Од сезонава клучните инциденти од секој меч во Премиер-лигата се прегледуваат од новоформираната независна комисија, во која има по еден претставник од ЗПС и од Премиер-лигата, како и тројца поранешни играчи

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Здружението на професионални судии на Англија (ЗПС) призна дека контроверзните одлуки на видеоасистент-судиите (ВАР) на мечевите Челси – Вест хем и Њукасл – Кристал палас биле погрешни и најави дека „целосно ќе соработува“ со Премиер-лигата во врска со сличните инциденти. Одлуките на тие два меча беа особено жестоко критикувани во јавноста, но проблемот е што спорни судиски одлуки имаше и на мечевите Астон вила – Манчестер сити, Нотингам форест – Борнмут, Брентфорд – Лидс, како и на дербито Манчестер јунајтед – Арсенал. Слични пропусти беа видени и на некои мечеви во претходните кола.
Од сезонава, клучните инциденти од секој меч во Премиер-лигата се прегледуваат од новоформираната независна комисија, во која има по еден претставник од ЗПС и од Премиер-лигата, како и тројца поранешни играчи. Потоа тие резултати се споделуваат со клубовите заради транспарентност.
„Би-би-си“ пишува дека ЗПС е подготвено целосно да соработува со Премиер-лигата и врз основа на процените од неделните извештаи и однесувањето на судиите на натпреварите ќе се обиде да ја подобри состојбата. Премиер-лигата најави дека разгледувањето на судиските одлуки е приоритетно прашање. ВАР требаше да ги направи работите поправедни, но честопати го прави токму спротивното. Забелешките се дека прегледот на снимките трае предолго, по неколку минути, па и тогаш одлуките понекогаш се нејасни и дискутабилни.
Многумина инволвирани во фудбалот тврдат дека улогата на ВАР не е да ги поништи дискутабилните одлуки што веќе се направени од судијата на теренот. Дилемата е и која е поентата од таквиот систем со кој треба да се намалат и да се елиминираат грешките, кога тој постојано прави грешки и функционира врз лажните премиси дека ги поправа само јасните и очигледни грешки, а од друга страна за речиси секој гол се чека потврда од него! Л.Д.