До понеделник следува второто коло, по кое некои репрезентации можат да обезбедат пласман во осминафиналето. По првите 16 меча на СП 2022, разговаравме со македонски фудбалски тренери за резултатите, ВАР, изненадувањата…
ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР
Првото коло на фудбалското Светско првенство (СП) во Катар донесе доста голови, и покрај многуте ремија 0-0 (вкупно четири, рекорд за прво коло), неколку изненадувања, доста возбудливи моменти, рекорди… До понеделник следува второто коло, по кое некои репрезентации можат да обезбедат пласман во осминафиналето. По првите 16 меча на СП 2022, разговаравме со македонски фудбалски тренери за резултатите, ВАР, изненадувањата…
– Бразил, Шпанија, Англија и Франција со воведниот натпревар ја потврдија својата кандидатура за светскиот трон, особено Бразил. Франција дејствуваше доминантно, исто може да се каже и за Шпанија, но со пристапот секако дека дејствува многу моќно. Другите фаворити беа неубедливи, но, сепак, Холандија, Белгија, Португалија забележаа победи и психолошки се порастоварени за разлика од Аргентина и од Германија. Изненадување, секако, е поразот на Аргентина, но мора да се истакне тактичката поставеност на Саудиска Арабија, која навистина дејствуваше маестрално, со високо поставена последна линија, балансот меѓу линиите, со кои ги изненади Аргентинците, кои немаа противигра, иако имаа посед на топката, но не успеаја да го валоризираат тоа. Ме изненади Канада, која беше многу подобар противник од Белгија и ако постигнеше гол од пенал при 0-0, можеби мечот ќе завршеше во нејзина корист. Репрезентациите од азискиот дел се гледа дека доста напреднале и вложувањата даваат плод. ВАР мислам дека во одредени ситуации помага да се видат некои спорни ситуации, но и при прегледот кај некои имаше грешка од самите судии. Имаше ситуации во кои ВАР не беше повикан иако мислам дека можеше, но во секој случај, колку е добар, толку и негативно влијае врз играта и нејзиниот краен исход – вели македонскиот тренер Горазд Михајлов.
Поранешниот македонски селектор Ѓоре Јовановски вели дека е голем приврзаник на технологијата ВАР.
– И пред почетокот кажав дека ова СП ќе биде едно од најинтересните и најнеизвесни. Условно кажано, и кај оние мали репрезентации што пред 10-15 години беа аутсајдери, сега гледаме дека и кај нив фудбалот многу напреднал, не само во играта туку и на тактичко-технички и физички план. Овие порази на фаворитите Аргентина, Германија и не се толку изненадувачки колку што се чинат на прв поглед. Голем приврзаник сум на технологијата ВАР, без разлика какво е мислењето на луѓето. Судиски грешки ќе има, а со тоа и полемики, но оваа технологија ќе ги решава сите дилеми, оти влогот е голем – вели Јовановски.
Кочо Димитровски, некогашен фудбалер на Вардар, ги издвојува поразите на фаворитите како белег на колото.
– Поразите на Аргентина и на Германија, кои се заслужени, секако дека го обележија првото коло. Едноставно, се виде дека денес секој секого може да победи. Импресионира Бразил. Многуте нерешени средби се резултат на фактот што повеќето селекции тактизираат во воведното коло, плашејќи се да не загубат, па не играат многу офанзивно. Што се однесува до ВАР, еве на пример, за мене, пеналот на Кристијано Роналдо не беше за пенал и не знам зошто судијата не беше повикан да го погледне подобро прекршокот. Но, гледано целосно, ВАР е добар, покрај другото што и послабите репрезентации се заштитени од евентуални сомнителни голови – вели Димитровски.
Ѓоко Хаџиевски, некогашен македонски селектор, вели дека технологијата ВАР е добра, но од друга страна, пак, многу го кочи фудбалот.
– Освен поразите на Аргентина и на Германија, другите резултати се горе-долу очекувани. Не е изненадување играта на азиските репрезентации, оти сум бил тренер таму и многу добро го познавам тамошниот фудбал. Така, на пример, Саудиска Арабија не можеш да ја ставиш во ранг со Костарика, оти со години има поквалитетни фудбалери. Саудиска Арабија има девет фудбалери што играат во Ал Хилал, најголемиот клуб во Азија, но ние тука многу малку знаеме за нив. Ги познавам уште кога некои имаа 19 години, а сега се големи ѕвезди, како стрелците на головите. Технологијата ВАР е добра, но од друга страна, пак, многу го кочи фудбалот, со проверувањата. Но ако еден судија е повикан да гледа пет-шест пати на екран сомнителни ситуации, тој треба да биде и санкциониран, поради неправилно донесените одлуки. Репрезентациите не се доволно сигурни во себе, па затоа гледавме толку нерешени резултати во првото коло – вели Хаџиевски. Г.И.; Г.М.
Трето најефикасно прво коло
По првите 16 натпревари на фудбалското Светско првенство (СП) во Катар, постигнати се 41 гол (во просек 2,56 по натпревар), три повеќе од минатото СП (кога просекот беше 2,38), но осум помалку од Мундијалот во 2014 година (3,06 отсто), рекорд откако од 1998 година на планетарните шампионати играат по 32 репрезентации. Следно прво коло според вкупната ефикасност е СП 2002, со 46 погодока (2,88 гола по средба). Поединечно, не е постигнат ниту еден хет-трик (три гола од еден фудбалер на еден меч), а шест фудбалери постигнаа по два погодока, и тоа Оливие Жиру (Франција), Ричарлисон (Бразил), Букајо Сака (Англија), Мехди Тареми (Иран), Феран Торес (Шпанија) и Енер Валенсија (Еквадор). На листата со асистенти по две имаат Бруно Фернандеш (Португалија) и Хари Кејн (Англија).
СП 2022, ПРВО КОЛО
Катар – Еквадор 0-2
Сенегал – Холандија 0-2
Англија – Иран 6-2
САД – Велс 1-1
Аргентина – С. Арабија 1-2
Мексико – Полска 0-0
Данска – Тунис 0-0
Франција – Австралија 4-1
Мароко – Хрватска 0-0
Белгија – Канада 1-0
Германија – Јапонија 1-2
Шпанија – Костарика 7-0
Швајцарија – Камерун 1-0
Бразил – Србија 2-0
Уругвај – Јужна Кореја 0-0
Португалија – Гана 3-2
СП 2022, ВТОРО КОЛО
Велс – Иран 0-2
Катар – Сенегал синоќа
Холандија – Еквадор синоќа
Англија – САД синоќа
ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА
Тунис – Австралија 11 ч.
Полска – Саудиска Арабија 14 ч.
Франција – Данска 17 ч.
Аргентина – Мексико 20 ч.
ДВОЈКИ ЗА УТРЕ
Јапонија – Костарика 11 ч.
Белгија – Мароко 14 ч.
Хрватска – Канада 17 ч.
Шпанија – Германија 20 ч.