Во сега далечната 2015 година, со академикот Митко Маџунков имавме средба во родната Струмица. Ги посетивме сите места што ги разбираме како причини за нашето човечко и творечко постоење, и на крајот, природно, посакавме да отидеме и да видиме до каде е работата со изградбата на стариот струмички театар. Стасавме, „се вртиме како калајџии“, ко што би кажал писателот, нема никого на градилиштето, се качуваме од горната страна, од она што некогаш било службен влез и кој тој го знае од неговата младост кога како средношколец ги минувал деновите во градскиот театар (јас уште не сум бил роден!) и таму наоѓаме еден единствен човек. Седи сам во онаа градежна куќарка, дреме, чукаме на прозорецот, човекот излегува, љубезно нѐ поздравува, зборува српски јазик и се претставува како инженер што е одговорен за изведувањето на објектот. Праша кои сме, му кажавме, се зачуди што некој воопшто се интересира за ова работа и со ентузијазам се согласи да нѐ „прошета по објектот“! Влеговме внатре, тука започнато, таму недовршено, онаму зјае, ваму не се минува, ама, пуст мерак, продолжуваме, стигнуваме до сцената и гледаме во бетонскиот под! О ровја, сцената, која е срцето на театарската машина и која во дваесет и првиот век треба да биде современа технологија придвижувана од модерни и атрактивни системи, во суштина е залиена во бетон! Не можевме да поверуваме во тоа што го гледаме! Сфаќаме, овие, наместо модерен театар во кој гледачите ќе уживаат во сценската магија, во суштина проектирале и изведуваат „селски задружен дом“, кој ќе служи за потребите на локалните патрони и училишни приредби. Свиткавме глава, се покајавме сто пати што воопшто отидовме и заминавме. Се симнуваме по Леблебиџиската улица, спомнуваме некадарност, ајљази, незнаење и благодатите од таа состојба, надополнуваме со муфлузи, будали, арамии, чалкаџии, малаци и разни други на некои од вас познати занаети и вештини својствени како епитети на луѓето од тие краишта, кои се сила и власт во светот на политиката и управуваат со нашите животи! Ама, академикот Маџунков, тие што го познаваат јасно разбираат со кого сум се фатил за работа, не сакаше да го оставиме ова така, ко да не било, па ми даде задача да напишам писмо, во кое ќе опишам што точно сме затекнале и виделе и да го испратам до министерката за култура и до Заводот и музеј. Го напишав писмото, академикот го одобри и го испратив на посочените адреси. И после дојде 2017, па, веќе знаете – сѐ отиде по ѓаволите! Веројатно и писмото мое и на академикот стасало до некое од оние културни министерски чекмеџиња каде што се чуваат неважни писма од академици и уметници. И заборавив на сето тоа. Така си мислев.
Пред неколку месеци, по мојот долгогодишен личен егзил од родниот крај (причините ги знаете!), се вратив дома, во градот што го доживеав како ослободен од најголемото зло што го нашло по оној кобен јули 1913 година во деновите на Втората балканска војна кога Струмица била изгорена до темел. Ѓаволот ко ѓавол, не мирува, ме натера да побарам да отидам да видам до каде се работите со стариот театар?! Претпоставувате веќе, нели, сѐ си беше таму каде што го оставивме оној ден кога пред десет и кусур години, академикот Маџунков и јас го посетивме градилиштето.
Искрено, во тој момент бев лут на сите, особено на себеси за тоа што се случи во мојот град. Немоќно сведочев како по изборите во 2008 година градот беше политички продаден на едно криминално семејство и нивните трабанти, инаку новодојдени селанчишта, кои од некогашниот културен и уметнички центар на тој дел од светот направија паланка што ги изгуби и својот дух и својата душа! Бев гневен на тоа што се случуваше пред моите очи, а не можев да сторам ништо. И решив да си заминам. Телом. Душата, секогаш го бара родното место. Родното место на литературата, според академик Маџунков. Да, сега разбирам, за нас што таму сме се родиле сме се обликувале како луѓе и уметници, тој град е и родното место на нашето творештво. Но оваа приказна, во суштина, почнува десетина години подоцна.
Во 2026 г., рано лето, ги почнувавме подготовките на терен за годинашниот фестивал „Преку езерото“. Во суштина тоа подразбира обиколка на локалните сали, сцени, домови и центри за култура, кои се градски, но и национални установи. Бараме адекватни места и простори каде што би можеле да одржиме филмски проекции, да направиме работилници, дебати и панели. Места што се доволно репрезентативни за во нив да се случи фестивал на кој ќе дојдат гости од десетина земји од Медитеранот и од Балканот. Сакам да се покажам, да се пофалам пред светот дека не сум дрво без корен! Не е срамота да се фалиш со нешто убаво, нели? И одеднаш се соочувам со фактот дека од денот кога сум заминал од Струмица, мојот роден град е претворен во урнисана, уништена, растурена, деморализирана, тотално девастирана и декултивирана паланка! Градот и регионот што во суштина треба да бидат на првата линија на одбраната на она што секој ден политичарите по телевизии го дефинираат како нападнат културен, творечки, уметнички, историски и духовен идентитет на нацијата, во суштина е претворен во пуста земја! Се враќам во моето детство, кога Центарот за култура во тој град сè уште го носеше името на херојот Благој Јанков-Мучето. Тоа име беше избришано од владата на СДСМ, во која министер за култура беше Благоја Стефановски, а во чии партиски кулоари другарот Зоран Заев веќе се подготвуваше како грејач на фотелјата на Бранко Црвенковски.
