Фото: Игор Бансколиев

Улогата на експертската работна група за уставни измени, формирана од Министерството за правда, е (не)формално завршена на крајот од минатата недела и сега, според процедуралното сценарио, реализацијата на условот од францускиот предлог институционално ја презема Владата, која текстот на предлог-измените треба да ги достави до Собранието.
Претседателката на работната група, Маргарита Цаца-Николовска, изјави дека со предлог-иницијативата се предлага промените да бидат во делот на преамбулата, со тоа што „после бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“. Втората измена е во делот за дијаспората и во амандманот 34, кој е заменет со членот 49 и амандманот 2. И во овој член и амандман се повторува постапката на додавање на истите зборови „по бошњачкиот народ“. Претседателката на работната група наведува дека има потреба за измена и во делот што се однесува на Комитетот за односи меѓу заедниците, поради тоа што сега би се појавиле поголем број народи што можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитетот на заедници.
– Тука е бројот 43, испочитуван е паритетот, со тоа што по 16 члена од редовите на пратениците во Собранието од редовите на Албанците и Македонците, по еден од редот на пратениците во преамбулата, со тоа што доколку некоја од заедниците нема пратеници, тогаш останува народниот правобранител по консултации со релевантните претставници на тие заедници да предложи членови на комитетот – наведува Цаца-Николовска.
Работната група изготвила и кратко образложение за иницијативата и нејзината основаност и оправданост. Наредниот чекор е предлог-иницијативата за уставни измени да се разгледува на седница на Владата.

Уставни измени во функција на редуцирање на носителот на државноста?!

Во условот од т.н. француски предлог за внесување на Бугарите во македонскиот устав, за да започне отворањето на поглавјата во преговарачкиот процес со ЕУ, иако навидум „наивен и технички“, македонската јавност уште веднаш препозна тенденција за редуцирање на државотворноста на македонскиот народ, односно одземање на статусот дека Македонија е национална и единствена држава на македонскиот народ.
– Ноторен факт е дека ниту во францускиот предлог ниту во кој било друг официјален документ со кој македонската влада се обврзала да спроведе уставни промени заради „внесување“ други народи во Уставот, не се вели дека тие народи треба да добијат статус на „државотворни“ и дека поради тоа треба да се промени преамбулата на Уставот…
…Бугарската држава официјално бара Бугарите во Македонија да бидат внесени во Уставот како државотворен народ. Тоа е кажано експлицитно од бугарски официјални лица во повеќе пригоди…
…Кој и да презел обврска да ја промени преамбулата, со цел Бугарите да бидат запишани во неа како државотворен народ, не може таа обврска да ја оправда со заклучоците на Советот на ЕУ со кои е прифатена преговарачката рамка со ЕУ (францускиот предлог), ниту со фамозниот протокол 2, потпишан меѓу Скопје и Софија. Во тие два документа се зборува за уставните промени како предуслов за почеток на преговорите меѓу Македонија и Европската комисија – пишува во својата анализа новинарот Бранко Героски.
Од исклучително значење е да се обрне внимание на забелешката на повеќе неформални извори, кои забележаа дека „за краткото време на постоењето на работната група за уставни измени, во јавноста беа пласирани информации дека има и предлог за – доработка на преамбулата со што ќе се засили наративот за посебноста на идентитетот на македонскиот народ, за да се нагласи разликата со Бугарите, кои треба да бидат внесени во Уставот“.
Токму тука, нашите извори и соговорници обрнуваат внимание на една суштинска финеса со која ѝ се одвлекува вниманието на јавноста. Имено, уставните експерти предупредуваа(т) дека со бараните измени се доведува во прашање државотворната улога на македонскиот народ како носител во создавањето и функционирањето на сопствената национална држава (не се работи за идентитетот и за јазикот, туку за статусот на државотворност на македонскиот народ и унитарниот карактер на државата). Во таа насока, дефокус за јавноста беше тврдењето дека „не се доведуваат во прашање македонскиот идентитет и постоење“, затоа што тоа е апсолутно точно, бидејќи и тоа е темелна уставна аксиома. Но со таквото тврдење како факт, не треба да се покрива и затскрива другиот факт, дека со измените дефинитивно се доведува во прашање статусот на македонскиот народ, кој, како таков, треба да биде носител на државноста!
– Во уставната преамбула се потенцира кој и по чија волја го донесува Уставот, дадени се целите, се наведуваат и темелите на државноста, карактерот на државата, носителот на државноста. Имено, токму во преамбулата се содржат најсензитивната супстанција на Уставот и фундаментите на државата чија генеза и дефинирање се наоѓаат токму тука – вели универзитетската професорка по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска.

