Фото: Игор Бансколиев

Експертите за високи перформанси имаат уникатно разбирање за својата област и се консултираат со својот компјутер пред да му шепнат доверливи информации на менаџерот. Тие не се традиционални фудбалски тренери. Тие се невидливата армија на клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига: аналитичари, статистичари, научници и… сурфери, боб-санкачи

ФУДБАЛ

Тие работат во сенка, далеку од љубопитните очи. Тие се невидливата армија на клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига во потрага по слава: аналитичари, статистичари, научници и… сурфери, боб-санкачи? Добредојдовте во светот на специјализираните тренери, пишува ЕСПН на својата интернет-страница. Овие експерти за високи перформанси имаат уникатно разбирање за својата област и се консултираат со својот компјутер пред да му шепнат доверливи информации на менаџерот. Тие не се традиционални фудбалски тренери. Тие се задолжени за податоци, тоа се луѓето што ги гледате на клупите за резервни играчи со иницијали на нивните тренерки, кои не можете да ги поврзете со име.

ПРЕКИНИ

Кој е тој што стои до Микел Артета? Тоа е Николас Џовер, тренерот што му се приклучи на Арсенал од Манчестер сити во јули 2021 година и помогна да постигнат 16 гола од прекини во минатата сезона, трет највисок резултат во лигата и 10 повеќе отколку во сезоната 2020/2021. Тоа продолжи сезонава, Арсенал постигна пет гола од такви ситуации, заклучно со 17 септември, втор зад Тотенхем (шест). Многу подобрениот Арсенал е еден од неколкуте премиерлигашки клубови, вклучувајќи ги Тотенхем, Манчестер сити и Брентфорд, кои имаат тренери за прекини за да ја подобри ефикасноста. Овие експерти некогаш работеа во соби за анализа, во сенка, далеку од видното поле на гледачите, но деталите по мечевите ја изнесуваат нивната работа на виделина.
Во 2018 година, поранешниот боб-возач Томас Гронемарк беше донесен во Ливерпул од Брентфорд за да се зголеми нивната ефикасност. Клубот отиде од 18-то место во изведување аут под притисок во 2017/2018 до првото место во 2018/2019, и постигна 14 од 85-те гола во сезоната кога беше освоена титулата, 2019/2020, од такви ситуации. Пред почетокот на таа сезона, Јирген Клоп го покани сонародникот Себастијан Штедтнер во претсезонскиот тренинг-камп, откако гледаше документарен филм за светски познатиот сурфер на високи бранови. Штедтнер работеше со играчите на задржување на здивот под вода со цел да се задржат фокусот и смиреноста под притисок. Играчите можеа целосно да се потопат од 10 до 90 секунди кога тој пристигна. До крајот на сесијата, некои играчи се приближуваа до бројката од четири минути. Тимот можеше да ги извлече лекциите научени од овој специјализиран тренинг во текот на сезоната, бидејќи забележа 14 победи со разлика од еден гол и направи пресврт на мечевите со Њукасл, Тотенхем и со Астон Вила.

ВО ПОТРАГА ПО НАЈМАЛА ПРЕДНОСТ

Најпрогресивните клубови, сепак, не се концентрираат само на тренери за прекини, тие вработуваат низа специјалисти. Деталите за аути, шутирања и невронаука се проценуваат и се преобликуваат во достапна програма за тимовите и за играчите да искористат и најмала предност. Повеќето фудбалски клубови не можат да ги надминат во трошење своите ривали и мора да бараат на друго место за да најдат предност што ќе го подобри она што веќе го имаат. Стручните тренери им овозможија на клубовите да го израмнат теренот за игра, барем во некои аспекти. Во 2012 година, Метју Бенхам, успешен бизнисмен, го купи Брентфорд, го спаси од згаснување, пред да помогне да се пласира во Премиер-лигата во рок од девет години. Бенхам го ангажира консултантот за високи перформанси Расмус Анкерсен како кодиректор на фудбал заедно со Фил Гилс, коосновачот на фирма за статистика Тед Кнутсон како шеф на аналитика на играчи. Ангажирањето играчи базирано на податоци и употребата на специјализирани тренери беа две клучни компоненти на стратегијата на Бенхам и за Брентфорд и за неговиот друг клуб, ФК Митјиланд од Данска, кој го купи во 2014 година. Пред да се пресели во Тотенхем, Џани Вио му се приклучи на Брентфорд од Милан во летото 2015 година. Нивните работни титули привлекоа потсмев од традиционалистите, сѐ додека нивните резултати не станаа неоспорни. Сите тројца работеа и со Митјиланд, кој стана шампион на Данска првпат во 2015 година и, значително, 25 од нивните 65 гола беа постигнати преку прекини, благодарение на работата на помошниот тренер Брајан Приске.
– Имавме огромен успех во првата сезона во Митјиланд, но гледајќи назад, ги имавме сите вистински играчи. Мислев: ова ќе биде лесно, но набрзо сфативме дека не е толку едноставно како да се соберат заедно специјалисти. Ни требаа неколку години да го направиме како што треба – изјави Бенхам за ЕСПН.
Откако Брентфорд уживаше во почетниот пресврт во текот на сезоната 2015/2016, завршувајќи на четвртото место во дивизијата Чемпионшип, тие не беа на третата позиција, иако беа во првата половина во четири последователни сезони. Но влијанието од нивната промоција во Премиер-лигата во 2021 година е многу поизразено, со тактичкиот статистичар Бернардо Куева, кој пристигна од Гвадалахара во 2020 година. Само Арсенал, Ливерпул и Манчестер сити, кои имаат свои тренери за прекини, постигнаа повеќе голови од такви ситуации во минатата сезона. Сезонава Брентфорд постигна четири такви гола и е петти на таа листа, два гола зад Тотенхем.
Медиумскиот наратив го наслика Брентфорд како пионер, но Бенхам вели дека нивниот успех се должи повеќе на „ефикасноста“ наместо на „иновативноста“. Бенхам е скромен. Клубовите што размислуваат напредно, надвор од Премиер-лигата, може да имаат право на ознаката трендсетер, но во Англија, Брентфорд го предводеше патот. Гронемарк сега е во Ливерпул, Вио се пресели во Тотенхем ова лето, а беше со репрезентацијата на Италија кога ја освои европската титула лани, Андреас Георгсон (тренер за прекини) се пресели во Арсенал и сега е спортски директор во Малме, Џовер го напушти Брентфорд за да го замени Георгсон во Арсенал, Мадс Бутергејт, тренер на Митјиланд, работеше со сениорскиот тим на Данска на ЕП 2020 и сега е во Германија, пишува ЕСПН.

