Фото: Игор Бансколиев

Како карактеристики на сезоната, „Скај спорт“ ги посочи физичката доминација на Манчестер сити, порастот на позициската флуидност, опстанувањето на промовираните тимови, највисокото ниво досега на задржување време, повторното раѓање на бројот девет, офсајд-стапицата на Астон вила, рекордните отпуштања тренери…

ФУДБАЛ – ЗАВРШИ СЕЗОНАТА ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА

Сезоната во Премиер-лигата заврши, а „Скај спорт“ направи анализа кои трендови се појавија за време на драматичната сезона во можеби најсилната лига во Европа.
Подготвеноста на Пеп Гвардиола да се приспособи и да еволуира долго време беше една од неговите најголеми предности, но сезонава тој ја крена на нови нивоа, промена во средината на сезоната што му помогна да го инспирира незапирливиот од на Манчестер сити до титулата во Премиер-лигата. Сѐ почна кога во јануари го испрати Жоао Кансело на заем во Баерн, Гвардиола го искористи Рико Луис како стопер, а тој дури се обиде да го стави Бернардо Силва таму. Наскоро, сепак, тој реши дека одбранбената ранливост на Сити бара поинакво решение.
Гвардиола го најде тоа со користење „соодветни одбранбени играчи“, играјќи бековска четворка со Кајл Вокер, Рубен Диас, Мануел Аканџи и Нејтан Аке за победата со 2-0 на мечот со Њукасл во март, а потоа го замени Вокер со Џон Стоунс за да има четири централни дефанзивци во победата со 1-0 над Кристал Палас една недела подоцна.
– Најголемиот чекор годинава беше тоа што сите во задната четворка беа вистински дефанзивци. Победи го твојот дуел, во нашиот шеснаесетник добиј го твојот дуел. Во минатото го немавме тоа – изјави Гвардиола за „Скај спорт“.
Промената се совпадна со серијата од 12 победи што го издигна Сити над Арсенал. Во истиот период ги совлада и Баерн и Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Тимот прими само девет гола на 20 меча во сите натпреварувања, за тоа време и физичката моќ на овој тим на Манчестер сити можеше да се види.
– Ова е најфизичкиот тим на Пеп Гвардиола што некогаш сме го виделе, мислам – забележа неодамна Гери Невил.
Навистина, додавањето на Ерлинг Холанд значи дека Сити се трансформира и офанзивно и дефанзивно, а во текот на сезоната Гвардиола покажа сѐ поголема подготвеност да го искористи. Во победата со 3-1 над Арсенал на гости во февруари, Сити триумфира и покрај тоа што имаше само 36 отсто посед, најниската бројка досега забележана од еден од тимовите на Гвардиола, наместо тоа да користи директен пристап за да го победи тимот на Микел Артета. Сето тоа изгледа сосема надвор од стилот за Гвардиола, чиј акцент на техничките делови во Барселона ја трансформира модерната игра, но каде што тој оди, другите неизбежно следат, пишува „Скај спорт“.

ДОПОЛНИТЕЛНИ ИГРАЧИ ВО СРЕДНИОТ РЕД

Сезонава се чинеше дека составување на тимот во традиционална формација не ја кажува вистинската приказна за тоа како таа екипа ќе се обликува кога има и кога нема топка за време на натпреварот. Тие познати формации 4-3-3, 4-4-2 и 4-2-3-1 се премногу поедноставени за покомплексните позициски игри што тренерите ги бараат од своите играчи. Од почетокот на сезоната, улогата на Олександр Зинченко да зачекори во средниот ред од лев бек му даваше на Арсенал често одлучувачка нумеричка предност во средниот ред. Тоа беше голем дел од нивната форма во првата половина од сезоната. Подоцна, Рико Луис изврши слична улога од десен бек за Манчестер сити, формирајќи дел од средниот ред заедно со Родри. Тоа беше тренд што се фати, Трент Александер-Арнолд го направи истото во Ливерпул, а Паскал Грос ги стави своите вештини за игра во средниот ред од десен бек за Брајтон. Крајната цел беше да се обезбедат дополнителни играчи во средината на теренот и да се создадат вишоци во важни области. Потрага по простор.
Но не беше само со посед на топката кога тимовите покажуваа флексибилност. Не е нов феномен тимовите да се бранат во различен состав од тоа како напаѓаат, но сезонава стана јасно како тимовите го менуваат пристапот во и надвор од посед.
Класичната формација 4-4-2 оживеа, но сето тоа го прави незгодно за новинарите и за навивачите да ја дефинираат поставеноста на тимот во јасен, едноставен ред на бројки, а сложените модели додадоа фасцинантен елемент во тактичките битки во Премиер-лигата сезонава, пишува „Скај спорт“.
Ова беше и сезона во која првпат сите три промовирани клуба од лани опстанаа (Фулам, Борнмаут и Нотингем форест). Не само тоа, сите тие зазедоа безбедно место на табелата многу пред крајот на сезоната.