Можни ли се уставни измени за надминување на нечии заблуди

Со претходните интервенции во македонскиот устав, во голема мера се смени карактерот на државноста на Македонија, што во практика создаде предизвици од многу недоречености, од обичниот граѓанин, до правните експерти и политичарите. Најголемиот предизвик досега (пред барањето Бугарите да бидат внесени во македонскиот устав) беше состојбата на губење на смислата на Македонија како унитарна држава со еден мнозински државотворен народ и меѓународно воспоставениот концепт на малцинства. Во „иновациите“ воспоставени во македонскиот устав, категоријата „малцинства“ е претворена во една категорија „делови од народ“ што во меѓународното и во внатрешното право имплицира дека сите наброени (делови од народ) се носители на државноста на Македонија. Штом во еден уставен текст, како наративот на преамбула, фигурира терминот „народ“ за да се опише „малцинство“, се остава простор за креирање други општествено-правни состојби, почнувајќи од нормативниот дел во самиот устав, па преку амандмани на истиот тој и законски решенија, кои наместо да го разработуваат и прецизираат нормативниот дел, тие уште повеќе го комплицираат и заплеткуваат. Токму тоа создава простор за разбивање на концептот на унитарност по „процедурален пат“. Таквиот предизвик за унитарноста на Македонија и носечката државотворност на македонскиот народ се зголемени со притисокот Бугарите да бидат внесени во Уставот како уште еден „дел од народ“.
– Според текстот на преамбулата, во која треба да бидат „впишани“ и Бугарите, изворите на македонската државност пред 1945 година се Илинденското востание со Крушевската Република и АСНОМ, а според нормативниот дел од Уставот – македонскиот јазик. Бугарите од Македонија и од Бугарија не го признаваат македонскиот карактер на Илинден 1903-та и не ги признаваат одлуките на АСНОМ од 1944-та. При „внесувањето“ на Бугарите во преамбулата, значи, неопходно е некако да се надмине таа противречност… Повеќепати имам напишано дека полезно би било Бугарија со декларација со уставна сила да ги признае наративите од македонскиот устав за македонскиот идентитет, за самобитноста на македонската нација и за генезата на современиот македонски јазик до извориштата во старословенската писменост. Така би се отстраниле сите пречки и разложниот отпор кон идејата Бугарите да станат „државотворен народ“ во Македонија. Така би се убедиле сите дека државната творба за која тие сакаат да се запише дека е и нивно дело имено е самостојна и независна Македонија, а не некоја актуелна или идна „втора бугарска држава“ – вели Бранко Героски во својата анализа.
Сепак, суштински предизвик во оваа фаза на македонската државност е да бидат пронајдени експертски капацитети и политичка волја за рафинирање на Уставот како национален устав со мнозински македонски државотворен народ и малцинства со еднакви граѓански права, според меѓународноправните стандарди, дефинирани во актите на Обединетите нации, Советот на Европа и воопшто во меѓународното право. Само на тој начин, со еден рафиниран, чист концепт на устав ќе се отстранат сите противречности и заблуди на загубените стратегиски насоки на развој и одржливост на македонската држава, која правејќи им услуга на своите тутори, попатно ги загуби компасот и мапата наследени од генерациите што знаеле каква држава сакаат за својот народ и за оние што живеат на територијата на Македонија.