Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

  • Резултатот не беше важен. Важни беа трите недели што ги ставија Зелено`ртските Острови на фудбалската мапа

По елиминацијата од Светското првенство, фудба­лери­те на Зелено’ртските Ос­трови речиси не веруваа во она што ги пречека во лобито на нивниот хотел во Мајами. И покрај поразот, десетици навива­чи ги дочекаа со овации како вистински херои. Имаше десетици луѓе што навиваа за нив. По пораз, ни помалку ни повеќе, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Тоа е првиот знак за тоа како работите ќе бидат многу различни во многу аспекти за таа репрезентација, барем во претстојната иднина. Таков е случајот кога една репрезентација преминува од практично непозната, до тоа да ги однесе Лионел Меси и Аргентина на работ на елиминација на најголемата фудбалска сцена, пред да загуби со 3-2 во натпревар што се играше во продолженија, пишува АП.
– Време е да се одмориме и да размислиме за иднината. Но многу, многу сум горд на работата на тимот и се надевам дека во иднина можеме да постигнеме големи работи – рече Возиња, голманот на репрезентацијата на Зелено`ртските Острови.
Со други зборови, тој се надева дека семето е посеано.

Селекцијата на Зелено`ртските Острови имаше постигнување од три ремија и пораз во четирите натпревари на своето прво светско фудбалско првенство, што нема да изгледа добро на хартија. Повеќе од две третини од 48-те репрезентации на СП 2026 победија барем на еден натпревар, Зелено`ртските Острови не се една од нив, но, резултатот, едноставно, не ја раскажува целата приказна, пишува АП.
Одиграа реми без голови со Шпанија на отворањето на групната фаза на СП 2026, правејќи ја многу реална шансата за пласман во нокаут-фазата. Имаше уште два нерешени резултати во групната фаза, прво 2-2 со Уругвај, што ги стави Зелено`ртските Острови на работ на пласман понатаму, а потоа 0-0 со Саудиска Арабија, што беше доволно за да се обезбеди пласман во шеснаесеттина финалето.
Аргентинските фудбалери и тренери инсистираа дека не очекуваат лесно да ја поминат репрезентацијата на Зелено`ртските Острови. И кога натпреварот заврши, Меси имаше само комплименти за противникот, кој беше аутсајдер, пишува АП.

– Некои луѓе мислеа дека натпреварот ќе биде едноставен, но тоа не можеше да биде подалеку од реалноста. Тие нѐ притиснаа навистина добро. Нема лесно во нокаут-фудбалот. Тие веќе играа добро против Шпанија и против Уругвај, па знаевме дека ќе биде тешко – рече Меси, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“.
За Аргентина, победата беше навистина тешка. За Зелено`ртските Острови, исто така, беше тешко да се прифати дека настапот на СП 2026 завршува по тој натпревар.
Сепак, кога шетаа низ лобито на хотелот, тоа беше како поздравување на победнички херои. Бубиста, селекторот на репрезентацијата, ја стисна тупаницата во знак на прослава, многу фудбалери не можеа да престанат да се смеат, Возиња се ракуваше со неколкумина и позираше за неколку фотографии, пишува АП.
Тие станаа познати личности. Рок-ѕвезди, речиси. Резултатот не беше важен. Важни беа трите недели што ги ставија Зелено`ртските Острови на фудбалската мапа.
– Можам само да му се заблагодарам на нашиот тим за нивниот труд и за тоа што покажаа толку многу срце на тој терен. И мислам дека сите треба да им се заблагодарат за она што го направија за овој турнир – рече Бубиста, пренесе АП. Н.М.


СП 2026

1/16-ФИНАЛЕ
Германија – Парагвај 1-1 (3-4 п.)
Франција – Шведска 3-0
Јужна Африка – Канада 0-1
Холандија – Мароко 1-1 (2-3 п.)
Бразил – Јапонија 2-1
БСК – Норвешка 1-2
Мексико – Еквадор 2-0
Белгија – Сенегал 3-2
Англија – ДР Конго 2-1
САД – БиХ 2-0
Шпанија – Австрија 3-0
Португалија – Хрватска 2-1
Швајцарија – Алжир 2-0
Австралија – Египет 1-1 (2-4 п.)
Аргентина – Зелено`ртски О. 3-2
Колумбија – Гана 1-0

ОСМИНАФИНАЛЕ
А. Канада – Мароко 0-3
Б. Парагвај – Франција 0-1
В. Бразил – Норвешка синоќа
Г. Мексико – Англија 2 ч.
Д. Португалија – Шпанија 21 ч.
Ѓ. САД – Белгија утре, 2 ч.
Е. Аргентина – Египет утре, 18 ч.
Ж. Швајцарија – Колумбија утре, 22 ч.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Франција – Мароко четврток, 22 ч.
2. Победник Д – Победник Ѓ петок, 21 ч.
3. Победник В – Победник Г сабота, 23 ч.
4. Победник Е – Победник Ж недела, 3 ч.

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2 14 јули, 21 ч.
Победник 3 – Победник 4 15 јули, 21 ч.