На стадионот „Ацтека“ се играа и финалињата на светските првенства во 1970 и во 1986 година / Фото: ЕПА

Култниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити на 11 јуни 2026 година рекорден третпат ќе биде домаќин на воведен меч на СП (претходно во 1970 и во 1986 година). Финалето на Мундијалот во 2026 година ќе се игра на 19 јули на стадионот во Њу Џерси, каде што во 2016 година се играше финалето на јубилејната Копа Америка Сентенарио (на стогодишнината на тој турнир)

ФУДБАЛ – ФИФА ГО ОБЈАВИ РАСПОРЕДОТ НА МЕЧЕВИТЕ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2026 ГОДИНА

Светското првенство (СП) за фудбалери во 2026 година, кое првпат ќе се игра во три земји (домаќини се САД, Мексико и Канада) и со учество на рекорден број репрезентации, вкупно 48, треба да почне на 11 јуни, со натпревар на култниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити (Мексико), а финалето е предвидено да се игра во Њу Џерси (САД), на 19 јули, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА).
– Најинклузивното и највлијателно Светско првенство досега веќе не е сон, туку реалност што ќе се обликува во форма на 104 натпревари на 16 најсовремени стадиони низ Канада, Мексико и САД. Од воведниот натпревар на култниот стадион „Ацтека“ до спектакуларното финале во Њујорк-Њу Џерси, играчите и гледачите беа во срцевината на нашето опширно планирање за овој турнир што ја менува играта. Би сакал да им се заблагодарам на нашите три земји домаќини и 16-те града домаќини за непоколебливата посветеност да организираме Светско првенство што не само што ќе постави нови рекорди туку и ќе остави неизбришливо наследство – рече претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино.
Стадионот „Ацтека“ третпат ќе биде домаќин на воведен натпревар на едно светско фудбалско првенство (претходно во 1970 и во 1986 година), со што ќе влезе во историјата на фудбалските мундијали како прв стадион на кој се играле три такви натпревари, а во 2016 година на стадионот во Њу Џерси се играше финалето на Копа Америка Сентенарио (турнир по повод стогодишнината на фудбалските првенства на Јужна Америка), пишува Светската фудбалска федерација.
Канада првпат ќе биде домаќин на Светското првенство за фудбалери, а САД вторпат, по рекордното издание одржано од 1994 година. Домашните фудбалски репрезентации своите први натпревари на Мундијалот во 2026 година ќе ги играат во Торонто (Канада), Мексико Сити (Мексико) и во Лос Анџелес (САД).
Иновативниот распоред на натпревари е дизајниран да ги минимизира патувањата на репрезентациите и на гледачите, осигурувајќи дека одморот и закрепнувањето на фудбалерите се приоритет во текот на турнирот, пишува Светската фудбалска федерација.

Распоредот обезбедува по три дена одмор за репрезентациите за 103 од 104-те натпревари на Мундијалот во 2026 година. Поголемиот дел натпревари ќе се играат во три регионализирани зони (источна, централна и западна) за да се намалат патувањата на селекциите и на публиката.
Мечевите од четврт-финалето на СП 2026 треба да се играат во Лос Анџелес, Канзас Сити, Мајами и во Бостон, полуфиналињата е предвидено да се играат во Далас и во Атланта, а Мајами да биде домаќин на натпреварот за бронзениот медал на планетарното фудбалско првенство. Во Далас ќе се играат вкупно девет натпревари, најмногу од сите градови-домаќини на турнирот, и тоа пет натпревари од групната фаза, две средби од новата фаза на мундијалите, шеснаесеттинафиналето, и по еден меч од осминафиналето и од полуфиналето.
Според распоредот објавен од Светската фудбалска федерација, во првиот и во вториот ден на Светското првенство во 2026 година ќе се одиграат по два натпревара (од нив, три на домаќините на шампионатот, во Мексико Сити, Лос Анџелес и во Торонто, како и еден дуел во Гваладалахара), во последните четири дена од групната фаза, пак, треба да се играат по шест натпревари дневно, а во сите други денови од групната фаза на шампионатот ќе има по четири средби на ден. Н.М.

Натпреварот за светската фудбалска титула во 2026 година ќе се игра на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси