ЕВРОПСКИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ МЕЃУ НАДЕЖТА И СКРИЕНИТЕ НАМЕРИ
- Ревизијата на Системот за тргување со емисии на стакленички гасови претставува најголемото политичко повлекување во европската (климатска) политика во последната деценија
Европската комисија (ЕК) ја потврди долгоочекуваната ревизија на европскиот Систем за тргување со емисии (ЕТС), со која практично признава дека досегашната динамика на намалување на емисиите на стакленички гасови станала политички и економски неодржлива. По долги преговори и сериозни внатрешни поделби, Брисел предложи значително ублажување на правилата што требаше постепено да ја доведат европската индустрија до речиси нулта емисија на јаглерод диоксид до крајот на 2030-тите. Иако Европската комисија официјално тврди дека не се откажува од климатските цели, предложените измени суштински претставуваат значително разводнување и ретерирање од првичните амбиции.
Имено, индустријата добива повеќе време, повеќе бесплатни дозволи за загадување и нови механизми преку кои дел од своите емисии ќе може да ги „компензира“ наместо реално да ги намали. Практично, Европа признава дека зелената транзиција не може да се спроведе со темпото што самата го постави!
Кусо потсетување за тоа што всушност е ЕТС?
Системот за тргување со емисии (ЕТС) функционира од 2005 година и претставува главниот инструмент на Европската Унија за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Принципот е следен: големите фабрики, електроцентрали и авиокомпании смеат да испуштат само одредено количество јаглерод диоксид. За секоја емитуван тон мора да поседуваат дозвола за емисија. Дел од тие дозволи ги добиваат бесплатно, а остатокот го купуваат на пазарот. Колку помалку дозволи има во оптек, толку нивната цена е повисока. Тоа требаше да создаде економски притисок компаниите да инвестираат во почисти технологии, бидејќи загадувањето постепено ќе стане поскапо од модернизацијата. Во изминатите години, Европската Унија континуирано го намалуваше бројот на дозволи, а системот постепено се прошируваше и на нови сектори.
Зелено светло за забавување на темпото на намалување на емисиите
Според нашите брифери од Брисел, најконтроверзниот дел од ревизијата се однесува на т.н. Линеарен фактор на намалување (Linear Reduction Factor – LRF), односно годишното намалување на максимално дозволените емисии. Претходниот план предвидуваше годишно намалување од 4,4 проценти, што ќе го доведеше системот практично до нулта емисија околу 2039 година.
Имено, според новиот предлог:
- од 2031 до 2035 година намалувањето ќе изнесува само 3,7 проценти годишно;
- од 2036 година тоа дополнително ќе се намали на само 1,7 процент годишно.
Ова значи дека голем дел од индустријата ќе продолжи да испушта значителни количества јаглерод диоксид и во текот на 2040-тите години. За најголемите поддржувачи на ЕТС, ова претставува суштинско повлекување од досегашната европска климатска политика, објаснуваат нашите соговорници од ЕУ.
Повеќе бесплатни дозволи – повеќе простор за индустријата
Европската комисија (ЕК) истовремено предлага продолжување на периодот во кој компаниите ќе добиваат бесплатни емисиони квоти.
– Ова беше едно од најголемите барања на европската индустрија, која со години предупредува дека купувањето емисиони дозволи драматично ги зголемува производствените трошоци. Особено погодени се:
- челичната индустрија;
- цементната индустрија;
- хемиската индустрија;
- производството на ѓубрива.
Овие компании предупредуваат дека европското производство постепено ќе се пресели надвор од Унијата, во земји што немаат толку строги климатски регулативи. Феноменот е познат како „јаглеродно истекување“ (Carbon Leakage) – кога загадувањето не исчезнува, туку едноставно се преселува во друга држава, објаснуваат соговорниците.
Нов механизам: загадувањето ќе може да се „компензира“
Една од најзначајните новини стапува во сила од 2036 година. Компаниите повеќе нема да мора целосно да ги исполнуваат своите обврски преку купување европски емисиони дозволи. Дел од обврските ќе можат да ги покриваат со таканаречени јаглеродни кредити. Станува збор за сертификати што потврдуваат дека некаде во светот е намалено или отстрането исто количество јаглерод диоксид. Тоа може да биде преку:
- пошумување;
- проекти за фаќање и складирање јаглерод;
- други програми за намалување на емисиите.
Ова го посочуваат нашите брифери и додаваат дека за првпат Европската комисија дозволува индустријата да купува вакви кредити и надвор од Европската Унија. Дополнително, меѓу 2031 и 2040 година, на аукции ќе бидат пуштени 250 милиони тони домашни кредити за отстранување на јаглерод диоксидот од атмосферата, објаснуваат соговорниците.
Критичарите предупредуваат дека ова претставува преместување на фокусот од реално намалување на загадувањето кон негово финансиско компензирање…
Награди за компаниите што инвестираат во декарбонизација
Ревизијата сепак задржува механизми со кои ќе се стимулираат компаниите што навистина инвестираат во зелени технологии.
– Треба да се истакне и дека таканаречените „предводници“ во декарбонизацијата ќе добиваат бесплатни квоти под одредени услови. Според новите правила:
◦ 80 проценти од средствата ќе бидат доделени кога компанијата ќе достави кредибилен инвестициски план;
◦ другите 20 проценти ќе бидат исплатени по реалната реализација на инвестицијата.
Со тоа Европската комисија се обидува да направи рамнотежа меѓу економската флексибилност и задржувањето на стимулите за зелени инвестиции, велат соговорниците.
Авијацијата останува чувствително политичко прашање
Во делот што се однесува на воздушниот сообраќај, Европската комисија повторно избира компромис, а нашите брифери издвојуваат еден најкарактеристичен.
– Наместо ЕТС целосно да ги опфати сите меѓународни летови, од 2029 година ќе бидат вклучени само летовите до земји што се наоѓаат во радиус до 5.000 километри. Практично, летовите кон Кина или кон Соединетите Американски Држави нема да бидат оптоварени со дополнителните ЕТС-трошоци. Образложението е јасно – избегнување трговски и дипломатски конфликти со двете најголеми светски економии – објаснуваат нашите европски брифери.
Проширување и на согорувањето отпад
Комисијата предлага ЕТС постепено да го опфати и согорувањето отпад, почнувајќи од 2031 година. Иако ова претставува дополнително проширување на системот, неговото влијание останува многу помало од ефектот што ќе го имаат сите други олеснувања за индустријата.
Политички компромис наместо климатска офанзива
Европскиот комесар за клима Вопке Хукстра ја опиша ревизијата како „поповолна за бизнисот“, нагласувајќи дека Европската Унија не се откажува од своите климатски цели. Но токму оваа формулација најдобро ја опишува суштината на новата политика. Наместо претходниот пристап во кој економијата требаше да се приспособи на климатските цели, сега климатската политика се приспособува на економските ограничувања. Тоа претставува фундаментална промена во филозофијата на европската зелена агенда.
Крај на ерата на безусловната зелена политика
– Ревизијата на ЕТС најверојатно ќе отвори жестоки политички судири во Европскиот парламент и меѓу земјите членки. Едниот блок ќе бара уште поголема заштита на индустријата и конкурентноста. Другиот ќе предупредува дека Европа се откажува од сопствените климатски ветувања и го одложува преминот кон нискојаглеродна економија. Без оглед на конечниот исход на законодавната постапка, една работа веќе е очигледна: Европската Унија првпат јавно признава дека брзината на зелената транзиција има свои економски и политички граници. Она што до вчера беше претставувано како неизбежен и строго утврден пат кон климатска неутралност, денес станува предмет на компромиси, одолжувања и нови отстапки. Токму затоа оваа ревизија не е само техничка измена на правилата за тргување со емисии. Таа претставува пресвртница што покажува дека европската климатска политика влегува во нова фаза – во која доктрината на бриселските либерални елити сè почесто ќе мора да се усогласува со реалноста на индустријата, енергетиката, стопанството, а секако и глобалната конкуренција и економската одржливост што политиките на актуелните врхушки на ЕУ ги ерозираа до крајни можни граници – велат нашите извори, кои во основа се обидуваат да заземат аргументирано критики став кон политиките на ЕК и однатре да иницираат и да поддржат иницијативи што не ги загрозуваат енергетскиот и индустрискиот раст и развој на ЕУ, како што се актуелните, кои се покажаа како катастрофални.
Ако Брисел ги попушта стегите за стакленички емисии за европската индустрија, зошто да не добие шанса и Македонија?
ЕУ попушти за себе, ќе попушти ли и за нас?
- Ревизијата на европската климатска политика отвора ново прашање: Дали Брисел и на земјите од регионов, вклучително и на Македонија, треба да им даде фер можност за одолжување на почетокот на преземените обврски во врска со емисиите на стакленичките гасови и давачки по таа основа? Темелен принцип е Брисел да го олеснува евроинтегрирањето, а не да го отежнува, зарем не?
Ревизијата на европскиот Систем за тргување со емисии (ЕТС) отвори прашање што до пред само неколку месеци изгледаше незамисливо. Ако самата Европска Унија денес признава дека првично поставеното темпо на зелената транзиција е пребрзо за нејзината индустрија, тогаш сосема логично се поставува прашањето дали истата логика треба да важи и за земјите кандидати, меѓу кои и Македонија?
Со најновите измени, Европската комисија (ЕК) првпат практично призна дека економската реалност не може секогаш да се потчини на климатските амбиции. Наместо забрзување, сега ќе следува забавување на намалувањето на емисиите, продолжување на бесплатните емисиони квоти и воведување нови механизми за поголема флексибилност кон индустријата. Ова не е само техничка корекција на европските правила. Тоа е политичко признание дека преминот кон јаглеродно неутрална економија има своја цена и свои граници. Токму затоа, сосема оправдано, ако Брисел заборави, тогаш Македонија може да отвори дебата дали и нејзините обврски треба да се приспособат на новите европски околности. А и без ние да отвориме дебата, по аналогија на нештата, ако не по автоматизам, Брисел треба да поведе иницијатива за да ги ревидира и тие преземени обврски од страна на земјите кандидатки за ЕУ. Таков Брисел би бил фер партнер и олеснител на евроинтеграцискиот процес.
Контрадикторно е Македонија да почне во момент кога Брисел го подзапира процесот
Според преземените обврски, Македонија треба да започне со воведување механизми за оданочување на емисиите на јаглерод и постепено усогласување со европските правила од 1 јануари 2027 година. Паралелно, земјата има обврски за постепено напуштање на производството на електрична енергија од јаглен во следните години, во согласност со националните стратегии и меѓународните заложби. Но околностите во кои овие обврски беа преземени денес веќе не се исти. Европската Унија ја ревидира сопствената политика токму затоа што процени дека индустријата не може да го издржи првично планираниот интензитет на зелената транзиција. Ако тоа е предизвик за најразвиените европски економии, тогаш е уште поголем за Македонија.
Македонската економија нема иста стартна позиција
Македонија не располага со финансиските капацитети што ги имаат земјите членки на Европската Унија. Домашната индустрија е далеку помалку капитално моќна, пристапот до евтини извори на финансирање е ограничен, а енергетскиот систем сè уште значително зависи од термоцентралите. Во такви услови, наглото воведување дополнителни јаглеродни давачки би значело нов производствен трошок за компаниите. Тоа особено би ги погодило енергетски интензивните сектори, кои и онака се соочуваат со силна конкуренција од регионот и од трети пазари. Затоа прашањето не е дали Македонија треба да спроведе зелена транзиција. Прашањето е дали може да го направи тоа со темпо со кое нема да ја загрози сопствената економија. Брисел многу добро го знае тоа и токму поради тоа треба да ги олабави стегите за Македонија.
Термоцентралите остануваат прашање на енергетска безбедност
Една од најчувствителните теми е производството на електрична енергија. Домашниот електроенергетски систем и натаму значително се потпира на производството од јаглен, иако новата администрација прави „чекори од седум милји“ нанапред и динамично се трансформира и зајакнува. Сепак, доколку термоцентралите би биле затворени пред да бидат изградени доволно нови домашни производствени капацитети од други стабилни извори на енергија, Македонија би станала уште позависна од увоз на електрична енергија. Тоа не е само економско туку и прашање на национална енергетска безбедност. Енергетската криза од 2022 година покажа колку брзо може да се нарушат европските пазари и колку скапа може да стане увозната струја во периоди на нестабилност. Во такви услови, инсистирањето на фиксни рокови без доволно алтернативни капацитети би носело значителни ризици. Минатата влада некритично и беспоговорно прифаќаше услови и на наша штета. И не само по таа основа. Таа остави во наследство многу акумулирани и автогенерирани проблеми што сега излегуваат на виделина и за кои нема магично стапче за инстантно да се решат. Така е и за преземените обврски во нереално кратки рокови. И Брисел сега го признава тоа за себе, за својата индустрија. Фер би било да го направи тој чекор и за државите кандидатки. А претходната висока државна управа кај нас очигледно немала капацитет за антиципација на вистинскиот пат за овој предизвик.
Дали постои простор за преговарање?
На ова прашање, сепак, рака на срце, треба да му се пријде внимателно.
Македонија не може еднострано да ги поништи или да ги измени меѓународно преземените обврски. Дали постои простор за нивно приспособување зависи од конкретниот правен инструмент од кој произлегуваат, од тековните преговори со Европската Унија и од тоа дали европската регулатива предвидува механизми за транзициски периоди или исклучоци?
Но политичкиот контекст денес е различен од пред неколку години. Ако Европската комисија проценува дека европската индустрија има потреба од дополнително време, тогаш Македонија има легитимен аргумент да побара разговор за сопствената динамика на исполнување на обврските. Такво барање не би значело откажување од зелената агенда, туку барање за реалистичен временски распоред што ќе ги земе предвид нивото на економски развој, расположливите инвестиции и енергетската структура на земјата.
Аргументот не треба да биде „не сакаме“, туку „не можеме со ова темпо“
Во евентуалните разговори со Брисел, Македонија би имала посилна позиција ако не настапува со барање за укинување на обврските, туку со барање за нивно фазно исполнување. Аргументите би можело да се темелат на неколку факти:
- економската развиеност е значително пониска од просекот на ЕУ;
- индустријата располага со ограничен инвестициски капацитет;
- енергетската транзиција бара значајни вложувања во нови производствени капацитети и електроенергетска инфраструктура;
- пребрзото воведување дополнителни трошоци може да ја намали конкурентноста на домашните компании и да влијае врз вработеноста. Таквата позиција би била поусогласена и со новата реторика што денес доаѓа од самата Европска комисија.
Еднакви цели, но различни можности
Европската Унија со последната ревизија испрати важна порака. Зелената транзиција повеќе не се третира како процес што може да се спроведе по идентична динамика, независно од економските последици. Тоа отвора простор и за поширока дискусија за принципот на правична транзиција. Ако најбогатите европски економии добиваат дополнително време затоа што мора да ја заштитат сопствената индустрија, тогаш тешко е да се игнорира аргументот дека земји со значително помал економски капацитет можеби ќе имаат потреба од уште подолг период за приспособување.
Ревизијата на европскиот ЕТС не значи дека Европската Унија се откажува од климатските цели
Ретерирањето на Европската комисија по ова прашање покажува дека и најамбициозните политики мора да се приспособуваат кога ќе се судрат со економската реалност. Токму затоа, за Македонија ова може да биде момент да отвори аргументиран политички дијалог со Брисел за динамиката на сопствените обврски. Не за да ја избегне зелената транзиција, туку за да обезбеди услови во кои таа ќе биде економски одржлива и социјално изводлива. Прашањето не е дали Македонија треба да стане дел од европската зелена иднина. Прашањето е дали ќе ѝ се овозможи да стигне до таа цел со темпо што одговара на нејзините реални економски можности, а не со рокови креирани за многу поразвиени економии. Токму во тоа лежи суштината на новата европска порака.
Кога Брисел признава дека реалноста бара поголема флексибилност, тогаш истата логика не треба однапред да биде исклучена ниту за земјите што сè уште се на пат кон членство. С.Т.
Од наш агол
Европска флексибилност
- Ако најсилните европски економии добиваат повеќе време затоа што зелената транзиција станала прескапа, тогаш уште поубедлив е аргументот дека такво време ѝ е потребно и на Македонија. Во спротивно, ќе се создаде политички парадокс. Најразвиените членки ќе добијат олеснувања затоа што не можат да го издржат темпото на декарбонизација, додека од значително посиромашните земји ќе се очекува да ги исполнуваат истите цели без истата финансиска, технолошка и институционална поддршка. Тоа не би било европска принципиелност. Тоа би биле двојни стандарди
Ревизијата на европскиот Систем за тргување со емисии (ЕТС) е многу повеќе од техничка измена на една сложена регулатива. Таа е признание дека реалноста ја победи идеологијата на бриселските либерални елити, која беше матрица за погрешни енергетски, индустриски и генерално погубни европски политики.
