Претставничкиот дом на САД го усвои Законот за овластување на трошоците за националната одбрана, со кој се одобрува рекорден буџет од 1,15 трилиони долари, во согласност со барањето на претседателот Доналд Трамп, пренесе „Дејли тајмс“
Предлог-законот беше изгласан со 216 гласа „за“ и 212 „против“, што претставува една од најтесните поддршки за оваа законска рамка, која традиционално добива широка двопартиска поддршка во американскиот Конгрес.
Демократите гласаа против, оценувајќи дека значителното зголемување на средствата за Пентагон доаѓа во период кога се намалуваат буџетите за социјалните програми.
Критики предизвика и одредбата со која дополнително се проширува американско-израелската соработка во областа на воените технологии. Според противниците на законот, ваквиот потег е спорен во време кога дел од американската јавност бара намалување на поддршката за Израел поради големиот број палестински жртви во воените операции во Појасот Газа.
Од друга страна, републиканците сметаат дека буџетот е неопходен за зајакнување на вооружените сили во услови на актуелните безбедносни предизвици, вклучително и војната со Иран, како и за развој на нови одбранбени системи и модернизација на воената опрема.
Законот предвидува и зголемување на платите на припадниците на вооружените сили за пет до седум проценти во текот на следната година, во зависност од нивниот чин.
