МНОГУ ЗАДРЖУВАЊЕ ВРЕМЕ, МАЛКУ ФУДБАЛ

Задржувањето време се искачи на највисоко ниво на сите времиња. Премиер-лигата сезонава беше една од најинтересните на двата краја на табелата, но понекогаш беше поинаква приказна за време на натпреварите. Со податоци од претпоследното коло речиси е сигурно дека сезоната 2022/2023 ќе заврши со најмалку одигран фудбал, пропорционално, од која било сезона во историјата на Премиер-лигата, пишува „Скај спорт“. Уште во јануари, податоците на „Скај спорт“ покажаа дека топката до тој момент била во игра помалку од 56 отсто од времето на мечевите во текот на годината, најниско ниво на сите времиња. Оттогаш работите станаа уште полоши. Само 55,7 отсто од секој натпревар во просек виделе каков било фудбал. Речиси 45 проценти од времето кога гледачите се на трибините, топката е надвор од игра. Премиер-лигата има втор најлош резултат во најсилните пет европски лиги.

ТРЕНЕРСКИ СМЕНИ

Рекордни 13 менаџери беа отпуштени во Премиер-лигата сезонава. Десет од тие заминувања беа во клубови од долниот дел на табелата: Бурнемут, Вулверхемптон, Астон вила, Евертон, Кристал палас, Лестер, Саутемптон и Лидс. Доброволното заминување на Греам Потер од Брајтон за да го замени Томас Тухел во Челси во септември, пред да биде ослободен во април, го зголемува бројот на менаџерски промени во текот на оваа сезона на 14, што е четири повеќе од која било друга сезона во историјата на Премиер-лигата.

ВРАЌАЊЕ НА БРОЈОТ ДЕВЕТ

Манчестер сити лани го освои трофејот во фудбалската Премиер-лига со т.н. лажна деветка, но беше во потрага по напаѓач во Хари Кејн, пред да го сврти вниманието кон норвешката гол-машина Ерлинг Холанд, пишува „Скај спорт“. Холанд постигна 36 првенствени гола, соборувајќи го рекордот од 34 погодока, поставен од Алан Ширер и од Ендрју Кол пред речиси 30 години.
Кејн, пак, постигна 30 гола во борбениот тим на Тотенхем, што претставува негов најдобар заеднички резултат во една сезона (претходно во 2017/2018). Напаѓачите на Англија, Иван Тони и Калум Вилсон, исто така, се најдоа во првите пет на листата, Маркус Рашфорд е на шестото место по неговата серија голови по Светското првенство и често играше во врвот на нападот, додека крилните напаѓачи Мохамед Салах и Габриел Мартинели беа, исто така, меѓу најдобрите седум стрелци
Во минатата сезона меѓу најдобрите 10 стрелци, класичните центарфори забележаа вкупно 50 гола, а сезонава таа бројка се искачи на 133, без головите на Рашфорд. Бројот девет се врати. Н.М.


Пристигнуваат учениците на Гвардиола

Сезонава во англиската фудбалска Премиер-лига беше уште една триумфална за Пеп Гвардиола и може дури да стане историска во следните неколку недели. Но вештината и влијанието на Гвардиола не се покажаа само со успехот на Манчестер сити, туку и со појавата на голем број главни тренери што сакаат да ги следат неговите стапки.
Очигледен пример е Микел Артета, кој помина повеќе од три години работејќи како помошник на Гвардиола во Сити, пред да замине во Арсенал, со неколку сезони на постепено подобрување, кои кулминираа со вистински притисок за титулата сезонава.
Манчестер јунајтед се врати во Лигата на шампионите под водство на Ерик тен Хаг, кој беше на чело на Б-тимот на Баерн додека Гвардиола беше тренер на сениорската екипа, а Брајтон првпат се квалификува за Европа под водство на Роберт де Зерби, кој откри дека шефот на Сити го инспирирал за тој да стане тренер.
Не е само Премиер-лигата каде што може да се види влијанието на Гвардиола. Барнли ја освои титулата во дивизијата Чемпионшип под водство на Винсент Компани, поранешниот капитен на Сити, кој ги промени тимот и стилот на игра во неговата прва сезона како тренер во Англија. Во меѓувреме, Чаби Алонсо, кој беше донесен во Баерн од Гвардиола кон крајот на неговата играчка кариера, го однесе Баер од долниот дел на Бундеслигата до квалификациите за Конференциската лига во неговата прва тренерска работа. Сево ова значи дека веќе не е доволно да се гледа Гвардиола како можеби најуспешниот тренер на неговата генерација, тој е веројатно и највлијателниот, пишува „Скај спорт“.


Извонредната офсајд-стапица на Астон вила

Откако Унаи Емери ја презеде тренерската функција во фудбалскиот премиерлигаш Астон вила во ноември, противничките тимови имаа големи главоболки за тоа како да ја пробијат одбранбената структура на Емери. Во претходните 15 меча Вила прими само осум гола. Во срцето на оваа дефанзивна изведба е нивната способност да ги фатат играчите во офсајд.
Играчите се многу синхронизирани, а тоа бара од противникот да бидат совршени со своите додавања и со трчањето зад линијата, па дури и ако успеат да ја пробијат, голманот Еми Мартинез обично е таму и чека како последна линија од одбранбената структура на Вила. Откако Емери е во Вила тој тим фати 102 противнички фудбалери во офсајд, 34 повеќе од следниот најдобар тим, Ливерпул, кој беше познат како крал на офсајдот во претходните три сезони.