Македонија ќе биде 16-та земја во која ќе се одржи летното издание на ЕМОФ, мултиспортскиот настан за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години, кој се одржува секои две години

Управниот одбор на Европските олимписки комитети (ЕОК) ја прифати кандидатурата на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и во 2025 година Скопје ќе биде домаќин на 18-то издание на летниот Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ).
Во текот на годинешното издание на Европскиот младински олимписки фестивал во Марибор (Словенија) беше потпишан и договор за соработка помеѓу ЕОК и МОК за организација на ЕМОФ во 2025 година во Скопје, информира МОК.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, и генералниот секретар на Македонскиот олимписки комитет, Сашо Поповски, од една страна, и претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос, го потпишаа меморандумот за организација на ЕМОФ 2025, а договорот содржи делови што се однесуваат на основните принципи на организација на игрите, сместување, организација на различни функционални области, спортска инфраструктура, утврдување листа на спортови на игрите, церемонии, финансиски, маркетинг и комерцијални прашања, пиар и медиуми и други ставки поврзани со успешната организација на игрите, кои ќе се одржат во периодот 20 до 26 јули 2025 година, пишува МОК.
Европскиот младински олимписки фестивал е мултиспортски настан за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години, кој се одржува секои две години. Натпреварувањето до 1999 година беше познато како Европски младински олимписки денови.

Досега домаќини на летниот Европскиот младински олимписки фестивал биле Брисел (Белгија, 1991 година), Валкенсвард (Норвешка, 1993), Бат (Велика Британија, 1995), Лисабон (Португалија, 1997), Есбјерг (Данска, 1999), Мурсија (Шпанија, 2001), Париз (Франција, 2003), Лињано Сабијадоро (Италија, 2005), Белград (Србија, 2007), Тампере (Финска, 2009), Трабзон (Турција, 2011), Утрехт (Холандија, 2013), Тбилиси (Грузија, 2015), Ѓер (Унгарија, 2017), Баку (Азербејџан, 2019), Банска Бистрица (Словачка, 2022) и Марибор (Словенија, 2023).
Зимските ЕМОФ, пак, досега се одржале во 15 земји, и тоа во Италија (двапати), Андора, Шведска, Словачка, Финска (двапати), Словенија, Швајцарија, Шпанија, Полска, Чешка, Романија, Австрија, Лихтенштајн, Турција и во БиХ.
На летниот Европски младински олимписки фестивал се натпреваруваат по околу 2.500 спортисти од 50-те земји-членки на Европските олимписки комитети, во десетина олимписки спорта. Македонија на годинашниот ЕМОФ што минатата недела се одржа во Марибор имаше претставници во џудо, пливање, атлетика и во гимнастика. Н.М.


Некои светски ѕвезди имале успешен настап и на ЕМОФ

Летниот Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ) првпат беше одржан во Брисел (Белгија), во 1991 година, а зимското издание почна во Аоста (Италија), во 1993 година.
ЕМОФ е натпреварување на кое во минатото настапувале и освојувале медали некои подоцнежни врвни светски спортисти, како на пример, меѓу другите, Габриела Сабо (атлетика), Јелена Остапенко, Жастин Енан Арден, Данил Медведев, Стефанос Циципас (тенис), Мартин Кох, Петер Превц, Анже Ланишек, Тими Зајц (скијачки скокови), Јаница Костелиќ, Ања Персон, Корин Сутер, Илка Штухец, Хенрик Кристоферсен (алпско скијање), Марит Бјерген (нордиско скијање), Петер ван ден Хогебанд (пливање), Евгениј Плушченко (уметничко лизгање), Естер Ледецка (алпско скијање и сноуборд)…