Фото: Игор Бансколиев

Силекс го брани трофејот освоен лани, а претходно триумфира и во 1994 и во 1997 година. Македонија ЃП славеше во 2006 година

ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА ФИНАЛЕ НА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА

Силекс и Македонија ЃП денеска ќе играат во финалето на фудбалскиот Куп на Македонија на арената „Тодор Проески“ во Скопје (од 18 часот). Тимот од Кратово, повратникот во Првата лига, кој го брани трофејот од лани, во полуфиналето го победи Пелистер. Силекс претходно освои уште два куп-пехара, во 1994 и во 1997 година.
– Ние сме единствениот второлигаш што ќе го брани трофејот. Сезонава приоритет ни беше враќањето во Првата лига, играњето во финалето ни доаѓа како награда. Ќе дадеме сѐ од себе да победиме. На вакви натпревари нема фаворити, но Македонија ЃП како прволигаш има мала предност. За мене ова е трето финале, едно добив, едно загубив, зошто утре да не биде трета среќа за мене – изјави Горазд Михаилов, тренерот на Силекс, на вчерашната прес-конференција.
Македонија ЃП, која во полуфиналето ја победи Струга, во четвртото финале во Купот на Македонија во клупската историја, ќе се обиде да го освои вториот трофеј. Ѓорчепетровци триумфираа во 2006 година.
– Македонија ЃП е заслужено во финалето, подготвени сме за него, очекувам интересен натпревар и сметам дека имаме квалитет за да го освоиме трофејот. Ги знаеме квалитетите на Силекс, одгледав повеќе нивни натпревари и јасно е дека станува збор за одличен тим воден од одличен тренер и буквално се прошетаа низ Втората лига. Ова е прво финале за мене како тренер, посакувам и прв триумф – изјави тренерот на Македонија ЃП, Муарем Бајрами.
Најмногу трофеи во Купот на Македонија освои Вардар, пет (во 1993, 1995, 1998, 1999 и во 2007 година), Работнички има четири (2008, 2009, 2014 и 2015), Слога Југомагнат (1996, 2000, 2004) и Силекс освоија по три (1994, 1997, 2021-та) итн.