа 23 поени, три скока и пет асистенции, и покрај тоа што неговиот настап беше неизвесен поради повреда, додека Бојан Трајковски уфрли 21 кош, а Џејкоб Вајли оствари дабл-дабл учинок со 18 поени и 14 фатени топки.

Македонските кошаркари имаа згуснат распоред во кој одиграа четири меча за пет дена во Перм, остварувајќи по една победа и пораз против Италија (87-78, 84-92) додека загубија од Русија (77-94) и ја совладаа Естонија.