Фото: Игор Бансколиев

Кога некој ќе каже исполнување услови или достигнување „бенчмаркови“, тоа подразбира поефикасна борба со корупцијата, реформи на администрацијата, достигнување правосуден систем од доверба, подобро здравство, образование, инфраструктура, сето она што ќе им го направи животот на македонските граѓани поквалитетен и поевропски. Впрочем, затоа и македонските граѓани се определија земјата да се движи по европскиот курс, преку исполнување на условите за членство, како што се владеење на правото, демократија, развојна економија, со еден збор просперитет. Но кога тие услови ќе бидат заменети со ултиматуми, изнуди, па и закани за промена, на пример на уставното име, или промена на Уставот во делот од карактерот на државата или, пак, измена на суштинските белези на нацијата, тогаш не станува збор за услови, туку за уцени!

Три децении уцени ни ја еродираат државата – и однадвор и одвнатре

Македонија ќе почне да ги отвора преговарачките поглавја со Европската Унија во оној момент кога ќе ги внесе Бугарите во македонскиот устав, без тој услов земјава нема да мрдне ниту милиметар напред од статус кво ситуацијата во која беше западната и пред прифаќањето на таканаречениот француски предлог.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, неодамна во Скопје јасно стави до знаење дека условот за официјален почеток на преговарачкиот процес е внесување на Бугарите во Уставот, иако објективната македонска јавност многу добро знае дека она што некој сака да го претстави како услов, всушност е обична нова безобѕирна уцена од страна на Европската Унија.
Според секоја здраворазумна логика, под услови може да се подразбира поефикасна борба со корупцијата, реформи на администрацијата, создавање правосуден систем од доверба, подобро здравство, образование, инфраструктура, сето она што ќе им го направи животот на македонските граѓани поквалитетен и поевропски.
Тоа се вистински услови, додека наводниот услов Бугарите да бидат внесени во Уставот е класична европска уцена со чие прифаќање ниту земјава ќе стане поквалитетно место за живеење, а уште помалку самото бугарско малцинство во земјава ќе има некакви бенефиции од тоа, напротив, само дополнително ќе се зголемува антагонизмот меѓу двата народа бидејќи таквата „придобивка“ била изнудена под уцена.

Краток пресек на континуитетот на уцените, од поновата македонска историја

За жал, историјата на независна Македонија ја потврди само старата вистина, дека оној што еднаш прифатил да биде уценет без да се спротивстави на уцените, тоа постојано ќе му се прави, сето тоа добро филувано под фразата дека мора да се исполнат некои „услови“.
Првата уцена стигна од Грција со барањето да не се содржи зборот „Македонија“ во името на соседната држава. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифати тогашното уставно име Република Македонија, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Уцената што тогаш и Светската организација ѝ ја наметна на земјава беше од типот „земи или остави“, па тогашниот државен врв притиснат од војната што веќе беснееше на почвата на поранешна Југославија едноставно ја прифати оваа уцена и земјава речиси 30 години функционираше без официјално име во меѓународни рамки, туку со привремена референца. Уценувачкиот однос на ОН можеше да се забележи во флагрантното газење врз Повелбата на самата организација и воопшто на меѓународното право, бидејќи основно хуманистичко начело е секоја земја самата да може си го одредува сопственото име.
Под уцена се случи и потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој му се стави крај на воениот конфликт во земјава од 2001 година, предизвикан од упад на терористички формации од соседни држави.
И повторно, автор на Охридскиот договор беше меѓународната заедница, која не дозволи никаков избор, освен прифаќање на уцената, да се потпише она што тие го замислиле или Македонија ќе ја нема. Тој потценувачки однос кон земјава дојде откако претходно стана јасно дека овдешните власти, кои и да биле, едноставно ќе се согласат на секакви уцени само да ја задржат власта.
Со странски, но и домашни уцени помина и територијалната поделба во 2004 година, создавањето на фамозниот „Пржински договор“, па преку уцените за прекинување на практиката победниците од македонскиот блок да формираат влада со победниците од албанскиот блок, што на крајот резултира најпрво со потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, а една година подоцна и на Преспанска спогодба, со која конечно беше исполнет „условот“ (читај уцената) наметнат од страна на Грција, а тоа е промена на уставното име на државата. Колку некој ѝ да ја убедува овдешната јавност дека домашни политичари го испреговарале тој договор, сепак повеќе од јасно е дека целиот документ беше подготвен надвор и затоа беа оние силни посети на високи европски претставници пред потпишувањето на договорот, кои категорично тврдеа дека тоа е последниот услов да ги почнеме преговорите со ЕУ.
Ние уцената ја прифативме, ЕУ не ги започна преговорите со нас. Од тоа може да се заклучи само едно, дека повторно Македонија беше уценета да направи нешто на своја штета, а да излезе само со половична добивка, односно да добие само членство во НАТО и блокирани преговори со ЕУ.
А за ова второто најзаслужна е ЕУ, не соседна Бугарија. Вината е во Унијата затоа што наместо таа да наметнува европски правила на игра, односно да го оценува напредокот на земјата според исполнувањето на Копенхашките критериуми и другите потребни реформи, се случи спротивното, Бугарија да ѝ наметне на ЕУ бугарски правила и тие да стануваат наш услов за почеток на преговорите. Бугарските услови се јасни, непризнавање македонски идентитет, јазик, историја и култура.
Како и да е, Брисел знае дека Македонија е мека на уцени и дека кога-тогаш ќе попушти, па затоа се чека моментот кога повторно ќе бидат седнати политичките лидери во земјава и со наведнати глави само ќе го потпишат она што некој друг однапред веќе им го подготвил.

