Фото: „Нова Македонија“

Климатските промени веќе не се предупредување – тие станаа секојдневие

  • Пред една деценија се случи стравотната поплава во скопско Стајковци кога токму од невреме на микролокација дојде до пробив на силна вода од падините на Скопска Црна Гора, која потоа се прелеа преку скопската обиколница и заврши во домовите на граѓаните на Стајковци, Ченто и на околните населени места. Тогаш животот го загубија 22 лица. Таа лекција не смееме да ја заборавиме бидејќи микробурите на Скопска Црна Гора и натаму се закана

Последните интензивни временски непогоди во земјава се јасна потврда дека климатските промени повеќе не се тема за научни конференции, меѓународни самити или извештаи што ретко кој ги чита, туку реалност со која граѓаните секојдневно се соочуваат. Од ден на ден, временските услови стануваат понепредвидливи, а екстремните појави сè почести. Она што до пред неколку години се сметаше за редок настан, денес полека прераснува во ново правило. Потврда за тоа е завчерашното силно невреме што зафати делови од Скопје, Дојран, Струмица, Радовиш и Делчево, како и неодамнешните временски непогоди во Битола, Тетово и во Охрид. Тоа јасно говори дека институциите и граѓаните мора да се подготват за новото нормално.

Тешко предвидливи временски екстреми

Она што последната деценија станува сè поочигледно е дека невремињата се формираат на релативно мали микролокации, траат кратко, но нивниот интензитет е исклучително силен. За само неколку минути можат да предизвикаат паднати дрвја, оштетени покриви, поплавени улици, прекин на електричната енергија и сериозни проблеми во секојдневното функционирање.
Пред една деценија се случи стравотната поплава во скопско Стајковци кога токму од невреме на микролокација дојде до пробив на силна вода од падините на Скопска Црна Гора, која потоа се прелеа преку скопската обиколница и заврши во домовите на граѓаните на Стајковци, Ченто и на околните населени места. Тогаш животот го загубија 22 лица. Таа лекција не смееме да ја заборавиме бидејќи микробурите на Скопска Црна Гора и натаму се закана.
Токму оваа непредвидливост можеби е најголема опасност што ги демне граѓаните. Во еден дел од градот сонце, а само неколку километри подалеку ветер што корне дрвја и дожд што за неколку минути создава поплави. Таквите појави сè повеќе стануваат карактеристични за регионот.
Имено, во Словенија и Хрватска последниве години беа регистрирани невремиња со размери што локалното население не ги памети. На јадранското приморје, каде што летата традиционално се поврзуваа со стабилно и мирно време, денес се бележат силни ветрови, па дури и мини-торнада, обилни врнежи и разорни бури, кои предизвикуваат огромни материјални штети. Ако ваквите појави стануваат нова реалност во регионот, нема причина да се верува дека Македонија ќе остане поштедена.

Систем што ги намалува ризиците

Затоа повеќе не треба да се поставува прашањето дали климатските промени постојат. Прашањето е дали сме подготвени да живееме со нив. А одговорот, барем засега, не остава многу простор за оптимизам.
– Македонија мора што побрзо да почне системски да се подготвува за новите климатски услови. Наместо секое невреме да го дочекуваме како непријатно изненадување, неопходно е да се изгради систем што ќе ги намалува ризиците уште пред да настанат последиците. Тоа подразбира многу подобра институционална координација меѓу локалните самоуправи, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, хидрометеоролошките служби, противпожарните единици, електродистрибутивните компании и другите служби, но и телекомуникациските оператори. Само добро поврзан систем може навреме да реагира кога временските услови стануваат опасни – велат нашите соговорници, безбедносни експерти.
Според нив, особено внимание треба да се посвети на системите за рано предупредување.
– Денес технологијата овозможува секој граѓанин за неколку секунди да добие известување на мобилниот телефон доколку се очекува опасно невреме. Таквите системи можат да спасат човечки животи и значително да ги намалат материјалните штети. Добар дел од граѓаните за време на летните одмори надвор од земјава го имаат почувствувано тоа искуство со рано предупредување, било да се работи за пожари, поплави или слични непогоди. Така треба да функционираат и нашите системи, граѓаните веднаш да добијат предупредување на мобилен за некаква опасност, било пожар, било невреме, поплава или слично – објаснуваат соговорниците.
Тие сугерираат и на што да обрнат внимание локалните власти, како превентива од екстремните временски услови.
– Клучно е навремено да се отстранат старите и дотраени дрвја што претставуваат ризик, а при садење ново зеленило да се води сметка какви дрвја се садат. Потоа, мора редовно да се чисти атмосферската канализација, да има континуитет во одржување на електричната мрежа и да се проверуваат критичните инфраструктурни точки. Превенцијата секогаш чини помалку отколку санирањето на последиците. Тука би го придодале и урбанистичкото планирање, кое ќе мора да се приспособи на новите климатски услови. Атмосферската канализација мора да може да прими поголеми количества вода, новите населби треба да се проектираат со повеќе зелени површини, а јавните простори да бидат отпорни на екстремни временски влијанија – советуваат соговорниците.

Повисока граѓанска свест

Во едни вакви нови услови, особено одговорни треба да бидат самите граѓани. Следењето на временските прогнози и официјалните предупредувања треба да стане секојдневна навика. За време на најавени бури треба да се избегнува паркирање под стари дрвја, да се обезбедат предметите на балконите и дворовите, а непотребното движење да се сведе на минимум додека трае невремето.
Кога е јасно дека штетите од невреме ќе зачестат, тогаш сè поголемо значење ќе има и осигурувањето на домовите, возилата и земјоделското производство. Она што некогаш се сметаше за дополнителен трошок, во иднина може да стане неопходна финансиска заштита од сè почестите природни непогоди.
За Македонија особено е важно да се заштити земјоделството. Климатските промени директно го погодуваат производството на храна. Силниот дожд, градот, сушите и екстремните температури можат за само неколку часа да уништат труд вложуван со месеци. Затоа ќе бидат неопходни поголеми инвестиции во противградни мрежи, современи системи за наводнување и одводнување, избор на видови поотпорни на климатски екстреми, како и поширока примена на осигурувањето на посевите.
Не пречи да се работи и на поголема климатска писменост, почнувајќи од децата, па до најстарите категории граѓани. Сите треба да знаат како да постапуваат при екстремни временски услови, а институциите редовно да организираат информативни кампањи и едукативни активности бидејќи на тој начин граѓаните ќе знаат како подобро да се заштитат доколку се најдат во некаква временска непогода.
– Секое ново невреме носи економска цена. Оштетена инфраструктура, уништени посеви, прекини во снабдувањето со електрична енергија, материјални штети врз домовите и возилата, сето тоа значи дополнителни трошоци што на крајот ги плаќа целото општество – констатираат експертите.
Она што сега е клучно е да престанеме да ги третираме ваквите појави како случајност бидејќи повеќе од очигледно е дека климатските промени веќе го менуваат начинот на кој живееме. Факт е дека човекот не може против природата, но може да ги намали штетите ако навремено се организира. Во спротивно, секое следно невреме повторно ќе нè затекнува неподготвени, а цената ќе биде сè повисока, како во материјални штети така и во безбедноста на граѓаните.