Просечната нето-плата во земјава во мај годинава изнесувала 49.544 денари и е за 8,2 проценти повисока во споредба со истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според податоците на ДЗС, најголем годишен раст на просечната нето-плата е забележан во секторите снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината, каде зголемувањето изнесува 11,9 проценти. Следуваат уметност, забава и рекреација со раст од 11,3 проценти и транспорт и складирање со 10,9 проценти.
Во однос на април, најголем месечен пораст на просечната нето-плата е регистриран во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли, каде платите се повисоки за 6,3 проценти. Зголемување е евидентирано и во рударството и вадењето камен за 5,8 проценти, како и во секторот транспорт и складирање за 5,7 проценти.
Државниот завод за статистика објави и дека просечната месечна бруто-плата исплатена во мај 2026 година изнесувала 74.482 денари.
































