Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ е во потрага по шестата генерација „Докуникулци“ на возраст од 14 до 18 години, кои сакаат да бидат дел од едногодишната работилница за креативен документарен филм.
– Сигурно си чул/а некој од постарите како вели: „Денес е лесно, со тоа телефоните во џебот, можете сѐ да снимате и одма на Инста“. Ама не е баш така. Отвори во галерија и биди искрен/а… Колку од твоите видеа имаат приказна? Кажуваат нешто што ќе го надживее и последниот модел на ајфон?
Бараме млади, храбри и креативни луѓе што сакаат да се изразат слободно и подготвени да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесетмина величествени од сите вас ќе бидат поделени во групи со по еден ментор, а на крајот секоја група ќе треба да има готов краток креативен документарен филм. Имаш уникатна шанса да го научиш занаетот на правење документарци од прва рака наместо од видеотуторијали и да навлезеш во филмскиот свет на еден свој и уникатно интересен начин – информираат од „Македокс“.
– Програмата на „Докуникулци“ црпи искуство од досегашните пет генерации на млади, од кои дел веќе започна сериозно да се занимава со филм. Нашето искуство е стекнато низ 15 фестивалски години, каде што се свртеле буквално илјадници документаристи, раскажувачи на приказни и вљубеници во седмата уметност. На дофат на рака имаш единствена можност за креативна дружба, од која на крајот ќе имаш свој филм! Твој филм, кој ќе биде снимен според твојата приказна, со професионална опрема и со помош на менторска поддршка од докупрофесионалци. И наша заедничка длабока надеж дека твојот филм ќе патува на многу фестивали – додаваат од „Македокс“.

Сними се себеси, со телефон, камера или на кој било друг начин и преку видеото, кое не треба да е подолго од пет минути, одговори на следниве прашања:
Покрај гледањето филмови, кои се твоите останати хобија/пасии?
Дали повеќе го следиш твоето срце или твојот разум?
По која особина сакаш да те запамтат луѓето?
Дали се поистоветуваш со некој филмски лик? Доколку да, кој е тој?
Која е причината поради која сакаш да гледаш (документарни) филмови?
Кое е твоето првично сеќавање од гледање филм?
За каква личност се сметаш себеси, а пак како те сметаат другите/твоите пријатели?
Видеото испрати ни го на [email protected] преку „Витрансфер“ (WeTransfer). Уште подoбро, доколку си во можност, прикачи го на Вимео (Vimeo) или на Јутјуб (YouTube), заштитено со лозинка, а нам испрати ни ги линкот и лозинката. Повикот е отворен до 15 јуни 2024, a резултатите ќе бидат објавени до 20 јуни 2024 година, пишува во повикот на „Македокс“.
Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува во следниот период: јули 2024 (пет дена во природа), август 2024 (осум дена на филмскиот фестивал „Македокс“), 5-7 есенско-зимски сесии по договор во периодот од септември до јануари и снимање и завршување на филмовите до јуни 2025.
– На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „Македокс“, ланските докуникулци и наши пријатели од други земји – докажани докупрофесионалци.
Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но имај на ум дека сместувањето, особено за првата сесија во природа, не е во хотел со пет ѕвездички, туку може да е кампување во шатори, под отворено небо со милион ѕвезди, заедно со тимот на „Македокс“ – информираат од „Македокс“.