Деветтото издание на „Бич филм фестивал“ во Охрид
Фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“ се враќа во Охрид од 22 до 26 јули со своето деветто издание. Пет дена, четири локации и десетици филмови под отворено небо – на плажа, на брод и покрај езерото – ќе го претворат Охрид во летна филмска сцена.
Годинашното издание носи официјална селекција на долгометражни, краткометражни и студентски филмови од повеќе европски земји, специјална селекција, детска програма и едукативни содржини. Фестивалот и оваа година останува верен на својата идеја: филмот да биде достапен, споделен и доживеан заедно – под ѕвездите, покрај водата. Фестивалот започна на плажата Сараиште, со претпрограма посветена на македонскиот филм и проекции на „Железна тврдина“ на Митко Панов и „Самоуништување“ на Ербил Алтанај. Проекцијата на „Самоуништување“ се одржа по повод 30 години од премиерата на овој култен македонски филм.
Официјалната селекција на долгометражни филмови се отвора вечерва на плажата Славија со „Да се биде Марија“ на Џесика Палид (20.30 ч.). Меѓу главните настани на фестивалот е и специјалната проекција на „Инстинктот“ на Хуан Албарасин, што ќе се одржи на бродот „Армада“ на 25 јули во 21.30 ч. – кино на вода, со езерото наоколу. Фестивалот се затвора на 26 јули на плажата Славија со специјалната проекција на „Приказната за Силјан“, најновиот филм на македонската режисерка Тамара Котевска (21 ч.), а истата вечер во 20.45 ч. во Специјалната селекција е и „Сајлент синема“ на Крсте Господиновски.
Во програмата се и краткометражната и студентската селекција – меѓу нив „Ритуали“ на Филипо Мараско, „Драга мајко“ („Dear Mother“) на Теодор Солин и „Сенките на месечината“ („Shadows of the Moon“) на Тина Величковиќ – како и специјална програма на современиот турски филм со „Еден од оние денови кога Хеме умира“ на Мурат Фиратоглу и „Како што дишеме“ на Сејхмус Алтун, реализирана со поддршка на Амбасадата на Турција. За наградите на деветтото издание ќе одлучува меѓународно жири составено од автори и професионалци од четири земји: Ана Хут (Полска/Берлин) – филмска експертка, професорка на Филмската школа „Кшиштоф Кјешловски“, Кеми Перес (Канарски Острови, Шпанија) – режисер, продуцент и сценарист, Хана Грос (Канада) – актерка и режисерка, Срѓан Анѓелиќ (Србија) – сценарист и режисер.
Едукативниот дел од фестивалот оваа година донесува три мастеркласови, отворени за млади автори, студенти и филмски професионалци, што ќе ги одржат членовите на меѓународното жири. Од 22 до 25 јули ќе се одржи и хорор-работилница за средношколци и млади, посветена на игран хорор-филм, под менторство на Ангела Гроздано. Во програмата се предвидени и средби со авторите на прикажаните филмови. Најмладите посетители и оваа година имаат своја програма – детските проекции се одржуваат на плажата Сараиште.
– Фестивалот го градиме со многу љубов и ентузијазам, а секоја година се обидуваме да донесеме филмови што ќе ја изненадат публиката и ќе создадат нови разговори. Охрид има посебна енергија во лето, а кога ќе се спојат филмовите, зајдисонцата и луѓето, се создава атмосфера што не може да се доживее никаде на друго место. Најголемата награда за нас е кога ќе видиме полна публика и ќе почувствуваме дека филмот навистина ги поврзал луѓето под истото небо покрај Охридско Езеро – вели Моника Зафировска од организацијата на фестивалот.
Фестивалот ги доделува наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм, „Голем бран Стефан Сидовски“ за најдобро актерско остварување и „Мал бран“ за најдобар краток и најдобар студентски филм. В.Д.
