Еве, по оваа основа, по години уверувања дека роковите за зелената транзиција се непроменливи, дека нема простор за компромиси и дека индустријата мора да се приспособи без оглед на цената, Брисел првпат направи чекор назад. Болно за Брисел, ама реално. Не затоа што ги промени климатските цели, туку затоа што сфати дека економијата има свои граници. Токму затоа денес се поставува едно сосема легитимно прашање: ако Европската Унија им дава дополнително време, бесплатни емисиони квоти и поголема флексибилност на своите индустрии, со кој аргумент истата таа флексибилност би им била ускратена на земјите кандидатки? Македонија не е побогата од Германија. Не е поразвиена од Франција. Ниту има поголем индустриски потенцијал од Италија или од Полска. Напротив. Македонската економија располага со неспоредливо помал капитал, ограничен пристап до финансии, поскапо задолжување и енергетски систем што и натаму значително зависи од производството на електрична енергија од јаглен. Ако најсилните европски економии добиваат повеќе време затоа што зелената транзиција станала прескапа, тогаш уште поубедлив е аргументот дека такво време ѝ е потребно и на Македонија.
Во спротивно, ќе се создаде политички парадокс. Најразвиените членки ќе добијат олеснувања затоа што не можат да го издржат темпото на декарбонизација, додека од значително посиромашните земји ќе се очекува да ги исполнуваат истите цели без истата финансиска, технолошка и институционална поддршка. Тоа не би било европска принципиелност. Тоа би биле двојни стандарди. Особено ако се има предвид дека Европската Унија со години ја промовира идејата за „правична транзиција“. Ако транзицијата навистина треба да биде правична, тогаш таа не може да се мери со ист аршин за економии што се драматично различни по својата развиеност. Македонија нема интерес да ја напушти зелената агенда. Напротив, таа има интерес да стане дел од европската енергетска и климатска политика. Но исто така има легитимно право да бара временска рамка што нема да ги загрози нејзината индустрија, енергетска безбедност и економска стабилност. Некој ќе каже дека Македонија досега не побарала ревизија на своите рокови.
Но дури и ако Скопје задоцни со таква иницијатива, тоа не ја ослободува Европската Унија од обврската да биде доследна на сопствените принципи. Ако Брисел веќе утврдил дека претходната динамика не е реална за неговите членки, тогаш би било логично истата нова логика да ја примени и кон државите што чекорат кон членство. Во спротивно, кандидатките би биле ставени во апсурдна положба – да исполнуваат построги или побрзи услови отколку оние што самата Унија веќе признава дека мора да ги ублажи за себе. Ова не е прашање на политичка милост. Ова е прашање на кредибилитет. Европската Унија не може истовремено да тврди дека зелената транзиција мора да се приспособи на економската реалност кога станува збор за сопствената индустрија, а да инсистира на непроменети рокови за земјите кандидатки, кои располагаат со многу поскромни економски можности.
Доколку сака да остане доследна на сопствените политики, Брисел треба да отвори можност за разговор со сите земји од Западен Балкан за темпото на нивната зелена транзиција. Не за намалување на амбициите, туку за усогласување на роковите со реалните економски капацитети. На крајот, суштината на европскиот проект никогаш не била во еднаквоста на роковите, туку во еднаквоста на принципите. А ако принципот денес гласи дека зелената политика мора да биде економски одржлива, тогаш тој мора да важи и за Македонија, и за Србија, и за Албанија, и за Црна Гора, и за Босна и Херцеговина – исто како што сега важи и за земјите членки. Во спротивно, Европа нема да испрати порака за правична транзиција, туку за Европа со две мерила. Згора на сѐ, Брисел не може а да не види со какво темпо, волја и ентузијазам се работи од областа на енергетиката во Македонија! Зарем тоа треба да го отежни или треба да го олесни и помогне? Р.Н.М.