Еден детаљ на кој работат многу малку клубови е шутот. Знаеме што мислите: зошто елитен фудбалер треба да научи нешто за шутирање фудбал, пишува ЕСПН. Станува збор за ефектот што се обидувате да го ставите на топката, било да е тоа вртење или која било друга варијација. Покрај тоа што работеше со поединци при изведување директни слободни удари, Бартек Силвестрак соработуваше со тренерите во Брентфорд и во Митјиланд. Неговата работа беше да ги учи играчите како да ја ставаат топката како на чинија за соиграчот.
– На првотимско ниво, техничкото подобрување речиси никогаш не е на дневен ред. Повеќето луѓе во клубовите размислуваат за следната сабота и за следните три бода. Секој играч, дури и најдобриот во светот, би имал корист ако потроши повеќе време на усовршување на најважните фудбалски вештини – објасни за ЕСПН Силвестрак, кој има работено и за белгискиот клуб Гент.
Онаму каде што го гледаме Џејмс Вард-Проус како бие од слободен удар во горниот агол, Силвестрзак гледа агол и ритам на пристап, координација на горниот дел од телото, поставеност на стапалата, положба на стапалото за шутирање, форма на замав, брзина на топката, вртење и траекторија. Цела снимка поделена на секој нејзин елемент.
– Опседнат сум со деталите. Се посветив 23 години на удирање топка, на вежбање, учење и, во изминатите 13 години, тренирање на оваа вештина. Морав сам да ја направам целата анализа од нула, идентификувајќи ги сите технички променливи и разбирање како да се манипулира со нив за да се постигне саканиот ефект во однос на вртењето и траекторијата на топката – вели Силвестрзак.

РАЗЛИКА МЕЃУ ПОБЕДА И ПОРАЗ

Алан Расел работеше како офанзивен тренер на Англија на Светското првенство во 2018 година, привлекувајќи големо одушевување. Шкотланѓанецот ѝ помогна на Англија да постави рекорд на турнирот кога постигна девет гола од прекини, вклучувајќи и четири од корнер.
– Постои основна стратегија, а потоа има детали што се потребни за да се направи продуктивно. Кога живеев во САД, поминав една недела со франшизата на НФЛ Оукланд рајдерс, па можев да видам како работат нивните стручни тренери и какви резултати дадоа од постојаното повторување. Научив многу и за создавање простор во пренатрупани области. Беше неверојатно корисно – вели тој.
Има стручни тренери што ќе го водат секој аспект од напаѓачката игра, но фудбалот е психолошки, колку што е физички и технички. Тука доаѓа „Неуро 11“, со тренингот заснован на „невронаучни податоци за елитните спортисти“, пишува ЕСПН.
– Станува збор за доведување одредени играчи пред прекините во правилен начин на размислување, со тоа што ќе ги правите работите што ги правите на теренот. Сѐ се мери, тие се невронаучници. Тоа е многу интересно и важно ново поглавје за нас – рече шефот на Ливерпул, Клоп, на крајот од минатата сезона, пренесува ЕСПН.
Постои опрема што ја мери електричната активност во мозокот на фудбалерот при изведување слободни удари, корнери и пенали.
– Ја снимаме активноста на мозокот за да ни даде објективни повратни информации. Потоа разговараме со играчот за да ја разбереме неговата ментална и емоционална состојба за време на моменти на висок притисок и стрес. Сакаме играчите да бидат ослободени од надворешни влијанија и негативни мисли, така што нивното одлучување е побрзо и попрецизно – објаснува коосновачот на „Неуро 11“, д-р Никлас Хауслер.
„Неуро 11“ сака да им помогне на играчите да го оптимизираат својот одговор на стравот, користејќи психологија, проучување на однесувањето и невронаука, биолошки и хемиски процеси во мозокот и нервниот систем. За идните можности, Хауслер само вели: „Ова е само почеток. Невронауката е златен рудник“.
Без разлика дали сте почетник што е во потрага по мала предност или висока категорија што се бори за титули, увидот на специјалист е клучен.
– Тоа може да биде разликата меѓу победата и поразот. Толку е едноставно – вели Хауслер, пренесува ЕСПН.