Европската комисија потврди дека Македонија целосно исполнила два реформски чекора од Реформската агенда 2024-2027 во областа на енергетиката, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).
Според Министерството, станува збор за реформски чекори што се однесуваат на воспоставувањето и целосната операционализација на структурите за управување со процесот на праведна транзиција, како и за усвојувањето на тригодишниот план за реновирање на зградите на централната власт, усогласен со европските цели за енергетска ефикасност.
Како што наведуваат од МЕРМС, Европската комисија во извештајот објавен на 20 мај 2026 година потврдила дека механизмот за управување со праведната транзиција е целосно воспоставен и функционален, по формирањето на сите предвидени тела и усвојувањето на годишниот план за спроведување.
Во однос на вториот реформски чекор, Министерството посочува дека, покрај усвојувањето на планот за реновирање на државните објекти, обезбедена е и финансиска поддршка за негово спроведување.
Од МЕРМС информираат дека се завршени и сите активности за уште два реформски чекора, а потребната документација веќе е доставена до Европската комисија, која треба да ја изврши нивната верификација во следниот извештај. Тие се однесуваат на целосното транспонирање на пакетот за интеграција на пазарот на електрична енергија и постепеното намалување на јавната интервенција во определувањето на цените.
Паралелно, Министерството работи и на воведување систем за мерење и наплата според индивидуална потрошувачка преку поставување индивидуални броила, таму каде што тоа е технички и економски оправдано, во согласност со европските директиви.
Од Министерството додаваат дека останатите реформски активности се реализираат според предвидената динамика, со рокови што се протегаат до крајот на 2027 година, а за дел од нив е предвиден и грејс-период.
Според МЕРМС, досегашниот напредок ја потврдува посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во енергетскиот сектор, усогласувањето со законодавството на Европската Унија и обезбедувањето пристап до средствата од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.
































