Новиот уред дизајниран од германска компанија претставува еден вид аларм со точни ГПС-координати на сензорот што го открива пожарот

Новите технологии во служба на заштита на природата од катастрофи

Летото во 2021 година, шумските пожари предизвикаа невидена катастрофа на италијанскиот остров Сардинија, при што изгореа над 28.000 хектари шума, а беа раселени илјадници луѓе од нивните домови. Речиси половина од погодената територија изгоре во еден катастрофален пожар што го зафати регионот Монтиферу, во близината на западниот брег на островот. Сега, Монтиферу е една од десетината шумски области во светот што го тестираат новиот систем за „ултрарано“ предупредување за шумски пожари, развиен од германската стартап-компанија наречена „Дријади“, според нимфите на грчката митологија, кои живеат во симбиоза со дрвјата.

Бавна реакција на шумските пожари

Спречувањето дури и мал дел од шумските пожари би имало огромни придобивки. Климатските промени ги прават пожарите поинтензивни, а бројот на екстремни шумски пожари се предвидува да се зголеми до 14 отсто до 2030 година. Освен штетата од милијарди долари што ја предизвикуваат, честичките и хемикалиите што се резултат на пожарите се силни загадувачи, а во 2021 година шумските пожари испуштија рекордни 1,76 милијарда метрички тони јаглерод во атмосферата, што е еквивалентно на над двојно повеќе од годишните емисии на јаглерод диоксид во Германија.
Постојните системи за рано предупредување се засноваат на визуелно откривање чад, било преку сателитска снимка, камери на терен или човечки набљудувачи. Но овие системи се премногу бавни, според коосновачот и извршен директор на „Дријади“, Карстен Бринкшулте.

Уредот „електронски нос“

Компанијата „Дријада“ има цел да го намали времето на откривање шумски пожари и да ги лоцира во почетна фаза, кога сè уште не се создал отворен пламен, обично во првите 60 минути. За да го стори тоа, компанијата дизајнира сензор со соларна енергија опремен со детектор за гас. Бринкшулте вели дека уредот може да открие водород, јаглерод моноксид и испарливи органски соединенија и во основа да го „намириса“ огнот.
Откако сензорот ќе открие пожар, тој испраќа сигнал преку безжична мрежа користејќи вградена антена. Сигналот потоа се испраќа на посложени уреди и се пренесува на интернет преку сателит и 4Г. Конечно, информациите се испраќаат до шумските чуварски служби. Уредот исто така испраќа предупредување и може директно да се поврзе со ИТ-системите на локалната противпожарна бригада. Практично, тој претставува еден вид аларм со точните ГПС-координати на сензорот што го открива пожарот.

Огнено крштевање

Ваквите сензори се продаваат за 48 евра. „Дријади“, која има тим од околу 30 луѓе, го продава хардверот и исто така нуди модел на годишна претплата, која вклучува одржување и поддршка. Нејзини главни клиенти се општините и приватните шуми, како и компаниите за електрична енергија и железницата, чија опрема често е извор на пожари. Досега, стартапот има инсталирано 300 сензори на десетина локации за тестирање во Германија, Грција, Шпанија, Португалија, Турција, САД и Јужна Кореја, како и во Монтиферу во Италија. Бринкшулте вели дека овие пробни работи бараат само неколку сензори, бидејќи пожарите се подметнати намерно, а целта е да им се покаже на управителите на шумите како функционира системот. Во тестирањата, сензорите успеале да локализираат шумски пожар само за 14 минути, што зборува за ефикасноста на системот.
„Дријади“ сега бара да го зголеми производството на сензорите, со план да направи 10.000 единици во наредните месеци и 230.000 следната година. Според Бринкшулте, целта на компанијата е 120 милиони уреди да бидат распоредени до 2030 година. Со тоа ќе може да спасат 3,9 милиони хектари шума од горење, што е околу 40 отсто од површината што изгоре на глобално ниво од шумски пожари во 2021 година. Исто така со уредот може и да се спречи 1,7 милијарда метрички тони јаглерод диоксид да завршат во атмосферата.