А токму таа институција некогаш беше средиште на сè што значеше културно достигнување, во времето кога мојата генерација ги правеше првите чекори во светот на театарската уметност. Се враќам на трилогијата на големиот македонски театарски тандем Митко Маџунков–Бранко Страврев, кои раскажувајќи ни и покажувајќи ни го минатото, во суштина ја пророкувале иднината! Во третиот дел од таа трилогија, точно во драмата „Пуста земја“, кога дедото Трендо немоќен да направи што и да е со зборови, но и со дела да им покаже на струмичани како треба вистински и достојно да живеат, решава да го крене сидрото (кое нѐ влече напред!) од неговиот кораб дојден од оној свет и да се врати назад, затоа што на овој – човечки свет за нас нема ни спас ни спасение. И на заминување струмичани го прашуваат дедото Трендо што ќе се случи со Македонија, а тој полн со гнев и презир одговара: „Од вас ќе остане само ’пуста земја’ што плива на биволско лајно на сред море“! Господи, се обидувам да го пронајдам мојот дел од вината, можеби и одговорноста за тоа што се случи од таа дамнешна осумдесет и осма година, па сѐ до денес, кога наместо да отидеме кон иднината и прогресот ние сме регресирале, ние сме се вратиле, не во темното минато, туку во темната сегашност на пророштвото дека мојот роден град навистина е претворен во „пуста земја што изгубено плови на биволско лајно на сред море“! Мора некаде да сум погрешил? Иако никогаш не сум бил на функција, не сум работел на државна служба, не сум бил член на одбори и организации што носеле одлуки за што и да е поврзано со културата и уметноста. Цел живот сум гледал да бидам на вагата каде што натежнуваат последиците, а не причините за создавање уметност. Можеби сум бегал од одговорност. Не знам, но она што го гледам денеска во Центарот за култура „Антон Панов“, кој треба да биде средиште на културниот, уметничкиот и духовниот живот на Македонија и на Македонците, драги мои, е тоа е претворено – не претерувам, верувајте ми: во пуста земја! Неваросано, паднат малтер, искршен инвентар и декор, нефункционално осветлување, затоплување, ладење, неуредни тоалети и како круна од сѐ е салонот, односно големата сала на големата сцена! Мајко мори, искршени и искубани столови од кои зјаат сунѓери и шрафови, наоколу има само дупки, кои како расипани заби гнојат наместо некогаш удобните салонски фотелји, на друга страна се пополнети со дрвени и метални столчиња домакнати од некој локален селски задружен дом, излитен под, девастирана акустика, колабирано осветление, кабли што се влечат по ѕидовите од сцената до контролната конзола, уништена техника, небаждарени чиги, нефункционална сценска техника, подјадени од молци суфити и платна, со остаток од плишана завеса, веројатно земена од диплите на стариот театар, замаскирана е искршената рампата под која зјаат шајки и пулови! Зборувам со сега одговорните.
Голем дел од нив се мои другари, пријатели и соистомисленици и знам дека сакаат да го поправат сето тоа. Се срамат од тоа што го гледаат – тие за разлика од мене секој ден. Имаат ентузијазам. Се прашувам од каде? Подготвиле проекти. Планови. Финансиски конструкции. Ама попусто, немало политичка волја! Да! Предвидените и доделени средства за санација годинава им биле одземени! Министерството за култура им ги одзело и ги потрошило – за што?! За санација на истиот центар и изградба на истиот театар во Прилеп, можеби? Во овие денови кога културата треба да биде нашето најсилно – ние немаме оружје за борба! Одземено ни е! Да, театарот, филмот, културата, уметноста, тоа се оружје за борба, посилни и помоќни од сите пушки, господо и другари политичари. Културата и уметноста се патрони, бомби, ракети и дронови! Не го разбравте ли Војдан Чернодрински? А Васил Иљоски? Можеби Ристо Крле? И ниту Антон Панов, чие име го носите, гледам не за да биде гордост, туку за да биде срамота. По ѓаволите, зошто мене ова треба да ме засега? Кој сум јас? Што сум јас? Зошто не можам да ја свртам главата? Да му се сневиди!
Пак ли сме продадени? Како во 2008? Како во 2011? Како во 2017? Зошто сето ова се повторува?! Прашањево не ми дава мир! И не е реторичко. Барам одговор.
Во драмите на Митко Маџунков има многу мудрости, филозофија, поуки, метафори, ама и пејоративности, кои некогаш зборуваат повеќе од сите зборови што можат да се наречат пристојни. Мојата омилена пцост, токму од трилогијата „Пуста земја“ е: „ебави самсаљето“! Извинете што пцујам. Ама сѐ друго сум ви кажал. И напишал. Не еднаш и не двапати.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа прима“































