ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
- Пари Сен Жермен сезонава постигна 44 гола (еден помалку од рекордот на Барселона), а Арсенал е единствен клуб со едноцифрен број примени голови, шест (два од пенал), пред меѓусебното финале на 30 мај во Будимпешта
Актуелниот европски првак Пари Сен Жермен ќе ја брани континенталната титула во дуелот со Арсенал на 30 мај во Будимпешта и тоа ќе биде натпревар на најдобриот напад против најдобрата одбрана сезонава во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ).
Пари Сен Жермен сезонава постигна 44 гола на 16 натпревари (еден помалку од рекордот на Барселона за една сезона, исто така на 16 средби, во сезоната 1999/2000), а Арсенал е единствениот клуб сезонава со едноцифрен број примени голови, вкупно шест (два од пенал).
Во реванш-натпреварот од полуфиналето Пари Сен Жермен ремизира во средата на гости кај Баерн, во Минхен, 1-1, и со вкупен резултат 6-5 се пласира во своето трето финале во Лигата на шампионите и ќе игра за својата втора европска титула.
Арсенал, пак, еден ден претходно во полуфиналето го победи Атлетико Мадрид вкупно со 2-1 и вторпат ќе настапи во натпревар за европската титула, за својот прв триумф. Двата тима се сретнаа меѓу себе лани, во лигашката фаза и во полуфиналето.
Пари Сен Жермен се стреми да стане само вториот клуб во ерата на Лигата на шампионите што ја одбранил титулата, по Реал Мадрид, кој освои три титули по ред од 2016 до 2018 година, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА), Арсенал е непоразен во Лигата на шампионите сезонава со 11 победи и три нерешени резултати, а 16 претходни освојувачи на европската титула поминаа цела сезона без пораз, пишува УЕФА. Н.М.
Најефикасна ЛШ досега
Сезонава во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) е најефикасна откако тоа натпреварување се игра под тоа име, од сезоната 1992/1993. На 188 натпревари досега се постигнати вкупно 653 погодока, што е просек од 3,47 гола по средба. Лигата на шампионите од минатата сезона се игра со по 36 тима во лигашката фаза (претходно по 32).
Тој резултат е подобар од досегашниот голгетерски рекорд, поставен лани, со постигнатите 618 погодока на 189 натпревари, за просек од 3,27. Во вкупната статистика, заедно со сезоните играни под името Куп на шампионите, од сезоната 1955/1956 до сезоната 1991/1992, годинашната е на 10. место според просекот на голови.
Според податоците, најефикасна останува првата сезона на најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, со вкупно 127 гола постигнати на 29 натпревари, што е просек од 4,38 погодока по средба, а уште две сезони имаа просек од над четири гола по натпревар, и тоа 1959/1960 со 4,19 и сезоната 1961/1962 со 4,02 гола по средба. Н.М.
Шпанија се израмни со Италија
Шпанија и Италија од сезонава ќе бидат израмнети на врвот во категоријата тренери победници во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Во финалето на годинашната сезона ќе играат два тима чии кормилари се шпански стручњаци, и тоа Луис Енрике од Пари Сен Жермен и Микел Артета од Арсенал. Двете земји сега ќе имаат тренери со по 13 европски титули, а на оваа листа на третото место е Германија со 10 трофеи. Според податоците, досега шест шпански тренери освоиле европски клупски титули, и тоа Пеп Гвардиола (две со Барселона, една со Манчестер сити), Хозе Вилалонга, Мигуел Муњоз, Висенте дел Боске (тројцата со по две со Реал Мадрид), Луис Енрике (по една со Барселона и со Пари Сен Жермен) и Рафаел Бенитез (една со Ливерпул). Од Италијанците, пак, седуммина освоија трофеи, и тоа Карло Анчелоти (два со Милан, три со Реал Мадрид), Нерео Роко, Ариго Саки (двајцата по два со Милан), Фабио Капело (еден со Милан), Џовани Трапатони, Марчело Липи (двајцата по еден со Јувентус) и Роберто ди Матео (еден со Челси). Н.М.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Осминафинале
Спортинг – Бодо/Глимт 5-3
Арсенал – Баер 3-1
Челси – Пари Сен Жермен 2-8
Манчестер С. – Реал М. 1-5
Барселона – Њукасл 8-3
Ливерпул – Галатасарај 4-1
Баерн – Аталанта 10-2
Тотенхем – Атлетико М. 5-7
Четврт-финале
Реал М. – Баерн 4-6
Спортинг – Арсенал 0-1
Барселона – Атлетико М. 2-3
Пари Сен Жермен – Ливерпул 4-0
Полуфинале
Пари Сен Жермен – Баерн 6-5
Атлетико М. – Арсенал 1-2
Финале
Пари Сен Жермен – Арсенал 30 мај
резултатите се вкупни по двата
меча во секоја рунда
































