Вкупниот награден фонд за ЕП 2024 е на исто ниво како и за ЕП 2020, вкупно 331 милион евра, објави УЕФА, која ги најави и измените во клупските натпреварувања за фудбалерки, па од сезоната 2025/2026 ќе има нов формат на Лигата на шампионите и ќе се формира второ европско клупско натпреварување
ФУДБАЛ – УЕФА ГО ОДРЕДИ НАГРАДНИОТ ФОНД ЗА ЕП 2024
Извршниот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) го одобри системот за распределба на паричната награда за репрезентациите што ќе учествуваат на Европското првенство (ЕП) в година во Германија, а износот за распределба на репрезентациите учеснички е потврден на исто ниво како и за ЕП 2020, односно вкупно 331 милион евра, објави УЕФА на својата интернет-страница.
Максималната сума што може да ја освои новиот европски шампион, ако претходно победи и во сите три натпревари во групата, е 28,25 милиони евра, пишува УЕФА
Секоја репрезентација за учеството на ЕП ќе добие по 9,25 милиони евра, секоја победа во групната фаза вреди еден милион евра, а секое реми половина од таа сума, 500.000 евра. За пласман во осминафиналето на континенталното првенство в година во Германија репрезентациите ќе добијат по 1,5 милион евра, влезот во четврт-финалето вреди 2,5 милиони, пласманот во полуфиналето четири милиони евра, вицешампионот ќе добие пет милиони, а европскиот шампион за 2024 година ќе добие дополнителна исплата од осум милиони евра, објави УЕФА.
Европската фудбалска унија објави и дека ждрепката за новата сезона на Лигата на нации, 2024/2025 ќе биде влечена во Париз, на 8 февруари 2024 година. Македонската репрезентација ќе игра во Лига Ц, а за ждрепката е сместена во третиот барабан.
Извршниот комитет на Европската фудбалска унија одобри нов формат за Лига на шампионите за фудбалерки, кој ќе се состои една лига со 18 тима, со по три натпревари дома и на гости, проследени со нокаут-рунди, а ќе се формира и второ европско клупско натпреварување. Измените стапуваат во сила од сезоната 2025/2026. Н.М.