Внатрешните уцени се уште поболни

И додека за надворешните уцени обичниот народ и натаму ќе најде понекое оправдување од типот тие се силни, ние слаби, што ќе правиме ако не прифатиме, ќе ни направат нова војна и слично, внатрешните уцени се тие што го разјадуваат општеството одвнатре.
Политички, етнички, верски, разни уцени имаше овие три децении независност, но секогаш темпирани во вистински момент, едното зло пред кое е исправена земјата, никогаш да не биде единствено.
Првата внатрешна уцена дојде од албанскиот етнички блок во земјава, буквално во моментот кога се удираа темелите на новата држава и наместо тие да бидат фактор што ќе придонесе за општествена и меѓуетничка кохезија, како што тоа го покажаа сите други етнички заедници, тогашните албански политички лидери решија да одат по линија на етнички условувања, најпрво одбија да гласаат за Уставот, почнаа да организираат референдуми за некакви нивни територии, на диво да градат факултети, да не ги почитуваат државните симболи, едноставно континуирано да го подготвуваат теренот за она што ќе се случи десетина години подоцна. Таквиот уценувачки однос резултира со воениот конфликт во 2001 година, кога со помош на терористички групи уфрлени од Косово се предизвикаа судири, кои однесоа повеќе жртви во земјава, многу раселени лица, кои и ден-денеска немаат пристап до своите куќи и имоти, а државата и натаму молчи над таа неправда.
По конфликтот и Охридскиот рамковен договор, предмет на нова внатрешна уцена беше територијалната поделба, кога се дозволи вештачко нарушување на етничката рамнотежа во Кичево, Струга, Тетово, Гостивар, Скопје, Чашка, Долнени со припојување на околни населени места населени со мнозинско албанско население, со што сите овие општини прекуноќ станаа доминантни албански општини. Сето ова ги обезличи фразите дека конфликтот во 2001 година бил за некакви човекови права, ставајќи јасно до знаење дека, всушност, станувало збор исклучиво за освојување територии. Впрочем, тоа меѓу двата круга на минатите локални избори го потврди и првиот вицепремиер, кој рече дека Кичево е воен плен од 2001 година и не смее да биде управувано од Македонец градоначалник.
Дури и за најбанална статистичка операција, каква што е пописот, некој сметаше дека преку уцени може да дојде до бројки што можат да произлезат само од некоја весела математика, а не од реалните состојби. Затоа во земјава повеќе од 20 години немаше попис, а кога конечно се случи минатата година, повторно беше направен под внатрешна уцена, надвор од секакви стандарди на Евростат, само да се добие однапред лицитиран процент на албанско население во земјава, во кој се вклучија и оние што живеат во дијаспората, статистички преседан од невидени размери.
Но кога уценетата страна мора беспоговорно да исполнува желби ако сака да ја задржи власта, тогаш е јасно дека уценувачите знаат кога и како да уценат, бидејќи во спротивно заканите за пад на Владата постојано висат во воздух.
Еклатантен пример на внатрешни уцени и притисоци беше гласањето за уставните измени за промена на името, што доведе до уште подлабока поделба во земјата, особено меѓу македонското етничко ткиво, кое повеќе тешко ќе може да се обедини за нешто, единствено ако не биде повторно уценето од некого. И не само што земјава беше уценета однадвор да ги направи уставните измени и да си го смени името, моментот го искористи и некој внатре за да уценува со дополнителни уставни измени, кои немаа никаква врска со Преспанската спогодба.
Уцените не изостанаа и за време на пандемијата, кога во време на огромен раст на бројката на заразени некој ги уценуваше здравствените власти да ги повлечат препораките и да не ги затвораат границите, да им се дозволува влез на гастарбајтерите, само за одредени верските празници да нема никакви рестрикции и слично.
И сега земјава е исправена пред идентичен притисок, уцената однадвор е веќе испорачана, новата внатрешна уцена е подготвена, така што сега е прашање на време за нова капитулација.

