Македонија досега била домаќин на повеќе големи натпреварувања, од шаховска олимпијада, светски и европски првенства во екипна конкуренција, но и организатор на повеќе значајни спортски манифестации, кои имаат долга и успешна традиција во Македонија. Во тек е Европското првенство во ракомет за жени, а в година во Македонија ќе се игра и ЕП во одбојка за мажи

МАКЕДОНИЈА ОДЛИЧЕН ДОМАЌИН НА ВРВНИ СПОРТСКИ НАСТАНИ

Македонија, позната по својата древна историја, гостољубивост, природните убавини, кои секоја година привлекуваат сѐ повеќе странски туристи, сѐ повеќе се афирмира и станува препознатлива и по многубројните спортски манифестации од највисок калибар, на кои доаѓале и доаѓаат познати странски спортски имиња за да покажат што знаат и умеат во многу спортови. Македонија во својата историја била домаќин на повеќе екипни светски, европски првенства, како и на јубилејната 20. Шаховска олимпијада во Скопје, која се одржа токму пред 50 години.

МАКЕДОНСКОТО ГОСТОПРИМСТВО И СПОРТСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НАДАЛЕКУ ПОЗНАТИ

Македонското гостопримство и желбата да се претставиме во што подобро издание, како на спортско поле така и на организациски план, секако е главниот фактор што меѓународните спортски федерации ѝ даваат зелено светло на Македонија да биде организатор на многу спортски манифестации. Доволно е да наброиме само некои што оставиле добар впечаток.
Така, од светските првенства (СП), Скопје во 1969 година беше домаќин во хокеј на мраз, дивизија Ц, во кошарка, мечевите за пласман од осмото до 13-то место на СП 1970. Од европските првенства (ЕП) за споменување е ЕП во одбојка за мажи, групна фаза во 1975 година во Скопје, во ракомет за жени во Охрид и во Скопје во 2008 година, Суперкупот на УЕФА во фудбал за мажи во 2017 година помеѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, ЕП во ракомет за жени во Скопје е во тек, а на ЕП во одбојка за мажи Македонија ќе биде кодомаќин во 2023 година. Од традиционалните спортски манифестации во Македонија, пак, меѓу другите, се одржуваат Златен гонг во бокс, Мавровски меморијал во нордиско скијање, Охридски пливачки маратон, одбојкарскиот турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, ИКАС во кајак-слалом, карате-турнирот „Никола Грдановски-Нике“, Скопски маратон во атлетика…
– По точно пет години и осум месеци работење на темата ЕП 2022 за жени, горди сме што Скопје e центар на сениорски ракометен спектакл со предзнак европски. Сѐ почна кога Европската ракометна федерација упати до сите свои членки апликација за организација на ЕП. Искуството на оваа генерација на РФМ со неколкуте светски, младински континентални шампионати и признанијата што ги добивме за организација на истите тие од меѓународните ракометни авторитети, нѐ охрабрија да го прифатиме предизвикот. Апликацијата беше официјално поднесена во април 2017 година, а три месеци подоцна ЕХФ побара од нас доставување комплетна стратегија, детална инфраструктура и идејна скица за реализација на ЕП за жени за 2022 и за 2024 година. Заедно со ракометните федерации на Словенија и на Црна Гора беше доставена заедничка апликација за организација на ЕП 2022, по што ЕХФ на Конгресот во Глазгов во јуни 2018 година и официјално им ја додели оваа организација на Македонија, Словенија и на Црна Гора, по што почна и теренската работа околу реализација на ЕП. Сакам да му се заблагодарам на тимот на РФМ за несебичниот ангажман и на претседателот Живко Мукаетов, кој имаше слух за сите овие високи очекувања. Горди сме што Скопје е сениорски ракометен спектакл со предзнак европски. Тимот на РФМ живее за ракометот – изјави, меѓу другото, генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски, на официјалната интернет-страница на РФМ.

СКОПЈЕ ГИ ОБЕДИНИ МАШКАТА И ЖЕНСКАТА ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА

Јубилејната 20. Шаховска олимпијада (ШО) во машка и 5. во женска конкуренција (18 септември – 13 октомври 1972 година) ги остави скопјани без здив, кои просто го впиваа секој одигран потег на големите мајстори на „црно-белите“ полиња. Скопскиот саем беше преполн со шаховски вљубеници. Скопје и Македонија тие 25 дена во таа далечна 1972 година уживаа во тајните на древната игра. Скопје првпат ги обедини и машката и женската олимпијада (се играа на исто место). Кај мажите учествуваа 373 шахисти од 63 држави, а кај жените 23 селекции со 69 шахистки.
– ШО во Скопје беше историски настан за шахот во Македонија, а круна на претходните меѓународни турнири „Средба на солидарноста“, на кои настапуваа врвни шаховски имиња, меѓу кои и легендарниот Роберт Фишер. Истовремено ШО поттикна многу млади луѓе да почнат да играат шах. Јас бев ангажиран да коментирам партии за новинарите во фоајето на салата, заедно со ИМ Ристо Ничевски, кој беше задолжен за ТВ-коментарите. Тоа беше маестрално организирана спортска манифестација, каде што сѐ беше како под конец, а амбиентот извонреден. Една и пол година пред овој настан излегуваа специјални брошури за тоа до каде се подготовките околу ШО, потоа за градот Скопје и за Македонија како туристички атракции, а и во текот на одигрувањето секојдневно излегуваа билтени за секое натпреварувачко коло, но и за проблемскиот шах кај нас. Во тоа време излезе и познатата книга на Павле Бидев, „Шахот симбол на космосот“, потоа книга за историјатот на олимпијадите, како и шаховските постигнувања на тогашна СФРЈ на ШО. Подоцна и во македонското списание „Македонски шах“ имаше многу одгласи за ШО во Скопје, со мноштво коментирани партии. Беше организиран и брзопотезен турнир за новинарите, каде што во многу силна конкуренција на познати шаховски имиња (20) го освоив третото место со 14,5 поени, а победи ИМ Јован Софревски со 16,5 поени – се присетува на тие далечни времиња истакнатиот македонски шаховски интернационален мајстор Димче Илиевски.
Скопјани тогаш можеа да ги видат светските прваци Анатолиј Карпов, Тигран Петросјан, Василиј Смислов, Михаил Таљ, а од шахистките, Нона Гаприндашвили. Г.И.


Некои меѓународни екипни сениорски првенства во Македонија

ГОД. СПОРТ НАТПРЕВАРУВАЊЕ

1969 хокеј СП за мажи, дивизија Ц, во Скопје
1970 кошарка СП за мажи, мечеви за пласман од осмото
до 13-то место, во Скопје
1972 шах Олимпијада, за мажи и за жени, во Скопје
1975 одбојка ЕП за мажи, групна фаза, во Скопје
2008 ракомет ЕП за жени, во Скопје и во Охрид
2017 фудбал Суперкуп на УЕФА за мажи, во Скопје
2022 ракомет ЕП за жени, групна фаза, во Скопје (кодомаќини)
2023 одбојка ЕП за мажи, групна фаза (кодомаќини)