Баер Леверкузен, кој е непоразен на 51 меч во сите натпреварувања сезонава (42 победи, девет нерешени), а 12 од нив се во ЛЕ (девет победи, три ремија), влегува во овој дуел како фаворит
ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА
Италијанскиот клуб Аталанта и актуелниот шампион на Германија, Баер Леверкузен, ќе ги одмерат силите вечерва во Даблин (21 ч.), Република Ирска, во финалето на Лига на Европа (ЛЕ), второ по квалитет европско клупско натпреварување во фудбал. Мечот ќе се игра на стадионот „Авива“, со капацитет од 50.000 места, првпат отворен во 2010 година. Ова е второ финале што ќе се игра на овој стадион, по она во 2011 помеѓу португалските екипи Порто и Брага.
Ова е прво европско финале за Аталанта, предводена од тренерот Џан Пјеро Гасперини, која неодамна го загуби финалето во Купот на Италија, па клубот сега ја бара првата голема титула по домашниот Куп (1962/63).
За Баер Леверкузен, пак, ова е трето големо европско финале, откако го победи Еспањол во двомечот во финалето на Купот на УЕФА во 1988 и загуби (1-2) од Реал Мадрид во Лигата на шампионите (ЛШ) во 2002 година. Откако годинава за првпат ја освоија титулата во Бундеслигата и обезбедија настап во финалето на Купот на Германија, избраниците на шпанскиот тренер Чаби Алонсо, секако ќе се стремат кон освојување тројна круна.
Според фудбалските стручњаци, Баер Леверкузен, кој е непоразен на 51 меч во сите натпреварувања сезонава (42 победи, девет нерешени), а 12 од нив се во ЛЕ (девет победи, три ремија), влегува во овој дуел како фаворит. Аталанта, сепак, не треба да се отфрли, оти победи на седум од своите девет меча, откако загуби (0-1) од Ливерпул во реваншот од четврт-финалето на ЛЕ.
Победникот обезбедува пласман во ЛШ следната година. Главен судија на финалниот меч е Романецот Иштван Ковач. Г.И.