Внатрешната европеизација ќе им стави крај на уцените

Сето ова најдобро ја отсликува Македонија како држава во овие 30 години, уценувана однадвор и одвнатре, без вистинска сила да им се спротивстави на уцените и решително да тропне на маса и да каже „доста е“.
За да прекинат уцените од сите страни, најпрво треба сериозно самите да се зафатиме со вистински внатрешни реформи, градење функционални институции, решителна борба со криминалот и корупцијата на секое ниво, создавање здрав образовен систем, квалитетно здравство, функционална и стручна администрација, енергетска независност, стабилна економија, здрава животна средина. Сето ова ќе изгради од Македонија респектабилна држава што многу потешко ќе биде уценувана и секој обид за нови уцени, уште на почетокот ќе биде осуден на неуспех.
– Мислам дека јавноста веќе отрпна на тој тип понуда за морков во форма на ветено членство во Европската Унија. Нашиот морков се претвори во Танталови маки, па штом посегнеме да го зграпчиме, тој се претвора во исушена пустина и така во недоглед – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер и амбасадор.
Тој смета дека Македонија околу одговорот на уцените треба да научи нешто од нејзините партнери во иницијативата „Отворен Балкан“.
– Сметам дека е редно време да се справуваме со оваа ситуација онака како што тоа се чини во Белград и во Тирана, нашите партнери од „Отворен Балкан“. Треба јасно да му се стави до знаење на Брисел дека заврши подигрувањето во македонската државност и самобитност и дека е време Македонија да се вреднува според степенот на имплементација на европското законодавство (а и целиот Западен Балкан) – истакнува Боцевски.
Според него, Македонија наместо постојано да добива услови/уцени од страна на ЕУ, конечно треба од Брисел да добие искрен одговор за нејзината европерспектива, а не само тоа да се обични флоскули колку Унијата го посакува Западниот Балкан.
– Времето на лицемерството е одамна завршено, па чукна часот Балканот да добие јасен одговор дали ЕУ навистина размислува за полна интеграција на овие земји во Унијата – порачува Боцевски.
Идентичен став има и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој смета дека проблемот со уцените сите овие години лежи исклучиво кај нашите политичари, кои се однесуваат крајно сервилно.
– Сè додека имаме политичари понизни и сервилни, ќе ни се случува ова. Жалосно е што уште нема никаква стратегија за развој на Македонија на економски и на политички план, а во согласност со тоа нема ни план како и на кој начин ќе се движиме кон ЕУ. Секоја влада има своја агенда, наместо секоја влада да ја спроведува македонската агенда – заклучува Пекевски.